Ре:Кино „11 Октомври“, Велес / Предлог програма
08.02.2026 • Истражување Став
Период: средина на XX век.
Тема: Јавни објекти – културно административени
Објект: Кино (поранешно)
Предмет: КП: 4810, Објекти: 2.3 и 4
Локација: ул. „8-ми Септември“, Центар, Велес
Површина: 1038м2 (нето)
Значење на интервенцијата
Поранешното кино во центарот на Велес е значаен урбан и културен обект, кој повеќе од една деценија стои неодржуван и нефункционален. И покрај својата локација, просторен потенцијал и историска вредност, објектот е исклучен од современите градски текови и од културниот живот на заедницата.
Овој објект има потенцијал да се трансформира во стратешка урбана и културна интервенција. Ова претставува можност за трансформација на напуштен јавен објект во автивен културен и продукциски хаб (лабалаторија за креирање на културни вредности) кој ќе одговори на реалните потреби на градот Велес но и пошироко.
Предложената програма за реконструкција треба да иницира подобрување на односот кон објекти од овој тип, притоа создавајќи инспиративен простор за слободно творење и развој на проекти. Таа треба да овозможи простор за работа на невладини организации и неформални групи кои активно придонесуваат за општествениот развој.
Објектот се предвидува како центар за иновации, простор за креирање и развој на нови проекти и прототипови, со интернационални соработки, за поттикнување на развојот на алтернативната културна сцена во градот.

Просторна организација
Постојниот објект е составен од два функционално поврзани, но јасно дефинирани просторни делови – администрација и кино сала – споени во еден архитектонски волумен, позициониран помеѓу две улици поставени на различно висинско ниво и еден влезен, внатрешен атриумски двор. Катноста е П+3, со интегрирана рамна тераса која во минатото функционирала како летно кино.
Поради долгогодишната нефункционалност и отсуство на градежни зафати, објектот се соочува со сериозни инсталациски, конструктивни и функционални проблеми кои ја ограничуваат неговата употреба и безбедност.
Ситуација
Веднаш до поранешното кино е куќата на Шукара. Објектот претставува редок зачуван пример на градска станбена архитектура проектирана од рускиот архитект, инженер Николај Солонцев. Куќата е репрезентативен пример на традиционалната велешка архитектура од триесетите години со јасно изразени стилски и композициони карактеристики.
Нејзината препознатлива жолта фасада, која е дел од оригиналниот колорит уште од времето на изградбата и денес претставува силен визуелен акцент во урбаното ткиво и привлекува внимание на минувачите. Особено впечатлива е фасадната обработка, збогатена со декоративни елементи и пластика, кои ѝ даваат автентичност и ја издвојуваат како архитектонски уникат во амбиенталната целина.
Прочитај повеќе за Куќата на Шукара
Историски контекст
Во рамки на подготовката на предлог-програмата беше реализиран разговор со архитект и истражувач на велешката архитектура Станка Амбаркова, која укажува за значајниот историски контекст на објектот. Според нејзините сознанија објектот бил изграден преку акција во која активно учествувале жителите на Велес, синдикалните организации и локалната заедница, што претставува пример на силно изразена општествена одговорност и колективна посветеност кон развојот на културниот живот на градот.
Во процесот на изградба учествувале и градежни инженери образовани во Загреб, кои своето знаење го насочиле кон реализација на јавни објекти со цел подигнување на културниот стандард на градот. Меѓу имињата кои се споменуваат се инженерите Гајдов, Шурков и други, како и бројни градежни мајстори и тајфи кои биле вклучени во изградбата. Дел од нив работеле водени од идејата за заедничко добро и развој на градот.
Овој податок дополнително ја нагласува нематеријалната вредност на објектот, кој не е само архитектонска структура, туку и сведоштво за едно време во кое јавниот интерес и културата биле заедничка кауза.
Историска фотографија / извор: Veles niz minatoto
Конструктивни интервенции
Најкритичен елемент е кровната конструкција. Потребно е целосно демонтирање на постојниот кров и негова замена со нова конструкција, без промена на основниот тип – повеќеводен кров, со што се зачувува автентичноста на објектот. Новата конструкција би требало да вклучува современ кровен покривач, дрвена подконструкција и соодветно решена термо и хидро изолација, како и нов систем на хоризонтални и вертикални олуци.
На кровната може да се постават фотоволтаични и соларни панели, како дел од стратегијата за енергетска ефикасност и одржливост, со цел објектот делумно или целосно да ги задоволува сопствените енергетски потреби.
Кај рамниот кров – терасата, потребно е целосно отстранување на постојните слоеви до бетонската плоча и изведба на нова конструкција, со почитување на историската функција на просторот како летно кино.
Фото: К.A.
Инсталации, фасада и осветлување
Потребно е да се предвиди целосна замена на постојната вентилација со современ систем кој ќе ги задоволи потребите на мултифункционален јавен објект.
Фасадата треба да биде дополнета со суптилно осветлување, кое ќе го нагласи волуменот и ќе ја врати грандиозноста на класичниот надворешно визеулен идентитет на објектот во ноќната градска силуета.
Постојната столарија треба да се замени со нова, енергетски ефикасна, усогласена со веќе реализираната реконструкција на делот од приземјето каде функционира Европската куќа – проект финансиран од Европската Унија, отворен во 2022.
Внатрешен атриум
Меморија на просторот
Последната претстава во старото кино „11 Октомври“ била во март 2005. Од април 2013, по добивањето на дигитален кинопроектор се прикажувале македонски филмови во Велешкиот театар. Откако во 2018 проекторот се расипал, во Велес престанале да се прикажуваат филмови, се додека не се отвори новото кино „Киноверзум“ во 2020, во просториите на поранешната сала „Бели мугри“, која работеше во рамките на Градската библиотека „Гоце Делчев“.
Галеријата, како составен дел од салата може да добие нова мултифункционална намена која ќе функционира и независно. На терасата може да се предвиди кафе-простор со мобилна урбана опрема, пергола за сите временски услови и нов нелизгачки поден материјал.
Постојниот ѕид за проекција да се санира и задржи како симболичен елемент. Старите кино-реквизити во внатрешните простории може да се интегрираат како меморија – изложба, која ја раскажува историјата на просторот и создава емотивна врска со посетителите.
Нова намена
Поранешните административни простории може да се трансформираат во „co-work“ и мултифункционални простори, наменети за млади професионалци, уметници и тимови кои работат на меѓународно ниво. Просториите да бидат флексибилни со современи материјали и можност за различни сценарија на користење.
Посебно значајно е постоењето на веќе опремен но нефункционален простор – поранешна туристичка агенција финансирана од ЕУ – кој претставува подготвен ресурс за повторна активација.
Визија и јавен интерес
Градот Велес има реална потреба од културен, продукциски и креативен центар – место за културна размена, поддршка на млади уметници, музичари, скулптори, научници и креативци. Овој објект има потенцијал да стане платформа за локални и меѓународни настани, научни собири, работилници и иновативни програми.
Како архитектонски тим, предлагаме пред да се пристапи кон изработка на идеен/основен проект за разработка на реконструкцијата, предлагаме да организираме работилница и тура низ постојниот простор на киното, во која селектираните учесници и локалната заедница активно ќе учествуваат во креирањето на концептот за идното функционирање на објектот.
На ваквата предлог – реконструкција не треба да се гледа како на трошок – таа би била инвестиција во иднината на градот, во културата, знаењето и заедницата, но и во зачувувањето на меморијата за колективниот труд и општествената одговорност со кои објектот првично бил создаден.
„AI“ Визуелизација
Предлог уредувањето на партерот укажува на потребата од поширок опсег на интервенцијата, која не се развива само во внатрешноста туку и вон неа, што е прв повик за комуникација и користење на објектот.
Соработник: Кристијан Арсовски
Автор на статија: Sorabotnik
co-work / Административна зграда / Јавен објект / Кристијан Арсовски / Мултифинкционална сала / Нов продукциски хаб / Поранешно кино / Предлог програма за реконструкција












