Skopje Hyperlapse / Гавриловски

На социјалните мрежи наидовме на  интересно видео, посветено на Скопје  создадено од Владислав Гавриловски.  Ни привлекоа внимание кадрите кои и ние често ги фотографираме, ги мислиме и  преразмислуваме одново и одново со секое движење низ градот.

Видеото опфаќа добар дел од белезите на историско, еклектично и постземјотресно Скопје но и намерно испушта некои од нив.

 

 

За истото поразговаравме со Владислав во една релаксирана атмосфера со послободен израз на говорење. Што ни одговори Гавриловски за проектот можете да прочитате во продолжение:

„Кога не станува збор за платен проект, секогаш одбирам тематика блиска до мојот став, околина и принципи. Ова се тие дела што ја перат душата од секојдневните и репетативни “тезги“ па затоа и едно вакво дело за мене нема цена.

Инспирацијата беше делумно по примерите на другите метрополи и дел беше желбата за испробување нова техника. Најмалку се надевав дека ќе го работам проектов во интервал 2-3 години, периодично кога наоѓав време и енергија но сите сме сведоци на крајниот резултатот.

Техниката хајперлапс е еволуција од тајмлепсот кој на сите ни е веќе добро познат. Во оваа техника камерата се движи колку што може помало растојание од слика до слика за помазна транзиција од фрејм во фрејм. Конкретно за ова видео стварно не би можел да избројам колку точно фотографии беа потребни, но од прилика станува збор за 50.000 илјади и сигурно уште толку што не влегоа во финалното видео. Фотографиите потоа се едитираат и се импортираат како видео секвенца, фактички додека се стигне до видео се потребни неколку процеси.

Опремата користена за изведбата вклучува: врат, раменски појас, грб и кичма бидејќи стоиш укочен во иста позиција бркајки прецизност, како и два сони апарати a7s и a7s iii поддржани од објективи со широк отвор на бленда бидејќи многу од локациите немаа допир со светлина, а сите фотографии беа направени „од рака“ за поголема слобода на движење.

Иако локациите за видеото пред сè се бирани од технички причини (за слобода на движење околу нив и чисти агли за камерата), дел од нив се вметнати од гледна точка затоа што се споменици на Скопје и ствараат визуелен интерес во приказната.

Дел од најпознатите објекти се намерно изоставени, да оставиме простор доколку институциите на градот се заинтересирани за соработка на еден ваков проект.

Видеото 99% е работено навечер бидејќи тогаш највеќе го уживам Скопје раскомотено од гужвите.“

 

 

 

Авторот професионално се бави со видео, фотографија, монтажа и од скоро заплива и во филмските води. Живее и твори во Скопје и е постојано во потрага по нови интересни перспективи на градот.