Предлог-решение, критика и претпоставка за конкурсот за „плажите“ во Охрид / Жупан, Спасески, Узунов, Лазароски

Автори: Стефан Жупан, Филип Спасески, Филип Узунов, Иво Лазароски

Осврт на авторите за конкурсот за уредување на плажите на Охридското Езеро:

 

Конкурсот како средство преку кое на мегдан се промовираат архитектонските размислувања, веќе со децении е потценет на државно и локално ниво. Во Охрид и претходно беа објавувани слични несериозни конкурси за поставување урбана опрема.

Како студенти по архитектура, би сакале прво да сугерираме, или предочиме јавно дека овој конкурс иако се претставува во јавноста во неколку наврати како „Повик за уредување на плажите на Охридското Езеро“, воопшто не се однесува на множина плажи туку конкретно на една плажа а тоа е „Горица 3“ – според конкурсната документација на повикот.

За жал, студентите немаат право на учество на овој конкурс, но,  ние решивме да пробаме да одоговориме на задачата иако иако не учествуваме официјално на конкурсот. Би сакале со тоа да го изразиме нашиот став во врска со овој простор, но и нашиот став и критика генерално за поставеностите на јавните конкурси и професијата во јавниот дискурс и третман од општествените институции и власти. Дополнителен мотив за ова беа и пристигнатите и објавени решенија кои веќе одговориле а во нив гледаме одредена доза генеричност, незаинтересираност и плиткост.

 

Претпоставка за наредните случувања:

„Повик за уредување на плажите на Охридското Езеро“, а се однесува конкретно на плажата „Горица 3“. Според изјавите на минатиот градоначалник на град Охрид, Константин Георгиевски искажани во повеќе прилики, претпоставуваме дека урбаната опрема и/или објекти кои ќе се усвојат со овој конкурс ќе бидат репродуцирани и мултиплицирани на повеќе други плажи. Со тоа, како прво ќе се навлезе во авторските права на проектантот, а потоа како решение истото ќе претставува само еден дополнителен кич кој нема да има воопшто врска со контекстот, духот и опкружувањето на овие нови плажи затоа што одоговор на конкурсот се однесува конкретно на една плажа. Никаде не се споменува модуларниот и мултиплицирачки “plug-in” карактер на повикот како што ние претпоставуваме дека ќе биде третиран.
Претпоставуваме, исто така, дека овој конкурс од општината ќе биде сфатен и третиран како конкурс за урбана опрема и павиљонски архитектонски решенија, а не како урбанистичко и архитектонско решение за конкретната локација. Со ова, се деградира и занемарува цела студија и аспект во архитектонското проектирање, а тоа е духот и контекстот на местото, физички, обликовен, историски, социојален и се постигнува еден вид „празноличност“ во решенијата, генерички произлезени форми кои не поседуваат никаков идентитет.

 

Нивото на самата организација на конкурсот е на незавидно ниво:

Конкурсниот материјал се подигнува физички во општина, со што се ограничува достапноста до него за кандидати кои не живеат во Охрид, но и секако исклучително тешко може да се дојде до него земајки ги предвид бирократските процеси во општината.

Содржината на конкурсниот материјал е на апсолутно најниско ниво: нема чист и јасен векторски цртеж со означени дрва, патеки, материјали и други клучни елементи, нема никаква индикација на која плажа конкретно се однесува, нема фотографии и орто-снимки, нема дополнителни информации за историја на местото, визија за просторот итн;

Програмата е исклучително нејасна, со услови кои се контрадикторни едни на други. Многу пред-одредености за дизајнот што ја ограничуваат креативната слобода од една страна, а од друга страна задирање во многу стручни работи на други професии кои воопшто не се однесуваат на архитектура;

Опфатот е крајно неспретно поделен – според катастарски парцели, наместо како логична просторна целина што е поважно кога се однесува на значаен јавен простор;

Повикот е објавен само на веб страната, и нема своја веб страна, со достапни материјали и информации како други современи конкурси.
Не се дозволува учество на останати студенти и професионалци, со што креативноста на очекуваните идејни решенија се ограничува исклучиво на лиценцирани архитекти. Нема интернационален повик

Прилозите за доставување на решенијата не се прецизирани и се бара да се предадат исклучиво физички и на ЦД.

 

 

Повикуваме понатаму одговорните за организирање на ваков тип конкурси од исклучително важно јавно значење, јавни простори кои не се само за локалците туку претставуваат и лик за Охрид во очите на посетителите, да обрнуваат повеќе внимание при подготвувањето на конкурсниот материјал и задача. Една од најважните фази на конкурсот како натпреват лежи токму во подготовката и објавата на истиот. Во светот имаме ризница примери за меѓународни, или за национални конкурси чии што стандарди од скоро почнаа да се практикуваат и во соседните земји како Србија, Босна и Херцеговина, додека во Хрватска и Словенија е веќе воспоставена пракса повеќе години. Добар меѓународен конкрус значи и добра промоција на државата и градот.
Линк до двете пристигнати решенија кои спаѓаат во овие рамки но исто така може да се насети дека се изработени од ист автор: https://bit.ly/3mriHya

 

Дел од карактеристиките на современите конкурси се:

Вебсајт за конкурсот кој содржи графичка и текстуална документација, сите детали за задачата, материјали, општи информации, статистики, фотографии, орто-снимки, историја, анализа, , визија, цел итн. (а не само копија од извод од катастар); Поднесување на проектите онлајн, за поголема достапност на поголем број луѓе од државата и странство; Релевантно и квалитетно жири, јавно познато; Интернационален карактер и промоција на англиски јазик за поголем избор на решенија и по-релевантен натпревар на идеи; Објава и изложба на сите или дел од пристигнатите проекти, а секако на првите места; Достојни награди за трудот.

За добри резултати и лепеза на оригинални и разновидни проекти од кои преку натпревар на идеи може да се извлече најдоброто решение – предуслов е поставување добар конкурс. Треба да сфатиме дека јавниот натпревар носи аргументирани и здрави решенија, а кога се работи за јавен простор, кој е заеднички, право на предлог треба да имаат сите.

 

Јавен простор = јавен натпревар.
Јавен натпревар = квалитетно решение и инклузија.

 

Нашето предлог решение:

Општи карактеристики за локацијата и даденостите

 

Локацијата се однесува на крајбрежниот опфат кај Горица 3, исто така позната како плажа „Немо“. Потегот има афинитет на целна точка која е поврзана со пашечката патека, често користена за спортски и рекреативни намени од каде се продолжува и по следните плажи, а располага и со сообраќајна врска која води до магистралниот пат Охрид-Св.Наум, како и голема паркинг површина пред самиот влез. На јужната страна има неколку тесни шумски патеки кои се надоврзуваат со горниот пат кој води до хотелскиот комплекс Инекс-Горица и председателската вила. Историски гледано локацијата нема некоја конкретна намена освен како плажа, место за рекреација и културни настани.

 

Се работи за линеарен опфат, доста празен но и хаотичен по превземените активности за рушење. Постојат повеќе потенцијали за развиток помеѓу шумата, дрворедите, камените ѕидови, плажата и нивната взаемна поставеност.

Концепт

 

 

Препознаваме четири просторни целини со различни карактери и потенцијални вредности. Концептот се фокусира на амплификација на овие квалитети и нивна симбиоза. Тоа се следните:

Плато-влез помеѓу двата постоечки дрвореди кој го акцентира врамениот поглед на влез, па се спушта на ниво на плажа во склад со остатокот од интервенцијата, или насочува кон останатите програми.

Јадро-шанк–централна интервенција од отворен тип околу која циркулираат содржини- рекреација, сончање, одмор. Ја опслужува плажата со високо и ниско седење.

Двор-врска отворен простор во централниот дел од опфатот врз кој се надоврзуваат влезовите од источната страна-шумски патеки,  шанкот, плажата како и интимниот дел од северната страна. Двете примарни функции се спуштање на теренот и поделба на просторот за добивање по хумана мерка кога се работи за огромен простор. Како секундарни интервенции се предвидуваат клупи за одмор на каскадите и дрва за засенување.

Џеб-соба- Просторот си ја задржува постоечката интимност со оформување на амфитеатарско седење во склоп на топографијата.

 

 

Движење

Се затвара постоечкиот влез со цел оформување целовити простори за понатамошен развој, но и за да се експлоатира квалитетот на постојните дрвореди. Новиот главен влез кој е примарен чвор ги акумулира поголемиот дел од корисниците и ги насочува/упатува кон другите делови или езерото. По самиот терк на програмата на движење имаме јазли (моменти на застанување) кои се меѓусебно поврзани.

 

Материјалност

Се користат природни материјали во склад со условите, а тоа се : Камен – камени плочи набиени во земја на платото, кршен камен за патеките, и ситен езерски камен за просторот околу шанкот. Дрво – за оплатирање на набиената земја, шанкот, амфитеатарот и клупите. Останатите површини се тревни а плажата останува со песок. Тревните површини ствараат своја ладна микро клима заедно со сенките од дрвата во лето, но исто се пријатни за користење и одење.