27-ма Летна школа за архитектура – сесија 2018 ИГРА Лазарополе

Извори: Архитектонски факултет Скопје

Овогодинешната меѓународна Летна школа за архитектура која по 27-ми пат ја организира Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржува  од 7 јули 2018 – 15 јули 2018 година во хотелот „Калин“ во селото Лазарополе. Раководител на сесијата 2018 е проф. д-р Бојан Каранаков, а гости тутори и раководители на архитектонската работилница се еминентните архитекти ЈургенПацак-Пор (Jürgen Patzak-Poor) и Михаел Фон Матушка (Michael Von Matuschka) од проектантското биро БАРАрхитектен (BARArchitekten) од Берлин, во соработка со архитектот и урбанист КонорМолони(Conor Moloney) од Лондон.

За времетраење на Школата, учесниците ќе се обидат да развијат нов приод кон архитектонското размислување. Централната тема на експерименталното архитектонско истражување ќе биде ИГРАТА. Материјалната (не дигитална) игра претставува социјален настан како и организациски модел. Таа истовремено ги предизвикува и заедницата и поединецот. Таа ги изострува сетилата и способностите на учесниците, во социјални како и во практични услови. Од овие причини играта е замислена да допира различни академски полиња: урбани, социолошки, економски…

Комплексната структура на играта е предмет на интерес на учесниците: правилата, елементите, полето за игра, стратегијата како и елементот на случајност и среќа.

Летната школа  се развива низ различни фази како што се експерименти во 1:1 со користење на традиционални градителски техники, процесно-ориентирана анализа на постојната архитектонска состојба во населбата, водејќи кон игрива шпекулација за идниот развој на ова место, како тој може да се оствари – и оттука кои нови видови конструктивни методи и архитектонски форми може да произлезат од него.

Свеченото отворање на Летната школа за архитектура се случи на 7 јули 2018 во хотелот „Калин“ во село Лазарополе со почеток во 20:00 часот, а беше  проследено со предавање од гостите тутори, додека свеченото затворање на Летната школа ќе се одржи на 14 јули 2018 со почеток во 20:00 часот проследено со изложба на студентските трудови и церемонија на доделување дипломи на учесниците.