Под Пелистер – Комплекс објекти за времено домување / TAKTIK

Автори: Павловиќ Латас Ива, Алексоски Александар, Десановска Емилија, Додов Тијана

Студио: ТАКТИК

Година на проектирање: 2025

 

Комплексот на објекти за времено домување под Пелистер претставува игра на два главни динамични волумени  кои се ориентирани еден кон друг, создавајќи просторен дијалог.

Урбанистички, комплексот е наклонет кон импозантната топографија на подножјето на Пелистер, обезбедувајќи програма за времено домување,  спорт и рекреација и престој во природа.

 

 

Скалестата програмска распределба на објектите и припратните содржини го следи природниот пад на теренот, обзбедувајќи постепена транзиција на движење и циркулација.

 

Двата главни објекти се композициски поврзани во своите сутеренски нивоа, дефинирани како екстензија на просториите за дневен боравок. Централно во оваа нивелета се јавуваат заеднички простории за двата објекти, со намена спорт. Спортските содржини се надоврзуваат на оваа централна оска и во останатиот урбанистички третман на микро-локацијата.

 

Доминантен аспект е експресивната, асиметрична кровна линија на главните објекти, која ја следи топографијата на теренот и ја нагласува динамиката на формата. Пространите стаклени фасади овозможуваат длабоко визуелно искуство , бришејќи ја границата помеѓу ентериерот и екстериерот и претопувајќи се во сезонски променливите планински пејсажи.

 

 

Внимателно дизајнираниот амбиент, создава чувство на проточност помеѓу резиденциите, динамична игра на светлина, сенка и рефлексија како и мултисензорно искуство на просторна и амбиентална слоевитост.

 

 

Овој архитектонски ансамбл , претставува внимателно оркестрирана просторна интервенција што ја реинтерпретира традицијата во контекст на современиот планински пејсаж.