По некој збор за „East Gate“ и „Limak“

Во Скопје во моментов се отворени повеќе големи градилишта, но оние кои решаваат комплексно делови од градот се „Limak“, „Skopje East Gate“ и „Cevahir Sky City“.

Тоа што ги врзува овие три големи комплекси се станбеното домување, деловниот простор и секако – големите трговски центри.

Џевахир е единствениот кој се наметна на визурата на градот, но воопшто не посегна по централното градско подрачје. По изградбата на Македонската радио и телевизија, ова се највисоките објекти во државата и до скоро највисоките во регионот.  Тоа се првите облакодери во градот, со височина од околу 140 метри и 42 ката.  Комплексот е на простор кој не е толку оптеретен и во непосредна близина на 2 градски булевари.  Џевахир е и првиот од трите споменати кој ќе биде целосно завршен (се очекува до крајот на 2022 год.)

 

 

Останатите два комплекси се или во срцето на Скопје или на самиот раб , директно наметнувајќи се на функционирањето на централното градско подрачје од секаков аспект.

Градот се развива, многу често на начин на кој не ни се допаѓа, бидејќи моралноста и етичноста е ретко битна за политичките партии кои раководат со нашите животи во облик на демократски избрана власт. Професијата е секогаш таму некаде, во некој контролиран облик, до таму каде им одговара на челниците.

Никој не спори дека на Скопје му беа потребни нови потези во градот,  современи комбинирани комплекси и инвестиции. Но, нивната изградба се наметна врз потврдените вредности во просторот, деградирајќи ги објектите кои станаа нераскинлив дел од историјата на градот и неговото живеење. А можеше да биде поинаку, со сите апетити задоволени.

 

 

Макета од комплексот

 

 

Скопје имаше саем на одлично одбрана местоположба во градот. Во непосредна близина на транспортниот центар и железничката пруга што овозможуваше пристигнување на изложувачи и посетителите од другите градови и држави со воз, автобус и автомобил. Саемот беше на самиот раб од централното градско подрачје, на средишниот градски булевар „Александар Македонски“ кој е директна врска со автопатот Е-75.  Урбанистички маестрално одбрана точка. Овој прекрасен комплекс  имаше голем простор за дополнителен развој бидејќи истиот беше половично изведен од првичната идеја.

 

 

Саемот, сателитска снимка

 

Грешките беа направени уште со приватизирањето на саемот, но доколку бевме свесно општество и тоа имаше форма како да не биде на штета на јавниот интерес. Објектот можеше да добие посебна категорија на заштита во кој ќе беше внесен архитектонскиот облик и функција. Па од тука натаму можеше да се менуваат сопствениците неограничен број пати. Неговото менаџирање е секако уште еден неуспех, бидејќи празниот простор можеше да ги задоволи останатите визии на сопствениците (за волја на вистината имаа неуспешен обид).

 

Од Дуп за скопски саем

 

Некој секако дал иницијатива, па општината му излегла во пресрет (страшен општествен пораз) да ги вклучи неговите апетити во урбанистичкиот план. Поместени границите на градежната линија, променета катност, немање степен на заштита и „чича мича готова је прича“. Тоа е толку проѕирно, но нашата јавност не посветува доволно внимание на овие чекори и сеуште учи за тоа што значи јавен и  граѓански притисок.

Скопје сонува да биде европска метропола, без простор за изложување на напредни идеи, промоции на производи и технологија. Каков е тој сон?!  Без визија секако.

 

 

Ситуациона визуелизација на East Gate

 

 

Колку и да е добар визуелно архитектонски концептот на East Gate, кој секако ќе донесе нешто ново на градот, ненадоместливо е губењето на Скопскиот Саем.

Секогаш лично претпочитам проекти кои имаат најпрво почит кон постоечкото, евалуација на тоа што егзистира, контекстот на градот па потоа нова интервенција. Инвеститорите се бараат според  потребите на општеството а не обратно, што овде е очигледно направено.

 

 

Извадок од своевремено активен Дуп

 

 

Лимак и просторот зад Старата железничка станица е локација на која Скопје одамна очекуваше пробивање на значаен дел од идејата за јужниот булевар, над и околу кој требаа да се развијат одредени јавни функции во центарот на градот. За овој простор последниот конкурс беше организиран во 90тите години,  на кој победува тимот Благоја Колев, Владимир Арсовски и Тони Поповски.

 

Победничкото решение на конкурсот од 1993 година

 

 

По него следеше конкурс кој го третираше единствено Музејот на град Скопје, што по којзнае кој пат ќе истакнам дека е една од најдобрите идеи за градска куќа и вистинско решение за Старата Железничка Станица. Градската куќа и музејот на градот под еден покрив со заеднички јавен простор, како визуелна поента на главната градска улица која ве врзува со централниот градски плоштад. Незаменливо!

Но, повторно се појави инвеститор (или некој си го донесе), кај мегаломански расположената тогашна власт, се скроија урбанистичките планови кои  лежерно го искасапија објектот на Музејот на град Скопје. Реакциите во јавноста беа скоро минорни, бидејќи  вниманието беше целосно насочено кон проектот „Скопје 2014та“.  Најпикантно е тоа што овој мегаломански бизнис започна со минатата власт, а тековнава само му ја доотвори вратата без никакви замерки на проектот. Очигледно дека се има цена, само јавниот, моралниот и етичкиот принцип е лесен за газење.

 

 

Визуелизација од спорната интервенија и приближување до Музејот на град Скопје

 

 

Да имавме стручни лица кои ќе одлучуваа, или главен градски архитект кој ќе требаше да го аминува решението, немаше да се дозволи пробивање на обрачот околу Музејот на град Скопје, со што неговиот потенцијал за развој ќе останеше и понатаму. Исто така ќе се инсистираше на ротирање на кулите, за 90*, како ќе се овозможеше поголем продор на воздух од Водно кон центарот. Но,  да беше се како што треба немаше да биде потребно ниту да се ценкаме со инвеститорот, за што имаше шанса тековнава власт.

 

 

Кулите паралелно позиционирани на Водно

 

 

Тој уште пред да се појави, пред државата да направи повик за отуѓување на државно земјиште, требаше да се внесат вистинските барања за распис на јавен и отворен архитектонско урбанистички конкурс. Па од тука конкурсната задача ќе беше направена заеднички  и ќе имавме задоволување на сите потреби. Секако дека тоа не се случи – кој ќе троши време на такви правилни потези?!  Позначаен е бизнисот на некој странски инвеститор!

Дозволивме да се срушат  пероните и оригиналните ѕидови на Старата железничка станица, кои сега инвеститорот ќе ги замени со нови ѕидови кои ќе го имитираат стариот.  Се е наопаку, се заради летаргичноста на властите и нивното недоволно познавање на јавниот простор, етика, нечувствување потреба за консултација со стручните лица пред да се осмелат да наметнат  идеја во јавноста. Градот буквално го жртвува објектот и неговото значење.

 

 

Рушење и „визија“

 

Голем дел од граѓанството сеуште смета дека треба да припаѓа на некоја партија, па од тука губи огромен дел од интелегенцијата во необјективни и пристрасни оркестрирани гледишта кои немаат допирна точка со професијата и рационалноста за отворените прашања.  Колку и да бираме помеѓу црното и белото, јавниот интерес никогаш нема да се наметне ако граѓаните немаат слух за професионалните мислења и не застанат гласно во јавноста пред истите!  Затоа притисокот од јавноста кон новите градоначалници треба да започне веднаш и во континуитет, за да не дозволиме да добијат чувство дека они не владеат, туку да им наметнеме чувство дека ние сме тие кои само им даваме привремено вработување а соодветно на тоа, доколку не се покажат добро – следува отказ!