ЈАВЕН ПОВИК ЗА ПРИЈАВИ НА АРХИТЕКТОНСКИ РЕШЕНИЈА ЗА ГОЛЕМАТА ГОДИШНА НАГРАДА НА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА AРХИТЕКТИ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2022 ГОДИНА
02.11.2022 • Информации Конкурси
Асоцијацијата на Aрхитекти на Македонија (ААМ) традиционално и оваа година го објави јавниот повик и повика за учество за доделување на “Голема годишна награда за 2022 година“. Големата годишна награда на ААМ се однесува на најуспешно реализирано архитектонско дело, каде учесниците со пријавување на своите авторски дела за тековната година може да го остварат своето право на учество. Оваа архитектонска награда преставува афирмација на залагањето кон архитектурата во нашата земја. Наградата свечено и со сите почести му се доделува на лауреатот на крајот на годината, а истата е под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.
Големата годишна награда на ААМ се доделува на државјани на Република Северна Македонија, со завршен VII степен на образование. За учество, потребно е по електронски пат да се поднесе пријава за авторско дело – реализиран архитектонски објект на територијата на Република Северна Македонија кој е завршен во истата календарска година. За уредно аплицирање, потребно е да се достават следните податоци и информации:
– Име на објектот;
– Име и презиме на авторот (авторите) на проектот;
– Овластување на проектантот (проектантите);
– Функционално – технички опис;
– Прилози: Извод од план, ситуација, сите основи, пресеци, изгледи, 3Д;
– Фотографии од објектот.
Учесниците кои не се членови на ААМ, а се наведени како автори на проектот кој ќе биде пријавен, за учество во изборот треба да платат котизација во износ од 3.500 денари, по пријавен труд. Доказот за уплата треба да се достави при пријавување за учество, заедно со погоре наведените документи и информации.
Пријавата се доставува по електронски пат на: kontakt.aam@gmail.com, а рок за аплицирање е до 28.11.2022 година.
Сите заинтересирани за “Голема годишна награда за 2022 година“, повеќе информации можат да добијат на телефонскиот број: 076 350 336, или на: kontakt.aam@gmail.com
Автор на статија: Filip Koneski