Недоличен однос кон професијата

Петокот, на 25.02.2022 година пред Универзалната сала во Скопје, на покана на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, претставници на ААМ (Асоцијација на архитекти на Македонија), како и проектантот Бујар Муча, со цел да се разреши дилемата околу безбедноста на новата конструкција на објектот кој е во тек на реконструкција.

За жал пресот ги премина границите на достоинственост што институциите треба ја поседуваат, особено кога јавно ги претставуваме.

Невкусен беше начинот на кој преку микрофоните од новинарите беше предизвикуван претседателот на ААМ, проф. Мишко Ралев, од страна на Градоначалничката на Град Скопје,  кој се најде на тапет по даденото соопштение  со наслов „ПОЛИТИЧАРИТЕ НЕ СЕ СТРУЧНИ ДА ОЦЕНУВААТ БЕЗБЕДНОСТ НА ЗГРАДА, ТОА ГО ПРАВАТ ИНЖЕНЕРИТЕ“.

Во обид да го презентира ставот, претседателската на  собранието на Асоцијацијата на архитекти, Искра Јанковска – Михајловска, беше грубо  прекинувана од градоначалничката, со што беше спречено деталното образложение на ставот на ААМ.

Со цел да не наметнуваме наше лично видување на ситуацијата во прилог го даваме линкот каде можете да го погледнете пресот, кој беше пренесуван во живо од страна на  MИА.mk :

 

 

Како заклучок од истото мора да подвлечеме, дека поларизираноста на македонското општество на црни и бели (слободно претспоставете ги двете политички партии) не дозволува оваа земја да оди во добар правец. Константно се соочуваме некој да биде деморализиран, поради личната партиска определеност, игнорирајќи го неговиот професионален статус. Често се соочуваме со „неопределени“ кои  сепак имаат цврста страна, па од тука сме совршено општество за манипулација.

Она кое најмногу понижува во целиот процес е спремноста на расправии наместо дискусија со цел  да се одбрани нечив став. Од тука најпонижени се граѓаните, а потоа и професијата со која не се поставуваат здрави и нормални односи во кои само професионалниот став ќе биде основа за критика. Ние не војуваме, затоа и нема причина за драматизација на секоја информација со која единствената цел е очигледно оцрнување на претходниот.

Се додека е битна „бојата“ позади вас, суштината ќе биде изгубена!

 

Фотографии: Print Screen од видеото на MИА.mk