Паркинг за велосипеди / Петровски, Пасковска

Автори: Димитар Петровски и Ана Пасковска

Година: 2020

Локација: Транспортен центар – Скопје

 

Ова решение е произлезено од работилницата за дизајнирање прототип за велосипедски паркинг, организирана од страна на СкопјеЛаб – Центарот за иновации на Град Скопје
Линк до веб странаhttps://skopjelab.mk/
Линк до сите решенија и објаснување на процесот:   https://skopjelab.mk/redizajnskopje/velo-parking/

 

Локацијата на која е предвидено поставувањето на велосипедски паркинг претставува празен трем со голем потенцијал за негова пренамена во атрактивна градска површина. Таа се наоѓа во близина на влезот во меѓуградската автобуска станица, автобуската постојка за градски превоз, како и железничката станица со што станува достапна за голем број на потенцијални корисници.

 

Локација

 

Предвидената интервенција ги интерполира  модулите за паркинг на велосипеди помеѓу столбовите на тремот со што не се попречува моменталното движење. Тремот под кој се поставуваат модулите игра значајна улога во заштита на велосипедите од изложеност на природни влијанија. Во рамки на локацијата е предвидено обновување на постојното зеленило, поставување на тревни површини врамени со ниско зеленило по периметарот, како и засадување на нови дрва.

 

Ситуација

 

Анализата на терен покажа дека еден дел од тротоарот е неупотреблив, луѓето преминуваат преку тревната површина за да стигнат до влезот на автобуската станица и ги користат постојните инфраструктурни елементи како простор за седење. Во новата ситуација се поставува зелен појас долж тротоарот, се засекува аголот на локацијата со што се олеснува пристапот до неа и се создаваат две нови точки за средба и одмор оплеменети со урбана опрема.

 

Инспирација

 

Инспирацијата за дизајнот на модулот за паркирање на велосипеди произлегува од столбовите на транспортниот центар и неговата форма во основа. Тој претставува префабрикуван елемент изработен од два армирано бетонски столбови и челичен профил кој ги обвива столбовите, наменет за заклучување на велосипедите. По рабовите на челичниот профил е поставувена гума како заштита од гребење на велосипедите. Комбинацијата на материјали од кои е изработен модулот овозможуваат безбедност и трајност при неговото секојдневно користење.

 

 

Држачите за велосипеди се јавуваат во две варијанти, како самостојни држачи и како три модифицирани и групирани држачи.  Групираните носачи на една од своите страни преминуваат во раконаслони и создаваат структура на која се поставени дрвени греди, формирајќи седиште и наслон за клупа.

 

 

Дизајнот на модулот овозможува негова компатибилност со најразлични типови на велосипеди. Безбедноста на велосипедите, како клучен фактор при дизајнирањето на велосипедски паркинг, е загарантирана преку можноста за заклучување на велосипедите во две точки, со секаков вид на заклучувачи.

 

 

Вело паркингот нуди паркинг за 24 велосипеди и клупи за седење на 12 лица.
Ова хибридно решение ги задоволува   потребите   паркинг простор, но и за простор за седење и одмор кој во голема мера недостасува во околината на транспортниот центар. Истовремено ова решение придонесува за зголемување на безбедноста при паркирање на велосипедите поради непосредното присуство на луѓе и предвиденото осветлување во рамки на локацијата. Подот на паркингот е изработен од натур бетон, како трајно решение кое се надоврзува на амбиентот на транспортниот центар. Тој се јавува во две различни нијанси преку кои е извршена дистинкција помеѓу просторот за пристап и движење и просторот предвиден за поставување на содржини и се обележани паркинг местата.

 

Стара железничка станица

 

Позицијата на која што се наоѓа вело-пјацетата претставува место кое што ги пречекува сите оние кои пристигаат во градот Скопје. Соодветно на тоа, потребно е да се создаде атмосфера која што на патниците ќе им посака пријатно добредојде во градот, ќе им открие еден дел од него и ќе ги предизвика да продолжат да го истражуваат. Инспирацијата за ваков пречек произлегува од ремек делото, фреска за „НОБ“ на Борко Лазески, која своевремено го красела холот на старата железничка станица во Скопје.

 

Мурал

 

По должината на ѕидот во рамки на локацијата се предвидува насликување на мурал со мотиви на некои од најголемите заменитости на Скопје. Тој има за цел да ги „пречека“ сите оние кои доаѓаат во градот, но и да стане препознатлив белег меѓу локалното население. Дел од мотивите со обележја на град Скопје се превземени од графичките дизајни на Зоран Кардула и Иван Петрушевски. Ваквата композиција ја комплетира вело-пјацетата и создава додадена вредност покрај својата основна намена, паркирање на велосипеди.

 

Аксонометрија

 

Новата подна обработка се протега и низ останатиот, откриен дел од локацијата, кој е оставен „недовршен“ со цел да остави можност за раст и задоволување на идни потреби кои е невозможно да се предвидат од денешна гледна точка. Новите елементи би се поставувале во средишниот дел со што би се загарантирало непречено движење и пристап до локацијата. Со тоа би се комплетирала целосната слика на вело-пјацета која што покрај својата основна намена, ќе понуди голем број на останати компатибилни содржини.

 

Финалниот продукт претставува препознатлива и атрактивна урбана точка во градот, која има за цел да ги покаже вредностите на Скопје, но и да го стимулира велосипедскиот сообраќај во него. Новите зелени површини, надополнети со урбана опрема, создаваат пријатна атмосфера која ги повикува луѓето кои го чекаат својот превоз, работат, живеат или кои само минуваат во околината да поминат дел од своето време во нејзините рамки.

 

Визуализација и монтажа