„Скопје како сценографија‘‘ – фотографска изложба на Јан Папелбаум
19.05.2019 • Изложби Фотографија
Проект: Сценографија Скопје – изложба на дигитални фотографии на Јан Папелбаум (театарски сценограф)
Фото-камера: OLYMPUS DIGITAL CAMERA
Локации: Скопје, 11-16 април 2019
Организатори: Македонски центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА
Покровители: Гете институт Скопје
Јан Папелбаум е меѓународно реномиран театарски сценограф од Шаубуне, Берлин, Германија. Познат по своите инвентивни сценографии во соработка со режисерот Томас Остермајер (Ричард трети, Хамлет, Хеда Габлер, Ноќта и` прилега на Електра…). Во периодот од 11 април до 16 април 2019 беше гостин на Македонскиот центар на Интернационален театарски институт/ПРОДУКЦИЈА, проект „Модерното на сцена/Сонот на куќата‘‘ (предавање и дводневна работилница наменета за театарската заедница во РМ) проект поддржан од Гете институт Скопје.
Целта на неговото гостување беше реоткривање на Скопје како извор на инспирација за современи театарски сценографии, или современа визуелна интерпретација на драмските текстови Дивата патка на Хенрик Ибзен, Кавкаски круг со креда на Бертолд Брехт и Мило за драго од Вилијам Шекспир, поставени во современ сценски контекст, преку изработка на целосни современи сценографски студии и елаборати-решенија.
Оттука изборот на неговите фотографии, направени според урбаните локации во Скопје, кои делуваа сценски наративно според неговиот сензор на препознавање на сцени и композиции од реалноста на секојдневието. Фотографиите настанаа како дел од неговото пешачко истражување и препознавање на градот; тој ги подари на Македонскиот центар на ИТИ за да служат како едно афирмативно сведоштвото на нашата заедничка креативна соработка.
Листа на инспиративни локации (фрагменти, агли/ракурси, претопувања, рефлексии, прекршување или пад на светлината и други урбани композиции):
– Македонска опера и балет (фоајето и работилниците на операта)
– Старата скопска чаршија (улицата со чајџилници)
– Музејот на современата уметност (објектот со дел од поставката на уметниците Христина Ивановска и Јане Чаловски)
– Новата стара пошта (надворешноста на објектот)
– Улица Димитрие Чуповски во центарот на градот (напуштени продавници)
– Метеоролошкиот центар на Зајчев рид (предворје, ентериер со конференциска сала)
– Ресторан Средно Водно (ентериерот и балконот на ресторанот)
– Средното училиште Орце Николов (ентериер)
– Бараките на факултетот за драмски уметности (фасада)
– Градски трговски центар/ГТЦ (сцени од комерцијален излог)
– Новата железничка станица (железничка без возови и чекална без патници)
Автор на статија: Filip Koneski
Гете институт Скопје / Јан Папелбаум / Македонски центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА / Сценографија Скопје