МАРХ Разговори: од архитектурата кон дизајнот / интервју со Илија Стефановски – [0.10] error of harmony

Петтиот гостин на МАРХ разговори: од архитектурата кон дизајнот е Илија Стефановски, основачот на брендот, концепт шопот и скејтбординг колективот [0.10] error of harmony.  Неговата мултидисциплинарност вклучува скејтбординг, моден дизајн, фотографија и видео, а покрај сево ова, тој се уште е близок и до своите архитектонски корења.

Разговаравме за тоа како скејтерите го доживуваат Скопје и неговата архитектура, за дизајнирањето облека, неговите омилени бои, како и за приказната позади целосниот брендинг. Прочитајте го целосното интервју во денешната објава.

 

  • Што сметаш дека е најважното нешто што го научи за време на студирањето?

Архитектурата е спој од повеќе науки, па така со време научив дека што повеќе знаење се стекне од различни сфери, толку повеќе може да се комбинираат некои техники, како би се реализирале некои поквалитетнни идеи. Исто така, дека е потребно цел живот да учиме, да се надоградуваме, и да се прилагодуваме на сите новини и промени кои се случуваат во општеството.  

 

 

 

 

 

  • Дали се уште имаш некои „ахритектонските навики“? Да црташ некои работи во AutoCad, да црташ со дебеломинец, да скролаш на ArchDaily, или да го анализираш секој објект околу себе?

Да, секако дека се уште цртам и скицирам, а и детално ги разгледувам сите објекти или општо секоја околина во која се наоѓам. Дури некогаш и предетално, една скејтерска и графитџиска деформација.

Читам и се информирам за настани и достигнувања во архитектурата и следам повеќе докажани архитекти и студија, како би се хранел со знаење и идеи уште повеќе. Исто така, следам многу нови млади колективи кои се ангажирани со општествено корисна работа, вложувајќи сопствено време и средства (DIY начинот на работа).

Нонстоп во глава или на хартија разработувам некоја идеа за одреден простор, кој што најчесто е напуштен или не толку привлечен за останатите луѓе. Со нетрпение чекам да дојде порастеретен период од животот како би имал време да продолжам со надградување во полето на архитектурата. 

 

  • Дали мислиш дека некогаш би се вратил на архитектонското проектирање?

На начинот на кој тоа функционира кај нас…  не. И не доколку би требало да работам за реализација на туѓи идеи и проекти. Инаку, секојдневно размислувам на проекти и пробувам колку е можно да го заобиколам стандардниот пат за разработување и реализација на истите, затоа што знаеме каква е поддршката и процедурите со нашите институции. 

 

 

 

 

 

  • Од сите твои занимавања мислам дека скејтбордингот е најблизок до архитектурата. Можеби не е првата асоцијација за дизајн, но подразбира просторно размислување за креирање на различна употреба од постоечките структури. Гледајќи го урбаниот простор низ оваа призма, кои се првите аспекти кои ги забележуваш?

Скејтбордингот иако се доживува како одреден спорт или некаква детска активност, сепак претставува спој од повеќе нешта како музика, уметност, архитектура, филм, најразличен дизајн, социолошки и културни моменти итн. Секако, како луѓе што доста време поминуваме на улиците во градот доаѓајќи во директен контакт со сите можни простори, материјали, урбана опрема и општествени промени. Скејтбордингот самиот по себе претставува трагање, анализа и директна реакција и корелација со околината. Во секој нов простор ги забележувам материјалите, формите, текстурите, звукот, боите, сенката и светлото, и секако, колку самиот простор е склон на адаптација и понатамошен развој.

  • Според овие аспекти, кои се најквалитетните простори за скејтање во Скопје?

Кога Скопје не би имало вакви граѓани и политики, со гордост би можеле да кажеме дека располагаме со доста добри простори за возење скејт, а и за други активности кои се примамливи и потребни за младите во еден град. Меѓутоа за жал…. не функционира сетоа тоа баш така. 

 

 

 

 

 

  • Скејтбордингот го буди елементот на играта во нашите градови. Дали твоите утописки градови би биле мега скејт паркови?

Иако е нетипично за повеќето скејтери,  јас лично не многу љубам скејт паркови. Најмногу заради тоа што ме потсетуваат на сите оние терени и точно одредени простори, кои секогаш се исти и монотони, што ги прави сите други спортови неинтересни за мене. Скејтбордингот е повеќе реакција на околината во која живееме и одреден lifestyle кој се разликува од човек на човек. Па во тој контекст, не сметам дека е добро да се стави во некаква рамка со одредени правила и елементи, ниту сметам дека треба да е позициониран само во одреден дел од градот. Во денешно време низ светот се повеќе се градат скејт плази кои претставуваат спој од парк/игралиште/отворен простор, со мали интервенции на елементите во истиот како би се направиле “skateable”. Вака секој добро испроектиран простор кој користи квалитетни материјали може да стане потенцијалент скејт парк. 

 

 

 

 

  • Често ги среќаваме бруталистичките згради во твоите проекти: на видеата, на дизајнот на бордовите или како позадина на модните фотографии. Што е тоа што најмногу те привлекува кај овие објекти?

Бруталистичките згради за среќа или за жал се едни од помаркантните кај нас, па затоа и се почести во моите проекти. Но да, ме привлекуваат чисти, едноставни и ненакитени објекти. А и општо, урбани простори кои дишат и оставаат простор за понатамошна интеракција преку нови техники и индивидуален пристап.

 

 

 

 

  • Веќе подолго време се занимаваш и со моден дизајн. Што е тоа што требаше да го научиш за да изработуваш квалитетни продукти? Дали архитектонското образовие ти даде некаква предност во овој процес?

Да секако дека архитектурата има голем уделл и на моите дизајни и на мојот вкус и стил на облекување и креирање. Меѓутоа, далеку од тоа дека се сметам себеси за моден дизајнер. Иако имам издизајнирано неколку најразлични производи од нула, сепак најчесто работам со прилагодување и промени на веќе постоечки секојдневни парчиња облека. Затоа и малку се дистанцирам од сите оние нови самопрогласени „дизајнери“. Сметам дека моден дизајнер е доста посериозна професија од склопување на веќе постоечки и едноставни парчиња облека, а кај нас веќе има некои луѓе што стварно си ја познаваат и добро си ја работат оваа професија. Мислам дека е подобро да се остави простор на овие луѓе да дишат, креираат и да нѐ инспирираат со својата работа, отколку да се ставаме сите во ист кош и да им ја разводнуваме професијата на оние кои стварно се имаат посветено на ова поле. 

 

 

 

 

 

 

  • Далеку си од стереотипот дека архитектите носат само црно, но твоите парчиња ретко отстапуваат од монохроматските палети. Кои се твоите преференци на тема бои и шари?

Па лично секогаш прво на ум ми доаѓаат монохроматски комбинации, чисти и не многу шарени парчиња, кои со својот крој кажуваат повеќе одколку самите бои. Но сепак, имам љубов и кон боите (секако најважно е како тие се комбинираат) што зависи само од моменталното расположение. Но,  all black или all white комбинациите ми се секогаш прв избор.

 

 

 

 

 

 

  • Која беше инспирацијата за името и логото на [0.10] Error of Harmony?

Логото дојде сосема спонтано во моменти на скицирање додека размислував за името, и некако од прва ми се „залепи“ и остана. А името… [0.10] е инспирирано од уметноста и естетиката на конструктивистичкото/суперматистичкото движење, и нивната изложба која се смета и како почетокот на овој правеч, чиј назив е 0.10  (црниот квадрат на бела основа на Маљевич). Исто така, бидејќи почнував нешто ново од нула, за мене и за нашите простори, одговараше на симболиката на 0.10. А пак името – „error of harmony“, претставува рекација на сите наметнати правила, политики, норми, и сета онаа лажна и сервирана хармонија, која ни е наметната од страна на системот кој нѐ форсира да им се потчинеме на тие правила и закони, како би живееле во тој свет кој е лажно хармоничен и впрочен нееднаков. А скејтерот по самата своја природа е бунтовен и се стреми да ги сруши сите тие норми и нелогични правила. Името исто така асоира и на начинот на кој скејтерот се движи по улиците и просторите на градот, тотално различно, хаотично и никогаш два пати исто. Но сепак, на крај  од целиот тој хаос сето тоа создава една поинаква перфекција и хармонија, на насока, правец, брзина, енергија, итн. 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Автор на статија: