Монопол, Кавадарци / 1925

Година: 1928

Година на изведба: 1925-1927

Автори: (нема податоци)

Извори: www.wikipedia.org.mk; https://www.facebook.com/realnokavadarci; http://rtk.mk/kavadarci/; https://zelenaberza.com.mk/

Локација: Кавадарци

 

Tутунскиот монопол, при формирањето, претставувал втора по големина работна организација во градот според бројот на вработени, веднаш по лозовиот расадник. Зградата што служела за откуп и преработка на тутунот од тутунопроизводителите на кавадаречката општина била свечено пуштена во употреба на почетокот од јануари 1928 година.

 

Панорама на Кавадарци од 1937 година
Панорама на долнореканското маало во Кавадарци од 1955 година
Местоположба на објектот во контект на градот (сателитска мапа, 2022 година)

 

Уште со формирањето, претпријатието за откуп и преработка на тутун во Кавадарци било  место каде што се формирала работничката класа во Тиквешијата и од каде што се ширеле напредните и револуционерни идеи. Многу работници од ова претпријатие подоцна станале значајни револуционери во времето на НОВ и револуцијата од 1941 до 1945 година.
На 1 април 1941 година во ова претпријатие бил организиран и спроведен штрајк на тутунските работници, како организиран отпор против ниската заработувачка и експлоатацијата од страна на нивните работодавачи. Во тоа време монополот вработувал од 250 до 300 луѓе.

 

Фотографија од дворот пред Тутуновиот монопол од 2016 година

 

Зградата на монополот започнала да се гради во 1925 година, а градежните работи биле завршени две години подоцна. Изградена била од тврд материјал и имала пет ката.

Градена е во периодот на Кралство Југославија кога се радикализираат урбаните трансформации и постои силна тенденција за потиснување на ориенталното наследство и се создава модерна развојна основа. Во овој период постои големо влијание на еклектицизмот преку архитектите кои доаѓаат од надвор, граѓанскиот слој вложува во изведба на објекти од цврст материјал, се градат станбени комплекси, објекти со јавни функции, објекти кои ја симболизираат моќта на државата.

 

 

Според сателитските мапи до 2020 година се гледа дека објектот можеби бил дел од комплекс состоен од две скоро па идентички објекти поврзани меѓусебно со мост. Денес, објектите на Тутуновиот монопол се срушени и не постојат. Во 2021 година се одржала јавна презентација и јавна анкета за Деталниот урбанистички план за блокот кај поранешниот монопол.

Несомнено е дека Тутуновиот монопол останува во сеќавањата како импозантен објект, во тоа време еден од највпечатливите и најголемите во градот.

 

Панорама на Кавадарци, објавена на разгледница за Кавадарци од 1930 година, снимена од североисточната страна на градот
Методија Андонов-Ченто со Аспарух Ј. во Кавадарци, 1937 година.

 

Насловно фото >>>

Автор на статија:

/