„Славија“ наспроти „Дарвин“

Во повеќе наврати се обидуваме јавно да ја актуелизираме темата за магацините „Славија“ во месноста викана „Чешма“ во Општина Кисела Вода.

Првите лични размисли за пренамена на овој простор се стари повеќе од 15тина години, во симбиоза на активности кои тогаш беа врзани со веќе срушената Сапунара во непосредна близина.

 

„Славија“  на мапата на Скопје

 

Таа обединуваше културен дом и центар за алтернативна култура која во себе ќе привлечеше уметници, архитекти, модни креатори, tatoo артисти, современи занаети, графички дизајнери, софистицирана гастрономија, хостел услуги, книжарници и издавачки куќи, урбани и алтернативни спортисти, а зошто да не и некоја IT компанија.

 

Магацините на Славија денес

Магацините на „Славија“ 2015-16 година

 

На крајот на 2021 година, владата го најави продавањето на тоа што е останато од ова претпријатие, според прес – конференцијата  се работи за акциите. Но штом ги поседувате акциите, ја поседувате и одлуката за имотот, а тоа се магацините во Кисела Вода и управната зграда до Бриколаж. Сумата за лицитацијата која беше спомната е 218.000 евра, што значат и превземање на долгот на претпријатието од 17 милиони евра. Што се случи со овој процес немаме информација?!

 

Извадот од ДУП Ј12, со опфатот кај магацините на Славија

 

Она за кое ние чувствуваме одговорност дека мораме да го повторуваме е урбанистичкиот план кој на просторот на магацините предвидува изградба на  населба која веќе во соседните парцели се реализира. Тажната слика веќе се формира, на профил на улици кои тоа не можат да го поднесат, а промената на ставот низ годините на урбанистите можеме да го забележиме на терен. Растењето на височините се фрапантни, додека новопредвидената населба не нуди квалитет на живеење. Општината губи значаен простор кој може да ја претвори Кисела Вода во поинакво место за живеење, во непосредна близина на центарот на Скопје.

 

3D  визуелизација на магацините „Славија“

 

Како паралела  можат да се земат многу концепти низ светот, па и регионот за пренамена на индустриските капацитети во насока на сочувување на архитектонско-урбанистичкиот спомен и нови креативни функции кои придонесуваат во активирањето на малите и креативни бизниси.

 

Местоположба на „Дарвин“ во Бордо, Франција

 

Во денешната објава правиме паралела со „Дарвин“ (Бордо, Франција), простор кој по многу нешта можеме да го видиме како урнек за магацините на „Славија“. Впрочем Славија може да биде и многу повеќе од тоа.

 

 

Просторот во кој е сместен „Дарвин“ претставува комплекс на објекти изградени во 1850 година, кои биле откупени од страна на француската армија.  Дел од објектите биле адаптирани и доградени до 1877 година. Во нив била чувана артилерија и останат воен материјал се до 2005 година, кога армијата го напушта овој комплекс.

 

 

Просторот постепено се запушта и како таков станува атрактивен за графити цртачите и уличните уметници. Но набрзо започнуваат шпекулациите за нов развоен проект кој го опфаќал и ова место предвидувајќи негово рушење. Соочени со заканата за рушење на магацините, една фамилијарна групација наречена „Darwin Evolution“ се мобилизира да ги потикне локалните жители и заедници на отпор, кој резултира со понуда до градот Бордо, да се откупат 10.000m2  од комплексот со цел негово сочувување и заживување.

 

 

Чекор по чекор, камен по камен, се интегрираат различни функции, а заинтересирани страни учествуваат во создавањето на хибридниот модел на комплексот.  Последната борба за овој простор да биде сочуван од големите апетити на резиденцијалните инвеститори се извојува во 2014та година.

 

 

Така денес, овој простор претставува посебна точка во градот, на која се горди сите граѓани, особено помладите. Тука можете да најдете алтернативен театар, магацин за продажба на антиквитети, гастрономија, затворен и отворен скејт парк, маркет за органска храна, производство и репарација на велосипеди,  co-woring простор, камп, канцеларии, балетски студија, улична уметност итн.

 

Од посетата на „Дарвин“ на почетокот од овој месец

 

Што можеме да научиме од ова?

  • Секоја општествена победа доаѓа од граѓанската иницијатива, која доколку е масовна не може да биде игнорирана од локалната власт;
  • Општествено моќните компании и организации, можат да  помогнат на градот и да придонесат во процесите преку откупување на овие локации, со искрена намера да ги трансформираат во добробит за градот;
  • Одлуката на општината е последна, а тоа значи дека промената на урбанистичкиот план и недозволувањето да се развива тука нова станбена населба е апсолутно возможна;
  • Ваквите примери го менуваат општеството;
  • Ваквите примери го интегрираат градителското и културното наследство;
  • Овие слободни зони за делување, го менуваат и подобруваат квалитетот на живеење и прават културен импакт врз граѓаните:
  • Концентрацијата на сличните функции придонесуваат за нивна поголема видливост, потикнуваат соработка и поголем развој;
  • итн.

Дали Кисела Вода, може да извојува уште една победа за Скопје, откако го прифати барањето за организација на меѓународен конкурс за Расадникот и да стане двигател во промените во македонското општество?!

 

Возможни сценариja со модели од датабазата на Sketch Up

 

Славија може да стане прекрасна пешачка зона, полна со креативни студија, кафетерии и ресторани, плоштад, отворена сцена, место за спорт и дружба. Славија може да го промени Скопје!

 

Прочитајте ги и претходните написи за магацините Славија:

>> За пропаднатите индустриски објекти 

>> Предлози до идните градоначалници / 4: Пренамена на индустриски објекти – низ примерот на магацините на Славија

 

Извор: Дарвин