Саат кула, Охрид / 1726г.
05.09.2024 • XVI - XIX век
Ктитор: Чавуш Дере Сулејман-ага
Година: изградба 1726, обнова 1979 год.
Локација: Охрид, месноста Дебој, Месокастро
Извори: www.tvm.mk; www.mk.wikipedia.org;
Фотографии: МАРХ;
Саат кулата на Охрид е една од неговите помалку познатите знаменитости. Овој фрагмент од некогашниот отомански град, уште од 1726г. служи како градски саат.
Сместена на падините на брдото Дебој, кулата од една страна е опкружена со зеленило, а од друга со целосно современи градби. Таа се наоѓа непосредно до црквата Св. Богородица Каменско, и е лесно пристапна преку патот кој води до Горна Порта.
Кулата има едноставна камена структура, која нагоре се развива со дрвен завршеток, а во целост достигнува 12м. височина. Тука, во горниот дел се сместени часовникот и терасата со ѕвоно.
Во внатрешноста на објектот се наоѓа натписот на кој е забележано името на неговиот градител Чавуш Дере Сулејман-ага.
Бидејќи саат кулата се наоѓа надвор од градските ѕидини, и има четири пушкарници, можно е таа да имала и двојна улога како одбранбена кула.
Првобитно часовникот функционирал со систем на тегови, кој функционирал се до неговото растурање за време на Втората светска војна. По војната овој систем е заменет и не успешно модернизиран, бидејќи по обновата часовникот целосно престанува да функционира.
Повторното заживување на саат кулата е овозможено во 1960-те со донација од принцот на Кувајт кој го посетува Охридскиот маратон. Но на жалост, кратко потоа објектот го зафаќа пожар и повторно доживува штети и паѓа во заборав.
По збратимувањето на Охрид и Нови Сад во 1970-те, средства пристигнуваат од Војводина за обнова на кулата и набавување на нов систем за часовникот. Овој пат кулата добива електор механички саат од чешко производство, кој и до денес работи.
Иако часовникот е повторно функционален, кулата сепак е донекаде заборавена. Поради својата ниско фрекфентна локација, овој споменик никогаш не го добива вниманието кое го заслужува. Неговиот партер е исполнет со паркирани возила и обраснати треви, а пристапот внатре не е возможен.
Сепак кулата се уште силно стои, и таа има локален „чувар“ кој се грижи за одржување на часовникот и самиот објект. Дури и после три века оваа кула се уште го покажува точното време и не поврзува со историјата на овој дел на градот Охрид.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис