Образци на раст: Резидуална форма, МАТРИЦА / Кочовски, Михајловска и Гелмановска
13.02.2017 • Студентски проекти
ИНТЕГРАТИВНО СТУДИО
Автори: Александар Кочовски, Теодора Михајловска и Марија Гелмановска
Педагошки тим: доц. д-р Слободан Велевски / доц. д-р Марија Мано Велевска / доц. д-р Огнен Марина
Проектна задача: Обрасци на раст – резидуална форма
Локација: Населба Пролет, Скопје
Семестар: IX
Година: 2017
Локацијата на која се работи проектот е комплексна, составена од неколку монументи кои пловат во нејасна, неградска изградена маса. За да се артикулира опфатената област, искористена е моќта на решетката – примордијалниот типолошки датум на градот – да генерира градска форма. Новата градска матрица е составена од две решетки кои се преклопуваат и преплетуваат, а се изведени од главните структурирачки елементи на контекстот; транспорниот центар и населбата „Пролет“ ја генерираат едната решетка, а другата е изведена од трасата на јужниот булевар и улицата „Првомајска“. Матрицата ја брише постојната структура во својата внатрешност, а на рабовите се разгранува за да го прегрне и прифати во себе старото градско ткиво. И покрај своите димензии, матрицата е порозна и пропулзивна, оставајќи го градот да тече низ неа.
Формата добиена од преклопот на решетките е комплексна и тродимензионална и претставува возбудлив просторен гест, составен од преплетени типолошки елементи: портици, колонади, мостови, пасажи, атриуми и денивелации. Начинот на кој е артикулирана оваапросторна синтакса овозможува контакт и флуидно движење помеѓу програмските единици.
Во оваа нова градска матрица се вметнати програмски целини кои заедно создаваат нов студентски град – симболична порта во центарот на градот. Во линеарните елементи се наоѓаат програми, кои, преку заедничките дворови, се обединети во програмски целини од различен карактер. Во приземјето се наоѓаат програмите кои му слугуваат на студентскиот град: библиотеки, галерии, работилници, комерцијални и административни простори, простори за физичка и ментална рекреација – простори кои ја содржат сета меморија на градскиот настан и кои поседуват моќ за создавање на нови градски мемории. „Пасивните“ програми – домувањето и неговите пропратни содржини – се поставени на горните катови и на контактната зона помеѓу матрицата и старите, тивки, делови од градот. Преодите од една програмска целина во друга, од една градска приказна во друга, создават делириум кој го исполнува пределот со градскост и го држи во состојба на хиперурбана тензија.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис