ПРВИТЕ АРХИТЕКТИ ВО МАКЕДОНИЈА

Како што рекол големецот Борис Чипан: „Почетокот на архитектурата во Македонија може да се споредува со првите кадри од филмот „Одисеја 2001“ каде човечки примати ги следи валцерот на Штраус.“ Понесени сѐ уште од звуците на Штраус во релација со нашата извонредна историја на архитектура, решивме повеќе да се запознаеме со првите имиња на архитекти македонци при крајот на првата половина на XX век и колку и да се големи нивните имиња и нивните животни дела, решив да се обидам да ги ставам во еден текст, на едно место како што им доликува.

Познато е дека во периодот пред и после ослободувањето на Македонија, во Скопје доаѓаат да работат архитекти од други држави, главно од Загреб и од Белград. После ослободувањето Македонија има четворица образувани архитекти македонци. Тие главно се школувани во Белград.

Се тргнало во архитектонска авантура само со тројца предводени архитекти (Сотир Томовски, Иван Артемушкин, Михо Чакеља) и еден архитект без практика (Борис Чипан, дипломиран 1941 година во окупираниот Белград). Во 1945 година била нивната прва акција на четворицата единствени архитекти кои работеле на обнова на селата. Нивната работа била најпримитивна, со група мајстори од селата и селани кои обезбедувале материјал и транспорт. „А ти како раководител шеташ од село во село со некое заостанато моторче, со велосипед, најчесто пеш, насочуваш и ја контролираш изградбата и во чанта носиш готови пари за дневници на мајсторите.“ – Борис Чипан

СОТИР ТОМОВСКИ

Сотир Томовски (1899 – 1985) како македонски научник имал голем придонес во полето на техничките науки во периодот меѓу двете светски војни. Бил професор на катедрата за „Градежни конструкции“ на Архитектонскиот факултет во Скопје и член на Здружение на инженери и техничари на Македонија во кое членуваат градежници, архитекти, машинци, електричари, технолози, шумари агрономи и сè што има титула инженер или техничар.

Меѓу неговите значајни реализации се вбројува женската гимназија во Скопје (1939).

Женска гимназија, Скопје (1939) / (Историска фотографија, предавања Архитектура и уметност во Македонија, АФС)

МИХО ЧАКЕЉА

Михо Чакеља е роден на 9 јануари 1909 година во Дубровник, Хрватска. После дипломирањето на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Белград во 1933 година, се доселил во Скопје, каде останал до крајот на својот живот. Бил дел од првото архитектонско биро “Пробиро“. Освен педагошката работа, развил богата проектантска и урбанистичка активност. Учествувал на повеќе анонимни архитектонски конкурси. Се занимавал и со графички дизајн. Починал во Скопје на 12 април 1977 година.

Значајни реализации:

Зграда на Ибни Пајко, Скопје (1938);

Зграда на Вакувската дирекција, Скопје;

Зграда на Електродистрибуција, Скопје;

Делови на термо и хидроелектрани во Македонија;

Урбанистичко решение за Културно-спортскиот центар „Сарај“, Скопје (1949);

“Директивна скица“ – Директивен план на Скопје којшто ја опфаќа територијата меѓу Кале и Гази Баба, а на десниот брег на Вардар само источниот дел од централното градско подрачје;

Директивен план на Гостивар;

Работнички населби на рудникот „Злетово“.

Дом Ибни Пајко, Скопје (1938) / Архивска фотографија

ИВАН АРТЕМУШКИН

Иван Артемушкин е роден 1886 година во Санкт Петербург, Русија. Тој бил архитект и руски имигрант. Неговата архитектонска дејност го опфаќа периодот меѓу двете светски војни. Во Скопје имал свое техничко биро. По Втората светска војна работел до 1978 година работел во Архитектонското одделение при Министерство за градежништво, потоа се отселил во Бугарија. Во неговиот архитектонски израз до 1932 година се приметуваат неоренесансни и неокласицистички елементи, а потоа градел во духот на модерниот рационализам.

Значајни реализации:

Станбена зграда на д-р Рубен, Скопје (1927);

Станбена зграда на браќа Бојаџиеви, Скопје (1931);

Станбена зграда на браќа Читкушеви (1931);

Станбена зграда на браќа Радулови (1934);

Арапска куќа (Хотел „Јадран“), Скопје (1937).

БОРИС ЧИПАН

Борис Чипан е роден на 27 март 1918 година во Охрид. Матурира и дипломира во Белград 1941 година, благодарение на стипендија добиена од генерал во Охрид. Чипан по матурирањето се пријавил во Воената академија, но не бил примен. Потоа се запишал на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Белград, каде во 1941 година дипломирал. Покрај тоа што се занимавал со педагошка дејност кога предавал проектирање и општествени згради, тој се занимавал и со конзервација на градителско наследство кога бил основач и прв директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Од 1949-1983 година е хонорарен и редовен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Како автор се јавува на многубројни архитектонски проекти и научни публикации.

Значајни реализации:

Судски згради – Велес, Битола, Штип (1956);

Македонска академија на науките и уметностите – МАНУ, Скопје (1976);

Фабрика за фротир, Делчево (1959);

Поголем број на индивидуални семејни куќи, Охрид;

На полето на конзервација позначајни реализации му се: црквите “Св. Софија“ во Охрид; “Св. Наум“, “Св. Пантелејмон“ во Нерези и др.