Старата скопска чаршија како центар и двигател на креативните индустрии / Од Отворен ден #2 во SkULL

Овој вторник во самиот центар на Старата скопска чаршија, се оддржа вториот отворен ден на Skopje Urban Living Lab. Настанот започна со презентација на работата на лабораторијата и на целиот проект наречен ROCK – Регенерација и оптимизација на културното наследство во градови базирани на креативност и знаење.

Проекот се труди да поттикне реанимација на историските градски центри кои се во процес на деградација. Учесници се седум градови-примери (role models) : Атина, Ајндховен, Торино, Вилниус, Лион, Ливерпул и Клуж-Напока; кои ги делат своите искуства и успешни стратегии со три градови-репликатори: Болоња, Лисабон и Скопје.

Во Македонија овој проект е предводен од Архитектонскиот Факултет – Скопје и општината на Градот Скопје, а цели кон регенерирање на Старата скопска чаршија преку одржлив урбан развој.

 

Поконкретно, станува збор за нејзино активирање како центар и двигател на креативните индустрии во Македонија. Под ова се подразбира заживување на занаетчискиот аспект на чаршијата, вселување на разни работилници, продавници за ракотворби, ателјеа и фестивали.

На отворениот ден се собраа разни здруженија, невладини организации, претставници од надлежните институции, како и дел од сопствениците на чаршиските дуќани. Сите тие ја имаа приликата да учествуваат во дискусијата, преку разговор и интерактивна анкета.

 

 

Меѓу другото, лабораторијата ја презентираше својата работа во изминатиот период, која се состоеше со мапирање на физичката структура на историската целина. Деталната инвентаризација ја сублимираше состојбата на терен со информациите од три различни институции.

Финалниот резултат беше претставен на неколку мапи кои ги обработуваа:

– Сопственоста на парцелите;

– Намената и катноста на објектите;

– Кои дуќани се активни, а кои напуштени;

– Нивото на сочуваност на објектите;

– Состојбата на улиците;

– Распоредот на јавните површини и зеленилото;

– Заштитата на култруното наследство;

 

Учесниците на проектот ги презентираа и своите заклучоци од мапирањето. Тие изготвија листа на објекти кои се напуштени а погодни за реанимација со нови намени, голем дел од кои всушност и се во државна сопственост.

Резултатите од мапирањето ќе бидат изложени на интерактивна онлајн платформа, која цели да ги отвори овие информации за јавноста. Таа наскоро ќе биде објавена и достапна за сите заинтересирани за чаршијата.

SkULL продолжува со работата на овој проект и во наредниот период. Тие планираат работилници со локални студенти и странски колеги, конкурси на идеи за развој на креативните индустрии и за идејни ИТ решение. Бидете во тек на нивниот фејсбук профил, како и кај нас на marh.mk