Осветена црквата „Св. Константин и Елена“ во центарот на Скопје
Година: 2012-2025
Проектанти: М-р инж арх Искра Лековска, М-р инж.арх. Владимир Лековски
Соработници архитекти: Дипл. инж.арх. Јордан Тасевски, Дипл. инж.арх. Даниела Андоновска, М-р инж.арх. Владимир Димитров, М-р инж.арх. Александра Шекутковска, Дипл. инж.арх. Стефан Коцевски
Градежно-конструктивен проект: М-р град. инж. Влатко Коцевски
Проект за Водовод и канализација: М-р инж.арх. Мерџана Казанџиска, Дипл.град.инж. Благоја Петрушевски
Електротехнички проект: Дипл.ел. инж. Влатко Спировски Дипл. ел. инж. Златко Нонкуловски
Машински проект: М-р град. инж. Никола Барсов
Живописна програма: М-р умет. Дејан Кратевски
Електроакустика: М-р инж. Живко Дракуловски
Елаборат за Противпожарна заштита: М-р инж.арх. Нада Тортеска
Елаборат за екологија: М-р инж.арх. Катарина Максаровска
Консултанти: Епископ Партениј, Владика Климент, Отец Игор Калапакоски, Проф. Гаврилович, Зограф Кирил Златанов, Проф. Митко Хаџи-Пуља, Проф. Димитар Папастерески
Фрескопис: Лариса Бондаренко со тајфата
Иконопис (иконостас и целивни икони): Тајфа Св. Наум Охридски – Малка Конеска, Васко Учков, Валентина Конеска
Мозаик: Дејан Кратевски
Иконостас: ?
На локација на ул. Македонија, во непосредна близина на Домот на армијата на Македонија подигната е црквата посветена на светите Цар Константин и Елена, која денес беше осветена од страна на Г.Г Стефан, архиепископ охридски и македонски заедно со повеќе владици и свештеници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Визуелизација на храмот со локација на плоштадот „Македонија“
Храмот е дел од проектот „Скопје 2014“ кој беше првично замислен да биде подигнат на плоштадот Македонија, во непосредна близина на некогашната истоимена црква, која е срушена по земјотресот а на чие место е денес Градскиот Трговски Центар.
По реакцијата на студентите и професијата, кои сметаа дека на овој простор не смее да се гради било каков објект, насилството предизвикано од контра протестантите кои ги нападнаа студентите и ги гонеа се до Градскиот Парк, власта одлучи да се одбере нова локација.
Ситуација со околина
Студентите се обидоа да презентираат стручен и исправен проефесионален став, дека на јавен простор кој претставува пешачка и сообраќајна врска, подигнувањето на било каков објект претставува урбанистички терор и гушење.
Урбанистичка анализа на храмот
Новата локација, каде денес се наоѓа овој храм урбанистички претставува школско позиционирање. На просторот на некогашната парковска површина, се криеше европски тип на плоштад кој малкумина го препознаваа. На најзначајната пешачка улица во Градот, по должина се развива овој простор кој беше познат како платото пред Домот на АРМ. Во југозападниот агол се случува раскрсница на пешачката зона, каде е позиционирана вертикалата ( камбаната ) поставувајќи ја како визуелна точка, маркација за ориентација и препознавање, најава за тоа што следува.
Објектот на црквата Св. Константин и Елена, заедно со катната гаража „26ти Јули“ се единствените објекти од проектот „Скопје 2014“ за кои дел од стручната јавност има позитивен впечаток. Храмот претставува ремек дело во однос на неговата идеја да биде мост меѓу традицијата и современото, каде фасадата се истакнува преку стилизираната геометрија инспирирана од виновата лоза, изведена во травертин и каменорез. Црквата е решена во форма на слободен крст, со 5 куполи со позлата.
Архитектите се потрудиле да внесат поедноставување на декоративноста во повеќе сегменти на дизајнот, како што се вратите, иконостасот, столчињата во ободот. Секако онолку колку дозволува сеуште тврдокорната традиционалност на црквата како нарачател.
Во однос на уметничкиот придонес кон фрескописот, иконописот и мозаикот, не се забележува прогрес во стилскиот израз и композиција, туку се следи традиционалниот локален византиски наратив. Ваквиот пристап сеуште се практикува во православниот свет и покрај пробивот на современост во периодот на доцната модерна ( 60-80тите години на XX век.) кој беше прекинат со постмодернизмот кој го врати погледот наназад. Најголемиот пример на овој повраток и предомислување можеме да го забележиме кај Соборниот Храм Св. Климент Охридски започнат во 70тите и завршен во 90тите години на минатиот век.
Фреските се дело на Лариса Бондаренко со тајфата
Фрескописот доминатно е решен во декоративни дезени, додека ликовите и сцените се карактеризираат со специфична колоритност. Иконописот верно ја следи македонската иконописна школа претставувајќи сликарско мајсторство и техника.
Икони од иконостас, дело на тајфата Св. Наум Охридски / Малка Конеска, Васко Учков, Валентина Конеска
И покрај специфичниот пат на овој проект, домашната архитектонска продукција на сакрални објекти, не памети одамна реализација која носи промена и движење. Архитектите успешно го имаат решено предизвикот да се изборат за своето авторство, да создадат современ впечаток кој стабилно стои на македонската и христијанската традиција и композиторска маестралност во дизајнот на екстериерот каде е нивната слобода и потврда за нивното знаење и умеење.
Внатрешноста на храмовите, освен просторноста, останува повеќе на уметниците каде правилата сеуште се строго дефинирани од каноните на православието т.е повеќе од вкусот и желбите на црковните лица кои сеуште не ги ослободуваат авторите во нивниот израз да ја придвижат сакралната уметност чекор нанапред.
Црквата „Св. Константин и Елена“ е во завршна фаза, останува довршувањето на фрескописот, камбанаријата и одредени детали.
Она што го добива градот назад е јавниот простор околу, плоштадот кој треба внимателно да се доуреди со урбана опрема и би посочиле за задолжително зеленило и хортикултура, која малку ќе врати од загубениот парк, но значително ќе го облагороди просторот, кој има силен визуелен идентитет.
фото: Филип Конески

Автор на статија: Filip Koneski
Осветување / Св. Константин и Елена / Скопје / Скопје 2014 / Црква