ПОДЕМИ И ПАДОВИ / Радоњиќ Бато

Постземјотресниот период во првата декада од обновата на разурнатото Скопје донесе големи промени во планирањето, проектирањето и реализацијата, како од квантитативен, така и од квалитативен аспект. Ваков подем беше овозможен со измена и дополна на законската регулатива за урбанистичкото планирање и архитектонско проектитање, која беше имплементирана во новиот Генерален план на Град Скопје (ГУП), како законски документ од прв ред, а потоа и во новите детални планови (ДУП) како второстепени, но законски подредени на ГУП-от.

 

 

Се измени и дополни и Законот за градење, со посебен акцент на Статичката и Сеизмичката стабилност на конструкцијата на објектите, што стана и обврзувачка законска должност во целата тогашна држава – Југославија и со формирање на ИЗИС истите почнаа да се имплементираат во пракса.

 

 

Изиис

 

Генерацијата 50-тите, плус-минус една до две генерации, студираа на Архитектонскиот факултет во овој најтурбулентен и најплоден период од развојот на современата Македонска архитектура и градежништво. Теоријата ја совладувавме преку наставните програми, а праксата се одвиваше насекаде околу нас. Се реализираа многу комплекси и објекти од кои најзначајни беа: Станбените објекти кои го формираа Градски Ѕид , населбите Аеродром, Ново Лисиче, Карпош и др. Градски Трговски Центар – ГТЦ , Македонска Опера и Балет – МОБ, Новата железничка станица и бројни образовни, стопански и деловни објекти. По 1975 година овие генерации, како дипломирани архитекти, почнаа да се вклучуваат во проектантските тимови кои ги водеа, наши, веќе искусни и реномирани архитекти, како и во големата градежна оператива, во службите на Општинската администрација, како и во сите сегменти на општествениот и стопански живот. Најважно од сѐ беше методологијата на планирањето и проектирањето, која се базираше на научни методи вклучувајќи ги сите релевантни науки – Урбанизам, Архитектура, Градежништво, Сообраќај,Екологија, Социологија, Демографија, Економија, Право и др… , како еден мултидисциплинарен научен пристап во решавање и оформување на просторот на градските и руралните средини. Тоа беше општо важечки принцип кој се почитуваше и применуваше во сите сегменти на општествениот развој.

 

Брошура за Градскиот Ѕид

 

Врз основа на вака зацртана методологија се изготвуваа проектни програми за изработка на урбанистички планови и проекти, кои во себе вклучуваа општо признаени стандарди и нормативи кои задолжително се применуваа. Врз истите принципи се изготвуваа и проектните програми за јавните анонимни Архитектонско Урбанистички конкурси, кои даваа можност за добивање на повеќе решенија со различни идеи и концепции и како такви во тој период беа носечки чинители во планерскиот, архитектонскиот и градежниот развој. Институцијата конкурс беше подигната на највисоко ниво и нивната популарност беше таква што на конкурсите учесвуваа сите, од професори до студенти, давајки огромен придонес во оформување на градовите, поединечни градски целини, комплекси и објекти, подигајќи го нивото еднакво на меѓународните современи стандарди и трендови во науката и технологијата.

 

Од брошурата за конкурсните трудови за ГТЦ

 

Ова особено се однесуваше на урбанистичкото планирање, како при изработка на ГУП-овите така и при изработка на ДУП-овите, при што особено се водеше сметка за запазување на Јавниот и Општествен интерес како и на задоволување на индивидуалните потреби во граници на можностите. Се применуваа современи научни методи и истражувања во однос на, густини на население, пропишани растојанија помеѓу објектите, осончување и проветрување на просторот, сообраќај во движење и мирување, како и потребната инфраструктурна опременост. Особено се водеше сметка за зелените површини, простори за одмор и рекреација, сѐ со цел да се овозможи хумано и квалитетно живеење, како премиса во урбанистичкото планирање. За ова и денес сведочат горе споменатите населби, без оглед на тоа што некои од нив се делумно нарушени. При изготвување на Деталните планови постоеше и законска можност, а за позначајните простори и обврска, да во склоп на планираниот простор, се означат и ограничат делови за кои се сметаше дека се од посебен јавен и општествен итерес, кои понатаму ќе се разработуваат на повисоко ниво преку посебни Урбанистичко-архитектонски проекти или преку распишување на јавни анонимни Урбанистичко-архитектонски конкурси. Таквиот пристап овозможуваше непрачено усвојување на планот и понатамошна реализација на целиот планиран простор освен деловите кои беа предвидени за разработка на повисоко ниво. Беа испланирани, а добар дел и реализирани повеќе вакви комплекси во сите општини, со оглед на тоа дека планирањето во тој период се вршеше на ниво на општини и на месни заедници кои претставуваа територијална поделба од помал обем. Карактеристични беа таканаречените „Локални центри“ кои беа компилација на трговско-услужни содржини, угостителство, здравство, а во поголемите и Домови на култура, со станбени објекти за колективно домување, инкорпорирани во комплекс како единствена, организирана, просторна целина. Вака планираните центри беа предвидени за задоволување на секојдневните потреби на локалното население и нивното формирање е произлезено од идејата за растертување на централното градско подрачје на главниот град, во кој се сместени содржини од повисок ранг, од интерес на сите жители на Република Македонија.

 

Комплекс „Првомајска“

 

Предвидени се повеќе вакви центри во сите општини, од кои добар дел се реализирани, а има и некои кои останаа на ниво на детално разработени проекти. Како примери ќе споменам само два: Локалниот центар Автокоманда, целосно реализиран 1985 – 87 година и Локалниот центар „Првомајска“, работен наслов според улицата на која се наоѓа, предвиден на просторот на старите воени складишта кои во тоа време ги користеше трговското претпријатие „ Славија “. Овде беше предвидена комплетна реконструкција и реставрација на сите постоечки објекти со целосна пренамена на нивната постојна функција и со нови содржини, нивно вклопување во поширокиот комплекс на Локалниот центар. Во овој проект, за прв пат кај нас, (освен кај старата жежелезничка станица) применет е методот на „Џентрификација“ термин кој подразбира реконструкција и ревитализација на објекти, комплекси, па и цели квартови со вметнување на сосема нови содржини соодветни на новите современи барања и потреби. Ваквиот планерски пристап, како иновација во тој период, беше широко застапен во САД, па и во другите развиени држави, за ревитализација и повторно заживување на запуштени индустриски и магацински комплекси сѐ до цели станбени квартови. За овој Локален центар во соработка со ЗУМ – Завод за Урбанизам на Македонија и проектантското биро на ГП Бетон, беше изработена целокупната техничка документација – главни изведбени проекти за сите фази и беше припремен за реализација. За жал реализацијата не беше започната поради новонастанатите услови со распадот на заедничката држава.

Со осамостојувањето на Република Македонија започна периодот на транзицијатаа во ново општествено уредување и пазарна економија, а со тоа започна и падот на сите постигнати вредности. Тоа особено се почуствува во струката, на полето на планирање, проектирање и изградба на просторот. Почнаа да се напуштаат основните принципи утврдени согласно со научните истражувања, сѐ повеќе се занемаруваше јавниот интерес и елементите на хумано живеење, а во преден план започна форсирањето на приватните, личните и партиските интереси. Во првите години тоа се одвиваше постепено земајќи сѐ поголем замав, за да кулминацијата ја достигне со проектот Скопје 2014, проект кој беше инициран од првонаграденото решение на еден, повеќе години порано, лошо организиран конкурс за уредување на централното градско подрачје на Скопје.

 

 

Предвидениот просторен концепт со типот на предвидените објекти, колку и да беа хипотетички поставени, им даде идеја и поттик на идејните творци на проектот Скопје 2014, да во квази барокен, крајно кичерајски стил, успеат, предводени од политичката и новосоздадената бизнис елита, да го обезличат центарот на градот, да го сменат неговиот идентитет и историски континуитет на развој и со тоа да го уништат културното и градителско наследство на овој простор.

Но, ова е тема за поопсежно проучување и елаборација од страна на стручната и другата научна фела, а времето ќе го каже своето.

 

Арх. Миодраг Радоњиќ Бато

 

Текстот наменски пишуван за потребите на  каталогот од изложбата

„Македонска архитектура 1974 – 2024 “

 

Изложба „Македонска Архитектура 1974-2024“