Оаза над градот – Зајчев рид / Темова, Рамнешова, Пуреовска, Стокуќа, Блажеска

Автори: Наташа Темова, Андријана Рамнешова, Јаворка Пуреовска, Сара Стокуќа, Христина Блажеска

Педагошки тим: проф.д-р Дивна Пенчиќ, Вања Трајковски, Љубица Ефтимова

Предмет: Урбанистичко обликување 2

Проектна задача: Визии за просторен развој на град Скопје

Наслов: Оаза над градот – Зајчев рид

Локација: Зајчев рид – Скопје

Семестар:  IX семестар – 2020/2021

Универзитет:  Архитектонски факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

 

 

 

3D визуелизација – поглед кон опсерваториумот

 

 

 

Целосен концепт за градот: Фабрика на нови идеали

Скопје е познат како град на потенцијали. Иако во очите на неговите постојани станари е црно-бел филм од застоен сообраќај, преполн јавен превоз, згужвани тротоари, градилишта и квази-барокни улични фронтови, тој во себе крие многу рудници на можности. Доколку се погледне доволно длабоко во густото јадро на центарот, или доволно далеку во периферијата, може да се најдат мали парчиња неискористен потенцијал. Токму во овие изгубени простори, во градот постои можност за покренување нови иницијативи за надоградување на градот, разубавување на животната средина и збогатување на социјалните содржини, а со тоа и создавање на нови идеали за социјалниот и културниот живот во градот.

Најголемата можност за унапредување на градот се гледа во напуштените фабрики, чии стабилни структури нудат простор за ревитализација и реставрација, како и празните простори и brownfield областите, кои се потенцијал за вдомување на нови содржини. Овие урбани празнини постојат во речиси секоја наслеба во градот. Со нивно активирање, тие би станале културни и социјални жаришта, формирајќи локални мини центри низ градот. Ваквото урбано рециклирање, збогатено со нови велосипедски и пешачки линии, создаваат една густа мрежа на нови атрактивни простори во рамки на лесно достапни радиуси.

 

 

 

3D визуелизација- поглед кон опсерваториумот

 

 

 

Со ваквиот пристап, Скопје како град би зачекорил кон одржлив урбан развој, намалување на загадувањето, рационално користење на ресурси, растеретување на сообраќајниот метеж и распределување на концентрираните содржини во центарот кон периферијата.

Мртвите точки во градот би станале двигател на новите идеали, за исполнето и здраво живеење во динамични и примамливи простори. Новите центри, а и нивните кластери, би испишале нови сценарија на движење и доживување на градот, нов начин на обликување на јавните простори и нов поглед кон можностите на запуштените места и објекти.

 

 

 

 

Интегрален пресек 2-2

 

 

 

Проект: Зајчев Рид – Оаза над градот

Според анализата на brownfield областите и просторите со потенцијал на целата територија на Скопје, ја одбравме локацијата Зајчев рид. Имено, Зајчев рид е сместен во северозападниот дел на Скопската котлина во близина на утоката на реката Лепенец во Вардар, на 7km северозападно од центарот на градот. Врвот на Зајчев рид е висок 324m. На живописниот терен на највисоките точки се наоѓа античкиот град Скупи и државната управа за хидрометеролошки работи. Поврзувањето со градот е од јужната падина. Во западен правец се наѓа селото Бардовци, на северната падина поминува железничката пруга кон Кичево и Косово, а во правец исток се наоѓа Визбегово.

Зајчев рид е заборавена зелена празнина на периферијата на градот кој нуди релјефни погодности, панорамски погледи и рекреативни можности. Во неговиот контекст гледаме голем потенција, притоа и неговата одлична местоположба би се поставила како социјална врска меѓу периферното и градското.

 Во однос на концептот, како основна шема по која би се развила интервенцијата е добиена од археолошкиот локалитет Скупи, односно двете главни улици кои се протегале-кардо и декуманус, па така шемата на патеки е ортоганална, паралелна на улиците кардо и декуманус, создавајќи мрежа од орогонални патеки.

 

 

 

 

 

 

Во однос на пристапот до локацијата поставени се три влеза, од кои главниот пристап, односно поврзувањето со градот е од југ, но исто така би се поврзал и од северозападната страна кон Бардовци и од источната страна како издвојување од Качанички пат. Исто така, овозможен е колски, велосипедски сообраќај и пешачко движење, така што колскиот сообраќај завршува до паркинзите, каде што пак од таму продолжува исклучиво пешачко движење и велосипедски сообраќај.

На пресеците од ортогоналната мрежа од патеки се формираат квадрати, каде што се формираат 4 мини центри, коишто се исполнети со различни содржини, како што се: опсерваториум, видиковец, кафе/чај станици, павиљони, центар за посетители, ресторан, јапонска градина, цветна и ботаничка градина и сл. Центрите меѓу себе се поврзани со рампи, приспособени за полесно совладување на теренот и за лицата со посебни потреби.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Целата интервенција по габаритот е оградена со високо зеленило и патеките по границите на интервенцијата се за пешачко и велосипедско движење, но може да функционира и колски сообраќај, но исклучиво за потребите на ресторанот и другите објекти.

Интервенцијата е направена со цел за збогатување на хуманите потреби, социјалната интеракција, заживување на запуштените простори, односно акцентот е ставен врз човекот и секое катче во интервенцијата е наменето за човекот, т.е за неговите потреби за социјализација, рекреација, така што целата интервенција е приспособена за сите возрасти и сите профили на луѓе.

Па така, од едно запуштено и неодржувано место, добиваме оживеан простор и една оаза над градот, со содржини кои овозможуваат најразлични активности на човекот и уживање во зеленило.

од авторите

 

 

 

Сегмент од пресек 1-1, поглед кон видиковецот

 

 

 

Сегмент од пресек 1-1, поглед кон опсерваториумот

 

 

 

Интегрален пресек 1-1

 

 

 

 

 

 

3D визуелизација – поглед кон видиковецот