Сојуз на синдикати на Македонија, Скопје / 1962
12.08.2024 • ХХ век / II половина

Година: 1962
Автори: Славко Брезоски
Извори: „100 години Славко Брезоски“ ретроспективна изложба
Локација: Скопје
Архитект Славко Брезоски е претставник на повоената генерација македонски архитекти. Неговото авторско присуство е одбележано во знакот на модерната која ќе биде печат на македонската продукција во наредните неколку децении.
Зградите на Работничкиот дом и на Земјоделската банка на архитект Славко Брезоски (1922-2017), се исто така едни од првите значајни објекти на модерната што имаат свое посебно место во историјата на градот.

Работничкиот дом (Домот на синдикатите на Македонија) е типичен експонат на просторната синтакса на слободностоечкиот објект. Вкупната стереометрија е организирана во асиметрична композиција од три тела, карактеристична за елементаристичкиот приод во организацијата на структурата, каде целината произлегува од реципрочниот однос на елементите (големата сала за собири не е реализирана).
Во oрганизација на основата е применета вообичаената административна шема на централно поставени комуникации и периметарски канцелариски трактови.


Слободната фасада, Брезоски ја варира низ различен обликовен третман, соодветен на нејзината позиција на објектот: високиот објект го одликува софистицираната едноставност на лентовидниот „административен“ дизајн, додека во делот на Работничкиот дом, јужната фасада од бетонски касети, кои ја зголемуваат нејзината длбочина и засенченост, се карактеризира со типична модерна пластичност.

Автор на статија: Martina Shteriova
Работнички дом / Скопје / Славко Брезоски / Сојуз на синдикати