Салата „Длаборез“
09.09.2024 • Ентериер и мебел
Во Македонија е вистинска реткост да пронајдете сочуван ентериер од минатите епохи и стилови. Што од негрижа, немање државна стратегија за културното наследство, дотаму и до изгубеното чувство за фамилијарните традиции, куќи и богатство. Со скопскиот земјотрес особено исчезнува цел еден свет на архитектура и ентериери, мебел и декорации.
Уште поголема реткост е да најдете оригинален ентериер особено со отмени карактеристики, како што е салата „Длаборез“ – најрепрезентативната просторија во Собранието на Македонија.
Салата „ Длаборез“ претставува дел од работните простории на претседателот на Собранието, која се користи за официјални средби со претседатели, премиери и други државни функционери.
Собата е декорирана со длаборез во 1938 година. Ентериерот е проектиран во периодот од 1935 година до 1937 година од уметникот Драгутин Медењак Инкиостри (1866-1944), а резбата е изведена од Глиша Костов, столар и резбар од Тетово, со неговата тајфа.
Ѕидовите се обложени со дрво, поделени во полиња, со различни геометриски, вегетабилни и зооморфни мотиви, вклучувајќи елементи од народната уметност и традиција.
Според страната на Собранието на Македонија, длаборезот е под заштита на Унеско.
Приложените фотографии се printscreen од виртуелната тура, достапна на страната на Собранието на Република Македонија
Автор на статија: Filip Koneski
1935-1938 / Длаборез / Македонска традиција / резба / Сала / Собрание на Македонија