Саат кула – Дојран / 1372, 2021 год.
31.03.2022 • ХХ век / I половина
Ктитор: Евренос-бег
Година: изградба 1372, реконструкција 2021 год.
Локација: Стар Дојран, некогашна стара чашија, денес ул. Антон Панов
Извори: фејсбук профил Dojran / Macedonia; Општина Дојран
Во период кога среќаваме часовници насекаде, тешко е да замислиме како луѓето порано се снаоѓале без нив. Додека на запад се граделе камбанарии во рамки на црквите, во Османлиското Царство се граделе саат кули.
Ваква кула среќаваме и во Стар Дојран, на ридот покрај Дојранското езеро каде некогаш била горната Турска чаршијата. Оваа градба повторно се актуализираше минатата година, кога по цел век од нејзиното оштетување конечно беше реконструирана.
Реконструираната Саат кула во денешниот контекст / извор: фејсбук профил Dojran / Macedonia
За разлика од камбанариите, саат кулите се целосно профани објекти кои првенствено служеле за да го покажуваат времето. Тие биле исклучително корисни за локалното население бидејќи во овој период имање часовник било вистинска реткост и привилегија.
Кулата во Дојран била изградена во 1372г. како поклон за градот од Евренос-бег. Таа се користела се до Балканските војни кога речиси целата горна половина од објектот била уништена.
Легендата вели дека кога аскерите влегле во градот, населението било изненадено од тоа како тие не се удавиле во езерото, а и пашата, по веста дека војската минала преку заледеното езеро, бил зачуден. Во чест на спасувањето на војската од сигурна смрт и освојувањето на Дојран, бегот изградил Саат кула. Така е наречена бидејќи на неа бил поставен саат од народот.
Историска фотографија на кулата по нејзиното оштетување / извор: фејсбук профил Dojran / Macedonia
Кулата претрпела многу повеќе штети низ годините / фотографија од 1966г. / извор: фејсбук профил Dojran / Macedonia
Оригиналниот објект бил околу 15м висок и бил позициониран на една од повисоките точки во околината. Поради тоа нејзиот часовник се гледал од секаде, а дополнително таа имала и ѕвоно кое отчукувало на секој саат.
Кулата има квадратна основа од 4х4м. и била ѕидана во опус клоазоне – со дебели редови од камен и тенки редови од тула. Целосниот изглед на објектот го воочуваме само на неколку стари фотографии од пред Балканските војни.
На овие стари слики забележуваме дека главниот габарит бил едноставен и се издигал рамно до терасата на часовникот. Од оваа точка започнувал врвот на кулата кој се истенчувал и завршувал со шпицаст кров. На дното објектот имал една главна врата и неколку тесни процепи за светлина.
Кулата во оригиналната состојба и контекст / извор: фејсбук профил Dojran / Macedonia
Кулата во историската панорама на Дојран / извор: www.skyscrapercity.com
Кулата првично била конзервирана, големите штети и дупки биле поправени но сепак врвот не бил довршен
Во 2020 Општина Дојран го најави проектот за реконструкција на Саат кулата и Стариот амам, финансиран од Европската Унија. Изградбата започна во 2021г. и на 5ти Ноември, денот на ослободувањето на Дојран, Саат кулата беше свечено пуштена во употреба.
Проектот за реконструкција на Саат кулата / извор: веб порталот на Општина Дојран
Саат кулата за време на реконструкцијата / извор: фејсбук профил Dojran / Macedonia
Денешен изглед на кулата / извор: фејсбук профил Dojran / Macedonia
Саат кулата отсекогаш имала и уште една парарелна намена. Освен што го кажувала времето таа била и важен дел во силуетата на градот. По реконструкцијата таа повртоно ја добива оваа значајна улога на симбол на Дојран.
Саат кулата во уметничките претстави на Дојран / извор: фејсбук профил Dojran / Macedonia
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Дојран / Општина Дојран / османлиска архитектура / Реконструкција / Саат кула / Стар Дојран