Паркирањето како нуспроизвод на урбанизмот
Паркирањето е еден од најголемите проблеми и нуспроизвод на урбанизмот во Македонија. Постојаното зголемување на височините на новите објекти, кои изникнуваат каде не ги садите, го крадат и основниот јавен простор долж улиците – тротоарите.
Оваа замка е започната пред најмалку две децении, кога се дозволуваше лажно претставување во проект на две нивоа под земја, додека во реалност беа изведувани по едно ниво за паркирање. Криминал кој никогаш не се расчисти, а постои реална можност истото да се истражи и денес. Се манипулираше во проектите кои понатаму никогаш никој не ги контролираше во изведба.
Она што е дополнителен проблем со паркирањето е непостоењето на закон и обврска секој стан со имотниот лист да е врзан со паркинг место. За оваа иницијатива говориме скоро деценија, но никој не се осмелува вистински истото да го спроведе во пракса.
Слободата да одлучите дали сакате паркинг е она кое е зародиш на проблемот. Дали поседувате возило или не поседувате возило, доколку живеете во нова станбена населба за колективно домување треба да е обврска. Поседувањето возило е променлива состојба, додека потребата од постоење простор за истото е трајна. Тоа место треба да служи и за вас и за вашите гости, па од тука мора да се наметне обврската местото за паркирање да е неделиво од станбената единица.
Денес го презентираме проблемот со паркирањето, преку примерот на новата населба која се формира на просторот на некогашните погони на градежното претпријатие „Пелагонија“ во Кисела Вода. Помеѓу 11 Октомври – згради и 11 Октомври-бараки тековно во изградба се повеќе станбени објекти а според ДУП за градска четврт Ј13, тек ќе започне изградбата на уште најмалку 10тина објекти.
Извадок од ДУП за градска четврт Ј13
Според урбанистичкиот план треба да се обезбеди пристап до подземните и надземните преку внатрешната улица „Првомајска 1“ која се врзува со секундарната мрежа на улици.
Грешката во чекори е очигледна, општината паралелно со изградбата на овие објекти не ја обезбедила инфраструктурата потребна да се задоволи новиот притисок на возила. Трасата не е до крај пробиена, додека објектите се веќе во функција.
Ваквата ситуација направи долж бул. „Борис Трајковски“ да се паркираат возила, кои неуредно пристапуваат на тротоарските површини постојано нарушувајќи го движењето на пешаците. Прашањето на легислативата и проблемот кој секако нема да се реши и по изградбата на населбата и реализирањето на уличната мрежа е немањето обврска, станарите да купат паркинг место, што значи дека на удар повторно ќе бидат тротоарските површини, или внатрешните улици во населба 11 Октомври – бараки.
Ова прашање треба да се подигне на едно повисокот ниво, додека казнувањето во однос на необезбедни паркинг места во новите објекти според правилниците да се санкционира и ретроградно на целата територија на градот Скопје.
Фото: Борис Јурмовски
Текст: Филип Конески
Автор на статија: Boris Jurmovski