За мостот помеѓу најновото и најстарото Скопје

Идејата за мост помеѓу населбите Карпош и Злокуќани постои со децении. Впрочем тоа е многу нужен урбанистички потег кој би го поврзал јужниот и северниот брег на Вардар во предел каде моментално среќаваме околу 1.5км. брег без никаква пешачка патека, или околу 3км. без коловозна врска.

Оваа конекција би била уште еден катализатор за развој на северозападната зона на градот, и би допринела кон растеретување на единствениот постоечки мост на бул. 8-ми Септември.

Идејата е мостот да започнува од ул. Илинденска во Карпош како продолжеток на ул. Љубљанска која воедно води и до Сити Мол и н. Тафталиџе, а после реката да се поврзе со ул. Скупи која води до Зајчев Рид, болницата Систина и евентуално до градската Обиколница.

 

 

 

Извадок од ГУП Скопје 2012-2022 – мостот на ул. Љубљанска и локалитетот Скупи. 

 

 

 

Нешто што најретко се споменува е дека овој мост би водел кон конечно поврзување на локацијата каде прв пат е основан градот Скопје, а тоа е локалитетот Скупи.

Се надеваме дека ваквата сообраќајна врска би допринела кон актуализирање и заживување на ова значајно културно наследство. Но, сепак би можела да резултира и во целосно спротивното – забрзан развој на регионот кој ако не е соодветно планиран и организиран би можел сериозно да ја деградира историската локација.

 

 

 

 

 

 

Мостот на Љубљанска повторно се актуализира во предизборната кампања на моменталниот градоначалник Петре Шилегов. Тој ветува изградба на мостот, која во изминативе месеци почна да добива залет.

Во јули оваа година Град Скопје го сподели проектот за новиот мост, кој треба да е долг  113м. и да содржи 4 сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека во двете насоки.

 

 

 

 

 

 

Градоначалникот Шилегов го промовираше мостот како „архитектонско чудо“ бидејќи ова би бил првиот висечки мост во градот Скопје. Тој најави дека изградбата би требала да заврши за 18 месеци во 2023г. Сепак, ова би било надвор од неговиот сегашен мандат, што остава простор за скептичност за дали, како и кога навистина би се завршил овој проект.

 

 

 

 

 

 

Извор: официјална веб-страница на Град Скопје; www.porta3.mk;