Првиот факултет и јавна библиотека во Скопје / 1920
13.04.2026 • ХХ век / I половина
Автор: непознат/а, Јелена Томиќ-Бокур како супервизор
Година: 1912/20
Локација: ул. Кеј Димитар Влахов, денешно МКЦ
Извор на главна слика: СПОНА
Филозофскиот факултет во Скопје е основоположник на модерното високо образование на територијата на Македонија. Основан во 1920 година како гранка на Белградскиот универзитет, факултетот се простирал на левиот брег на реката Вардар, во близина на некогашниот железен мост. За жал, зградата не го преживеала разорниот земјотрес во Скопје, што резултирало со нејзино урнавење, за подоцна на тоа место да се изгради Младинскиот културен центар.
Историја
Зградата на Филозофскиот факултет започнува да се гради во престапната 1912 година, кога властите се менуваат од отоманска во српска контрола. Според одредени извори, последниот султан кој владеел со регионот на Македонија (тогашна Румелија), султанот Мехмед V Решад, ги поставил темелите на зградата со цел изградба на „Решадие медреса“. Планот наводно бил изработен од архитектот Мимар Кемаледин-бег, водечки претставник на турската неокласична архитектура, а трошоците требало да бидат покриени од самиот султан.
Промената на власта под Кралството СХС довела до трансформација на одредени институции и јавни простори. Одредени објекти, како Куршумли-ан, биле трансформирани во музеј, била урната Бурмали-џамија за изградба на Офицерски дом, а во овој случај, градбата била пренаменета од медреса во факултет, а потоа и во народна библиотека.
Факултетот во изградба (лево) / Извор: Веселин Стефановски / Факултетот по изградба (десно), железниот мост се гледа во центарот на двете слики / Извор: Википедија
Јелена Томиќ-Бокур, првата жена инженер-архитект како државна службеничка на територијата на Кралството Југославија, во 1919 година работела на супервизија на трансформацијата на факултетот.
Филозофскиот факултет во Скопје, како автономен огранок на Универзитетот во Белград, бил отворен на 16 декември 1920 година. Истата година се формира и првата јавна општонаучна библиотека.
Историски слики / Извор: Фејсбук група Скопјани
Во почетокот библиотеката била од затворен тип, односно ги задоволувала потребите само на студентите и наставниците, а по формирањето на посебни семинарски библиотеки во рамките на факултетот, таа станала отворена и за поширок круг корисници.
Факултетот работел сè до 1941 година, кога ректоратот во Белград издал наредба за престанок на дејноста поради немирите во земјата против потпишувањето на пактот на Југославија со Германија и почетокот на Втората светска војна.
Местоположба на факултетот, во близина на железниот мост и црквата Св. Мина / Извор: Томовски, К; Петковски, Б. Архитектурата и монументалната уметносг во Скопје меѓу двете светски војни
Архитектура
Политиката на истакнување на нео-византискиот карактер на палатите и институциите во Скопје, како по примерот со железничката станица, зградата на црвен крст и палатата читкушеви, се применува и во архитектонскиот стил на факултетот.
Градбата претставува самостоен еднокатен објект со високо приземје. Прочелјето е обликувано симетрично, со нагласена динамика на истакнати и повлечени делови од композицијата, каде што страничните крила и централниот дел, завршен со ниска купола, се особено акцентирани.
Перфорацијата и декорацијата на архитектонските маси преку примената на: шаховски полиња, розети, архиволти, тимпанони, лачни отвори и капители на пиластрите, но и строгата, симетрична и хармонична структура на фасадата, покажува бленд на нео-византиски и академски начела на проектирање.
Историски слики каде се уште е присутно шаховското поле под куполата / Извор: Википедија
Примената на впечатливо високи оџаци, кои излегуваат од разгранетата четириводна кровна конструкција, изразува дополнителен фолклорен карактер на изгледот на градбата. Во морфолошка смисла, зградата на филозофскиот факултет претставува синтеза на нео-византиската, академска и фолклорната варијанта.
Слики од фасадата пред и по земјотресот во 1963 / Извoр: Free Images
Симболика
Покрај мисијата за образование на населението од јужните краишта на Југославија, целта на основањето на Скопскиот факултет била и да се креира и поттикне национална свест кон Кралството на Србите, Хрватите и Словените. Но, напротив, дел од студентите биле вклучени во Тајната македонска младинска револуционерна организација (ТММРО), што укажува на револт кон властите.
Младите интелектуалци го користеле факултетот како можност за ширење на каузата и за интензивирање на соработката. Дел од тие млади студенти, поради нивната вклученост во организацијата, биле дел од судскиот процес познат како „Скопскиот студентски процес“.
Факултетот неколку пати се соочил со закани за затворање или деградирање во институт, но со поддршка на локалното население, професорската фела и тогашниот градоначалник Јосиф Михаиловиќ, институцијата ја задржала својата автономија.
Слика од весникот Политика (лево) / Извор: Спона / Слика од Весник каде се објавува уредбата за факултет во Скопје (десно) / Извор: Спона
Во периодот на Втората светска војна, голем дел од професорите и студентите активно се вклучиле во борбата против фашизмот и против окупацијата на Македонија. Притоа, повеќе од 40 студенти и еден професор ги загубиле своите животи, а голем дел од нив биле депортирани во логорите и затворите низ тогашна Југославија.
Во 1946 година, со закон на Владата на НР Македонија, е возобновен Филозофскиот факултет како прва единица на првиот македонски државен универзитет. Зградата, сè до земјотресот, служела како деканат и Народна и универзитетска библиотека.
На местото на факултетот денес се издигнува Младинскиот културен центар (МКЦ), како природен продолжеток на младешкиот дух кој историски ја карактеризира оваа локација.
Галерија
Објавата ја подготви: Дарко Милошевски (соработник на МАРХ)
Извори:
SPONA (2020, March 31). Razvoj Filozofskog fakulteta u Skoplju u periodu 1920-1941. godine
Ivanovic, N. Trazenje nacionalnog stila u srpskoj arhitekturi aleksandar kadijevic.
Автор на статија: Sorabotnik
Кеј „Димитар Влахов“ / нео-византиски / Османлиско Скопје / Скопје / Српско-византиски стил
















