„Посветено на Скопје“ – фотелја инспирирана од постземјотресната монтажна архитектура / Конески
18.01.2023 • Ентериер и мебел
Година: 2013
Автор: Филип Конески
„Посветено на Скопје“ е мултифункционална фотелја изработена од дрво. Инспирацијата за истата е пронајдена во постземјотресната монтажна архитектура, која била единствен начин брзо да се подигнат нови домови за жителите на Скопје кои го загубиле кровот над својата глава. Нејзините погодности се бројни – индустриско сериско производство, лесен транспорт и монтажа, економична градба итн.
Во годината кога се одбележуваа 50 години од земјотресот (2013) и една година пред завршувањето на проектот „Скопје 2014“, беше време на одново валоризирање на постземјотресната архитектура на градот, која покрај брутализмот и локалната форма на модернизам ги опфаќа и овие монтажни куќи.
Живеењето во еден таков објект (барака) на семејството на авторот, честото соочување со недостатокот на простор и потребата од промени и адаптација, поткрепено со професионалната определба – архитектура и „опседнатоста“ со Скопје е збир на искуство и инспирација за ова парче мебел. Концептот на „панелната“ архитектура е применет во изработката на оваа фотелја, плочест дрвен материјал, производство во делови и составување без употреба на алати.
Фотелјата се транформира со екстензија за пијалок или книга, подигнување на нозете и одмор, или пак во столче и маса за работа.
Дизајнот беше создаден во текот на 10 дневната работилница организирана од страна на „Public room“ под менторство на производители на плочест и тапациран мебел од Скопје и професор од Холандија. Проектот беше поддржан од Холандската амбасада и Министерството за Култура на Република Македонија.
Оваа работилница е една од најдобро организираните со вистински резултати и вистински стекнато искуство на учесниците. По завршувањето на истата следеше практичниот дел, во кој секој од учесниците заедно со поддржувачите и менторите ги изработуваа своите прототипи во производствените капацитети.
По успешната реализација, парчињата мебел беа презентирани на Skopje design week 2013, Mixer House i YBD во Белград, дизајн неделите во Загреб, Пловдив, Истанбул и на саемот на мебел во Келн.
Автор на статија: Boris Jurmovski
Dedicated to Skopje / Skopje design week / модуларен мебел / монтажен мебел / плочест мебел / Посветено на Скопје / прототип / Филип Конески