Редизајн на јавни површини во Скопје

Работилницата се одржа на 14-15ти и 21-22ри декември во просториите на Skopje Urban Living Lab во старата Скопска Чаршија и беше организирана од Скопје Лаб – Центарот за Иновации на Град Скопје. На работилницата се работеше на 3 витални локации во градот Скопје:

  • Двор на Студентски дом Гоце Делчев,
  • Плоштад Балет и
  • Парк Форум

Учесниците беа водени од четворица ментори: Сара Симоска, архитект од МЕЛЕЕМ , Ирена Милојеска, архитект од Еаса, Никола Ѓорѓиевски, архитект и пејзажен архитект и Владимир Ѓоргиевски, електро инжењер во полето на енергетската ефикасност, основач на СКЕОР. На работилницата беа присутни 15 студенти, 70 % од архитектонскиот факултет и 30% од машински, геотехника, финки, пејзажна архитектура и една гимназијалка. Ваквата кохезија на млади лица од различни струки овозможи поопширно пристапување на проблематиката и изнаоѓање на креативни решенија.

 

Следниот чекор е изведба на овие решавање од страна на институциите, но отворена е можноста е и за нивна изведба од страна на приватниот сектор.

Ваквиот начин на партиципативен пристап на редизајнирање на јавните површини од страна на младите креативци и корисници на овој простор е современ начин за кокреирање на нови содржини за градот во соработка со граѓаните.

На крајот проектите беа презентирани во советот на Градот Скопје.

 

  1. Локација Студентски дом Гоце Делчев Скопје

Ментори: Сара Симоска и Владимир Ѓоргиевски

Учесници Сандра Николовска, Катерина Пановска, Кристијан Арсовски, Александра Христовска, Томислав Поповски, Ермал Белули, Марија Трајаноска

 

 

По извршеното теренско набљудување се воочија повеќе можни локации за интервенција, од кои по фб анкети и разговор во тимот се одбра локацијата Urban Snake.

Се работи за веќе постоечки бетонски ѕид од висина на 80 цм, кој стои како монумент во дворот и потсетува на змија. Дискусиите во групата се однесуваа на тоа дали да се интервенира директно врз постаментот или дали да се допре суптилно со што не би ја уништиле бруталистичката архитектура. По голем број на дискусии и консултации и со други експерти тимот одлучи да постави урбана опрема која ќе ја допре интервенцијата.

Urban Snake е урбана интервенција која што се состои од 3 дела: партерно уредување, урбана опрема и осветлување.

 

 

 

 

Урбаната опрема се состои од четири модуларни коцки, сместени во запците на змиестата бетонска структура, и пет дрвени клупи кои се преклопуваат, но не ја допираат структурата. Секоја од коцките нуди различна програма, па поставени ќе бидат:

  • Коцка за вежбање

 

  • Коцка за одмор

 

  • Коцка за лулање

 

  • Коцка за разговор/читање

 

 

Ваквата конфигурација програмски ја збогатува и визуелно ја надополнува геометриската повторливост на змијата. Коцките,  се поставени во наизменичен распоред околу бетонскиот постамент и тоа кон паркот и кон зградата на студентскиот дом со цел да се анимира отворениот простор од двете страни. Така, студентите ќе имаат можност на различен начин да го искористат секој дел од просторот. Притоа, растојанието помеѓу секоја од коцките е прикладна се со цел рамномерно анимирање на просорот. Коцките, поставени на бетонски темел, имаат метална конструкција обоена во крем и стојат на челични потпори. Ширината, висината и должината на секоја од коцките се идентични и изнесуваат 2,40 m. Покрај нив, во непосредна близина се поставени дрвените клупи. Тие ги надополнуваат останатите запци и постоечкиот бруталистички елемент, притоа давајќи му нов карактер на просторот. Имајќи предвид дека веќе може да се седи на бетонската структура, дрвените клупи ја реинтерпретираат обичната клупа во нов елемент кој ќе даде подинамично сценарио. Дополнително, црвената боја на клупите ќе го разигра и ќе му даде нова енергија на просторот. На клупите ќе може да се седи, лежи или искачува. Сето тоа го дефинира нивниот мултифункционален карактер.

 

 

Партерното решение воспоставува кохезија помеѓу различните елементи на урбаната опрема. Изборот на материјали е направен врз основа на функциите на коцките. Така, под коцката за вежбање ќе биде поставена црвена подлога за вежбање, во близина на коцката за одмор и лулање ќе бидат поставени камчиња, додека коцката за разговор/читање ќе биде во срединна ниско, грмушесто зеленило. Овие подлоги имаат форми на кругови во чија средина се сместени коцките, а останатиот дел од подот е надополнет од камчиња во бетон.

 

Избраните материјали се согласно нивната достапност на локалниот пазар, како и лесна изведба и одржување.

 

Со цел да се создаде пријатен амбиент во текот на вечерните часови, во проектот се вклучени и два светлотехнички зафати. Првиот зафат подразбира замена на постоечкото осветлување со нови LED светилки чии се надополнети со фотоволтаични генератори. Електричната енергија од фотоволтаичните генератори ќе ја произведуваат електричната енергија што ќе се користи за осветлување и полнење на мобилни телефони и компјутери. Вториот зафат се состои од поставување на амбиентално осветување во форма на лента, на подот и по должина на бетонската структура. Ова решение дополнително ќе го истакне бруталистичкиот елемент и ќе го соедини поставената урбана опрема.

  1. Локација Плоштад Балет

Ментор:  Ирена Милојеска

Учесници Ана Гушева, Андреј Георгиевски, Ангела Трајанова, Асра Хамзаи, Марко Мараш

Плоштад БАЛЕТ претставува мал урбан џеб во самиот центар на град Скопје. Формиран е од периметарот на висока станбена структура на југо-западната страна и ниска комерцијална на северо-источната страна. Малиот плоштад се третира како транзитна зона поради тоа што до него се пристапува преку 6 пасажи. Најчесто оваа циркулација низ него овозможува луѓето од Булевар Партизански одреди да преминат кон ул. Мирослав Крлежа. Во однос на типологијата, овој простор може да го дефинираме како интровертен, односно место за задскривање, и паузирање од интензивната градска атмосфера. Но истовремено доколку го анализираме во однос на интензитетот на користење, станува збор за јавен простор односно простор на непопречена циркулација. Во непосредното опркужување на овој мал плоштад од програмски аспект, се содржани казина, обложувалници, ноќни клубови, мали деловни простори, кафетерии, продавници за здрава храна во надворешноста на периметарот, додека во внатрешноста, се наоѓа клубот Балет кој на некој начин ја дава референтноста на овој простор и претставува симбол на ноќниот живот во нашиот град.

Ваквата поставеност и ваквата програма доведуваат до дефиниција дека плоштадот Балет претставува простор на спротивности – има богато ноќно сценарио а нема речиси никакво преку ден.

Преку ден плоштадот е приватно – јавен пред простор за луѓето што живеат таму и луѓето кои константо поминуваат низ него, а навечер тој простор се трансформира во збирно место за вечерните забави.

Плоштад Балет е простор на трансформација кој повикува на решенија подложни на трансформација.

 

 

ОПИС НА ПРОСТОРНА ИНТЕРВЕНЦИЈА

Како стартна точка од која што се развиваа сите идеи беше прашањето: Зошто луѓето константо поминуваат низ овој простор а никој не се задржува во него? Што да направиме за овој простор да почне да го привлекува вниманието на луѓето? Како да ја подобриме неговата моментална состојба?

Постоечката структура се користи како основа за генерирање на ново сценарио.

По направени повеќе проби во однос на тоа како да се пристапи со интервенирање, одлучено е да се работи со искористување на веќе постоечките вредности на тој простор со нивно интензивирање и додавање на нови програми кои нудат појава на нови активности. Новото решение дава можност за заживување на ова јадро и причина луѓето да останат таму.

 

 

Во суштината на концептот лежи трансформабилност, односно можност оваа интервенција да го менува просторот во различни временски интервали.

Новото решение се состои од интервенции кои содржат нови елементи за седење, нови елементи за поставување на зеленило, нови светлосни елементи и апликација на силни бои со цел да го ,разбудиме, просторот и да му донесеме нов амбиент. Истите тие интервенции би можеле да почнат да се поставуваат откако тој простор ќе биде среден според горенаведените препораки.

 

Првата фаза би била поставување на дрвена плтаформа oд дрвени летви (10см х 2см х должина по потреба) врз метална подконструкција околу постоечката структура за да се потенцира тој сегмент и да се издвои од површината на плоштадот.

Поради тоа што околу скалишното јадро има перманентна бетонска структура со платформи за седење, врз неа додаваме нови дрвени платформи чија димензија варира во зависност на која страна се поставени.

 

Ваквата интервенција повлекува поставување на нов покривен елемент кој ќе ги заштитува дрвените платформи за седење. За да се постигне ова, се одстранува стариот полукружен лим и се поставува нов пофункционален, пластфициран лимен покрив кој ја следи геометријата на структурата и обезбедува заштита од природни влијанија. Неговата димензија е 11х9х7м.

Следниот чекор е затворање на скалите кои водат до подземниот паркинг поради тоа што се неупотребливи и моментално служат како дупка за отпад. Со нивното затворање се отвара површина за формирање на мали различни нивоа за седење од дрвени плочи поставени врз метална подконструкција. Плочите се всушност ОЅВ табли, офарбани во црвена боја.

Земајќи го предвид фактот дека на тој простор му недостасува светлина во текот на вечерните часови, во концептот се интегрираат и светлосни елементи кои всушност ја предизвикуваат таа трансформација на плоштадот. Како референца за овие елементи се веќе постоечките столбови кои ја носат моменталната покривна конструкција и се поставуваат паралелно на платформата на растојание од од околу 4м.

 

 

Станува збор за метални кружни столбови. Овие елементи покрај светлосна функција, му даваат нова композиција на просторот и атрактивни визури кон него, гледајќи од пасажите. Исто така ги замислуваме и како елементи за потпирање во идеални ситуации кога нема да има доволно место за седење околу и во новата структура.

Последната интервенција која е вклучена во овој проект е вметнување на ново зеленило во рамките на можностите. За таа цел се озеленуваат кружните елементи и се поставува метална тенка мрежа на столбовите за вертикално израснување на вегетацијa која ќе му даде нов амбиент и карактер на просторот.

 

 

  1. Локација Парк Форум

Ментор: Никола Ѓорѓиевски

Учесници:

Димитар Милев, Фросина Ангелеска, Братислав Зарески, Антонија Крајчева, Даниела Василева, Бојана Митковска

 

Парк ФОРУМ се наоѓа во централното градско подрачје на град Скопје, во општина Центар. Типо-морфолошки, паркот ФОРУМ преставува правоаголен парк дефиниран како внатрешен двор, тип атриум, ограничен со низа општествени, административни и станбени згради. Паркот е лесно достапен и високо фреквентен поради тоа што е добро поврзан со четири пасажи – пристапи, а дополнително се интензивира посетеноста поради тоа што на исток граничи со улица Македонија и е во непосредна близина на плоштадот во Скопје. Локацијата е добро поврзана со јавниот транспорт бидејќи граничи со постојката Рекорд каде застануваат скоро сите автобуски линии. Паркот ФОРУМ исто така преставува значајна урбана точка во градот бидејќи со децении гравитира урбана култура и место за дружење, особено во периодот пред новиот век и во раните почетоци на 2000-те. Актуелните движења во градот, густата урбанизација, интензивирањето на сообраќајот и ред други градски интервенции го осамнуваат овој простор кој се повеќе го губи екот од претходното време. Дигиталната инфилтрација во општеството како и новите трендови на живот се повеќе избегнуваат ваков тип на отворена, слободна социјализација и ги именуваат овие простори за небезбедни и непосакувани.

 

 

ИДЕЈА ЗА КОНСТУРКЦИЈАТА

-Бевме повикани од материјализацијата на фасадата на тој објект. Односно од нејзината финална обработка. Составена е од мермерни плочки поставени врз метални профили со модул 40/60 кој рамномерно се протега по целата висина. Практично сакавме истиот принцип да се мултиплицира во нашиот дизајн.

ПАРК ФОРУМ

ПАРКИРАЈ

СТОЛЧЕ

Нашата интервенција се состои од две промени: поделба на една од зелените површини и додавање на метална конструкција со дифузни места за седење.

Најпрво, сакаме да го скршиме бетонот и да ја поделиме првата зелена површина, гледано од пасажот кај Котур. Ова го правиме со цел да отвориме патека која ќе го направи просторот попристапен и ќе го обедини истиот. Оваа патека ќе биде поврзана со веќе постоечката патека кај следната зелена површина.

 

 

Вториот дел од нашата интервенција е во делот кај што веќе постои одделеност меѓу зелената површина, односно на веќе постоечката “патека” која ја поврзуваме со ново создадената патека. За овој дел дизајниравме една метална конструкција, создадена од модули. Интересно е што за овие модули бевме инспирирани од веќе постоечка фасада на една од зградите кој го опкружуваат парк Форум. Металната конструкција ќе биде поставена на работ од зелената површина, и ќе биде мултиплицирана од двете страни на патеката. Металната конструкција се состои од 10 модули со димензии 40x80x40, поставени во два реда, односно 5 доле и 5 горе. Во секој модул ќе има по три метални столчиња на расклопување, кои ќе бидат склопени и закачени. Посетителите на паркот ќе можат да дојдат, да ги земат столчињата и самите да го формираат својот простор за седење. Исто така, низ асфалтот на целиот парк ќе има нацртано “паркинг за столчиња”, односно идејни начини за како и каде можат да се постават столчињата низ целиот парк.

 

Седиштата на овие столчиња, ние ги замисливме како креативни места или платна за уметност. Имаме замисла дел од столчињата да бидат нацртани, со цел да им сугерираме на граѓаните дека и тие можат да го направат истото на останатите. Кога ќе стојат закачени на металната конструкција, столчињата ќе формираат едно импровизирано уметничко дело кое ќе биде интересно за гледање и ќе му даде карактер и живот на просторот.

 

МАПА ОД СЦЕНАРИЈА

На мапата се претставени различните конфигурации за можни просторни сценарија во врска со „паркирање“ на столчињата. Иако идејата е просторот да биде слободно интерпретиран и исто така користен, како група која сака да го оптимизира просторот, предложивме неколку типови на групно седење.