Детско одмаралиште и центар за рехабилитација во Крвавица, Хрватска / Марасовиќ 1964
18.07.2026 • Информации
Недалеку од познатиот поморски град Макараска се наоѓа еден необичен и значаен објект на југословенскиот модернизам. Детското одморалиште и центар за рехабилитација на белодробни заболувања во Крвавица претставува одличен пример за најважниот принцип на модернизмот – формата ја следи функцијата (form follows function). Објектот изгледа на летечка чинија а неговата форма спаѓа под она што теоретичарите го нарекуваат критички регионализам, или со други зборови, кога светскиот стил проговорува на локален јазик. Функционалноста на овој објект се потврдува поради тоа што неговата форма е таква што самиот објект работи како машина за лечење. Сместен е помеѓу падините на една планина и морето, и опколен со борова шума каде што воздухот е исполнет со мирисот на боровото масло кој се одликува со антисептички и антиинфламаторни својства. Објектот е проектиран такашто има непречен проток на боровиот и морскиот воздух низ него додека дрвјата го штитат од силната радијација на сонцето но пропуштаат доволно светлина во текот на денот.


Објектот бил проектиран од хрватскиот архитект Рикард Марасовиќ во 1961 година. Марасовиќ дипломирал архитектура на Техничкиот факултет во Загреб во 1942 година, а во 1943 се приклучил на партизанските одреди во Втората светска војна. Во 1944 година, како дипломиран архитект, тој учествувал на урбанистички семинар организиран од ZAVNOH (хрватското антифашистичко собрание) каде што биле поставени принципите за повоената обнова на Хрватска. Тука Марасовиќ станува верен соработник на Југословенската армија и во иднина тој проектирал голем број на објекти за армијата кои денес се ретко познати. По војната тој предавал на Техничкиот факултет во Загреб каде што и дипломирал, проектирал болници, хотели и урбанистички планови. Објектот во Крвавица бил еден од оние објекти кои тој ги проектирал за армијата и првично служел за згрижување на деца со респираторни болести.



Изградбата почнала во 1963 и завршила во 1964 година. Објектот е составен од три дела: прстенот кој лежи на столбови, а под него се наоѓа една просторија во форма на буквата L и додатни простории за каде што престојувале вработените. Во прстенот се наоѓаат просториите за престој на децата кои имаат иста основа, капацитет од околу 200 кревети и сите комуницираат преку ходник кој е лоциран на ободот од прстенот. Плочата на прстенот е благо закосена кон центарот на кругот, а кровот е сочинет од правоаголни конкавни форми кои лежат на различна височина. Медицинската функција на објектот како машина за лечење била постигната така што под таванот биле оставени отвори-набори за да се овозможи полесна циркулација на воздухот и пренос на светлината која се одбива од морето во внатрешниот дел на прстенот. Приземјето под прстенот гледа кон крајбрежјето, затворено е со прозори и формира двор каде што е сместена просторијата во форма на буквата L. До неа, во центарот на прстенот на приземјето, се наоѓа дрво кое е високо колку и самиот објект и кое има функција на приземјеност и го негира чувството за височина кога се стои во циркуларниот ходник на внатрешниот дел од прстенот. Просторијата со форма L служела за одмор и игра и била поврзана со помошните простории каде што се наоѓала кујната и дополнителни простории за занимација. Додатниот дел на објектот се состои од помошни простории кои ги користеле вработените како што се административните канцеларии, кујната и мензата, депо/складиште и спалните за преноќување на вработените. Приземјето било поврзано со лебдечкиот прстен на два начини. За потребите на лекарите и воспитувачите биле поставени скалила кои ги поврзувале помошните простории и прстенот над нив. За децата, како уште едно оправдување за функционалноста на овој објект, Марасовиќ поставил двокрака рампа која со блага наклонетост спирално се издигала од приземјето кон лебдечкиот прстен.


Само неколку месеци по почнувањето на изградбата на овој објект, се случува земјотресот во Скопје на 26ти јули 1963 година. По овој настан, прописите за статика во градежништвото низ цела Југославија одеднаш се менуваат за новите објекти да се прават по стабилни во случај на друга сеизмичка активност во границите на федерацијата. Оваа промена имала директно влијание на тоа како ќе се изведе проектот на Марасовиќ и изградбата морала да престане на одреден период додека не бил постигнат договор за зацврстување на објектот. Проблемот бил во тоа што Марасовиќ предвидел прстенот да стои на витки и елегантни столбови, а после земјотресот во Скопје, армијата почнува да се сомнева во стабилноста на тие столбови. Па така, армијата како главен инвеститор на проектот, предложила масовни бетонски столбови, а на Марасовиќ тоа не му се допаднало. Марасовиќ евентуално раскрстил со војската поради ова недоразбирање и проектот го завршил едно архитектонско биро од Белград.
Одмаралиштето било завршено во 1964 година а било официјално отворено во 1965 година. Објектот почнал да работи како центар за рехабилитација на деца со респираторни проблеми, но неговата намена ќе се менува неколку пати во иднина. Во 1973 година, војската одлучува да го пренамени овој објект од центар за рехабилитација на деца во хотел и името се менува во Центар за одмор и рекреација ЈНА. За потребите на оваа нова намена на објектот, се проектирал нов проект кој предвидел изградба на нови хотелски соби, базен и спортски терени за рекреација и зголемување на капацитетот на гости. За овој проект немало доволно финансии, но објектот и без реализација на овој нов проект станал хотел. Објектот однадвор останал ист, просториите внатре во прстенот биле реновирани за да одговараат на новата намена, а во шумата околу објектот биле поставени бунгалови. Оваа намена на објектот останала до распадот на Југославија во 1991. Од тогаш, хрватската војска презема целосна контрола врз објектот и истиот се користел за привремено домување на бегалци. По 2002 година, кога војската прекинува да се грижи за овој објект, тој постепено се опустошува; целиот инвентар го нема и ѕидовите се покриени со графити. Единствено што останало да се користи во сегашноста е убавата плажа пред самиот објект.
Автор: Кристијан Тошески
Текстот е адаптација од неколку извори:
- Krajnčević, Batalić, T. (2013). Lebdeći objekt u Krvavici. pogledaj.to.
- Veljačić. M. (2008). Perje na buri. oris.hr.
- Kiosk – Zgrada koja je lečila decu, pa sama postala bolesna
Галерија:
Автор на статија: Sorabotnik






