Разговори со Борис Чипан – „Нема современ град без органски живот“
28.12.2018 • Литература Став
Извадок од „Текстови за архитектурата“ – Борис Чипан
Година: 1979 – 1997
Издавач: Архитектонски факултет – Скопје
Архитект Борис Чипан е роден 1918 година во Охрид. Матурира и дипломира во Белград 1941 година. Од 1945 – 1949 работи во градежна оператива. Од 1949 – 1959 е основач и прв директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Потоа од 1949 – 1983 е хонорарен и редовен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Зад себе остави многубројни архитектонски проекти и научни публикации. Добитник е на наградите: „7 Ноември“ Охрид; „Борба“ награда за архитектура; „Андреја Дамјанов“ САМ.
Во прилог ви претставуваме извадок од неговата книга „Текстови за архитектурата“ каде што говори за сеуште актуелните прашања кои го засегаат современиот град.
„Современиот град е нешто различно од оној во минатиот век. Функциите на градовите во нашето време се раширија и збогатија. Без средствата на современата цивилизација модерниот градски живот е веќе незамислив. Но, зошто модерната технологија ја потисна вечната потреба на човекот за сојузништво со природата? И наместо вистински и здрав органски живот му го понуди неговиот сурогат – во вид на викенд – куќичките… И сега е актуелно прашањето за односот кон традицијата. Една од основните пораки на стариот македонски град е неговата непрекината врска со традицијата. Таа е секогаш инспирација за ново, корен низ кој зрее градот низ времето…
Секако, автор на овие пораки може да биде човек кој им се посветил на животните простори – архитектура. Тоа е проф. Борис Чипан, од Архитектонскиот факултет во Скопје. Разговорот со архитектот го водеше во кабинет од каде што погледот се шири на веќе познатиот “Градски ѕид“ на Скопје. Пред панорамата што асоцира. На проф. Чипан му поставивме прашање за перспективите на градовите. Гледајќи ги контурите на градот на Вардар архитектот ни рече: Мислам дека во целата земја, како и во нашата Република, постои една општа тенденција за преголема урбанистичка концентрација на градовите…
Опачини на урбанистичката концентрација
Како ја проценувате тенденцијата кон преголема урбанистичка концентрација?
Мислам дека таа не е во интерес на натамошниот стопански и општествен развој. Таа не може да придонесе за подобрување на квалитетот на живеењето во еден град. Во нашата Република, продолжи проф. Чипан, дојдовме во фаза кога од повеќе аспекти треба критички да ја проценуваме тенденцијата кон преголема урбанистичка концентрација. Меѓу другото, мислам дека таа може негативно да се одрази и на културен план.
Замолен да појасни што подразбира под преголема урбанистичка концентрација, проф. Чипан ни рече:
Да го земам случајот со Скопје. Впечатливо е дека градот е изложен на преголема концентрација на функции во неговиот центар. А што се случува со неговата периферија? Мислам дека таа веќе станува премногу осиромашена во некои функции. Во нашата земја, кога се говори за перифериите, веќе се употребуваат и термините “зони за спиење“… Токму тоа се случува и со животот во Скопје, рече проф. Чипан, па продолжи:
Во премногу концентрираните градови луѓето одат во местото за живеење во часовите за одмор и спиење. Меѓутоа, еден современ град денес треба да ги развива рамномерно своите функции, а не само снабдувањето и комуналиите…
Човекот и неговите работни функции
Урбанистичките прашања денес се многу проширени. Архитектурата е само еден од факторите на урбанистичката композиција. Во оформувањето на градот мошне широко влијание имаат факторите, како што се општествени односи, климата… Врз ликот на еден град се одразуваат и карактеристиките на природната средина.
По овие акценти архитектот Чипан го прашавме што е битно за функциите на еден современ град?Битно е на пешачка дистана човекот да ги има повеќето функции на градот. Потоа, многу е значаен односот човек – производни работни функции. Мислам дека човекот, не треба да шета од едниот до другиот дел на градот за да се најде на своето работно место. Значи, работните функции на еден град треба да се дислоцирани. Ова уште повеќе се однесува на културните потреби на граѓаните.
Дали сметате дека овие аспекти од сферата на урбанизмот се актуелни и за нашите животни средини?
Мислам дека е актуелно. Скопје, на пример, како центар на Републиката, стана и место на концентрирање на институции од областа на културата. Другите градови се со недоволен број институции за задоволување на културните потреби на луѓето.
Она што се случува во Скопје на релацијата центар на градот – периферија, тоа го имаме и во релациите Скопје – други градови во Републиката. Мислам дека овие факти треба да се земат предвид сега кога се прави просторен план на Републиката. Со овој план проблемите треба да се согледаат и да се насочи нивното решавање. Инаку битно е што денес се проширија средствата за превоз. Дистанците се намалија. Тоа значи дека со подобро распоредување на инситуциите од областа на културата и другите потреби, ќе се придонесе тие да бидат користени од сите луѓе, без оглед на местото на нивното живеење.“
Оваа книга можете да ја најдете во библиотеката на Архитектонски факултет, Скопје.
Автор на статија: Martina Shteriova
АФС / Борис Чипан / современ град / Текстови за архитектурата