Ревитализација? / Лешочки манастир
16.11.2023 • Став
Манастирите и црквите низ Македонија се едни од главните носители на традицијата на нашето градителско културно наследство. Со забрзаниот развој на градовите особено во втората половина на 20 век, изградената околина забрзано се менува. Незаменливи примери на традиционалното културно наследство исчезнуваат од лицето на градовите. Манастирските комплекси покрај некои исклучоци во градовите остануваат како единствени чувари на традиционалната профана архитектура во формата на Конаци и разни придружни градби.
Последните 10 години манастирските комплекси стануваат фокус на големи градежни зафати со цел да се ревитализираат комплексите и да се зголеми капацитетот на сместувачките капацитети на истите. Честопати истото е реализирано на принцип на „реконструкција“ на веќе постоечките конаци, санација на постоечките конаци и изградба на нови во цврста градба во таканаречен „традиционален стил“.
Кога говориме за традиционален стил на градба истото се мисли и на градежната технологија и знаење кое се развива низ многу векови, а старите конаци се уникати примери преку кои можеме истото да го истражуваме и студираме.
Лешочки манастир за кој говоревме во посебна објава од 2019 е сведок на овој тип на ревитализација. Старата плевна на западната страна на комплексот е заменета со изградба на нов конак започната февруари 2020 година во цврста градба. Во стариот конак на јужната страна подигнат во 1889 година од игуменот Езекил е започната санација поради лошата состојба. Санацијата во првата фаза опфаќа отстранување на стариот и дотраен градежен материјал. Фотографиите од првата завршна фаза, ја донесе до виделина фантастичниот дрвен скелет со кој е подигнат објектот. Снимките се тестамент за високото технолошко достигнување на традиционалниот „неимар“ при градба на големи и масивни објекти.
Токму оваа фасцинација на градежниот систем на стариот конак, ја прави предвидената втора фаза на санацијата уште толку повеќе контроверзна. Како што може да се види на фотографиите започнато е да се гради во внатрешноста на конакот преку армирано-бетонски систем. Во известувањето на Националниот Конзерваторски Центар во втората фаза е предвидено да се поставуваат нови бетонски плочи и ѕидови.
Покрај разбирливата интервенција за темелното зајакнување со помош на армиран бетон, човек може да се запраша како новите бетонски столбови и плочи ќе имаат улога кон автентичност и интегритетот на конакот. Проектот се води кон темата „ревитализација“ во која по дефиниција треба да се направи сѐ потребно за зачувување на интегритет на доброто. Остранувањето на подовите и ѕидовите веќе има голем удел во губењето на интегритетот на вредностите.
Несомнено е дека на традиционалните градби е потребна интервенција и санација но дали армиран-бетон е правиот начин? Една од најдобрите особини на градежното дрво е можноста за неговата реставрација, одржување, пластичност па и замена со ист или сличен материјал. Со тоа се одржува материјалната автентичност на градбата и се заживуваат и развиваат традиционалните методи на градба. Манастирските комплекси како чувари на традиционалната градба имаат и можност да станат чувари и промотори на традиционалниот начин на градба, преку кој нема да ја заборавиме нашата историја.
Истото прашање може да се постави за влијанието кое новите конаци во манастирите имаат кон интегритетот на истите. Развојот и проширувањето на комплексите секако не смее да запре, но треба да се направи обид кон негување на традиционалната традиција. Се надеваме дека стариот конак ќе може да ја задржи својата оригинална структура и материјали.
Авторот е Магистер по конзервација на споменици и локалитети на културата.
Автор на статија: Мартин Ефремовски
Културно наследство / Лешок / Лешокчки манастир / ревитализација