По трагите на еден модернист / Чипан

Издавач: Музеј на град Скопје

Година: 2017

Во 2008 година, во Музејот на град Скопје и формално беше оформен Оддел за архитектура и во него Одделение за современа архитектура, урбанизам и дизајн, со одреден, не мал број предмети собрани во изминатите дваесеттина години. Музејот, со својата определба, ја третираше архитектурата како рамноправна на останатите сегменти на културата, судирајќи се со ставови дека архитектурата е објект во просторот, дека припаѓа на градежништвото, дека самиот објект е сведок за себе, а притоа запоставувајќи и заборавајќи го фактот дека таа е, пред сè, мисловен процес чијшто резултат е проект, студија, објект или визија за облагодарување како на просторите, така и на живеењето во нив.

Фундусот на Музејот на град Скопје, како и најголемиот број музеи во светот, се збогатува со донации, како од институции, така и преку индивидуални донирања кои се прифаќаат со посебно внимание и благодарност.

Борис Чипан е роден и израснат во Охрид, спрема кој чувствува огромна љубов, од кој ја црпи инспирацијата и на кој му се навраќа целиот свој живот. Најголем број пишани документи, размисли, студии и цртежи ги посветува на Охрид, неговата историја, архитектура и културното богатство. Во многубројните интервјуа ќе истакне: „Растев во еден град каде што на секој чекор се спонував на остатоците од историјата…“, како и: „Во животот имав две привилегии, што сум роден во Охрид и што станав архитект…“.

Значаен дел од збирката на Борис Чипан претставуваат сочуваните оригинални проекти, скици, фотографии и озолитни копии од проектантската дејност на архитектот Борис Чипан.