Специјализирано Уметничко Училиште / Тасеска и Тасески

Семестар: III година, летен семестар 2023/2024

Тема: Специјализирано Уметничко Училиште

Локација: Педагошки факултет, Скопје

Автори: Марија Тасеска и Матеја Тасески

Педагошки тим: проф. д-р Мери Батакоја (ментор), проф. д-р Анета Христова-Поповска, асистент д-р Благоја Бајковски

 

Лоцирањето на објектот во веќе изграден урбан блок, составен од образовни институции, нè натера да се прилагодиме на постојната структура. Нашиот избор беше радикален и минималистички потег, кој дополнително ја нагласува централната позиција на објектот во однос на околниот простор.

Со поставувањето на зградата буквално да „лежи“ на Факултетот за ликовни уметности и поврзувањето со Педагошкиот факултет преку нови заеднички простории, сакавме да го преиспитаме концептот на модернистичките градби како самостојни единици. Овој пристап внесува динамика без да го наруши постојниот баланс на просторот. Дополнително, стаклената фасада го олеснува визуелниот впечаток на зградата, додека брисолеите ги акцентираат различните намени на просториите.

Главниот концепт на внатрешниот дизајн беше слободата – клучен аспект на уметноста, кој, доколку се почувствува во просторот каде што учениците творат, несомнено ќе се пренесе и во нивните дела. Централен елемент во ентериерот се аудиториумските скали, кои служат како заедничка појдовна точка за сите останати намени. Посветивме посебно внимание на создавање внатрешни визури и погледи кои го поттикнуваат чувството на заедништво.

Најспецифичното ниво е највисокиот кат, каде што се сместени ателјеата, организирани во нов систем на дистрибуција на училници. Тие се поврзани со централен ходник и нудат две основни сценарија: затворени, но транспарентни простори, и отворени простори погодни за изложби. Преку мобилноста на стаклените панели, можно е различно комбинирање на ателјеата – поврзување на две или повеќе, како и нивно интегрирање со заеднички работни простории.

Овој концепт на отвореност и поврзаност е применет и во библиотеката, која служи како премин кон Педагошкиот факултет на првиот кат. Следејќи ја идејата за атриумски објекти со внатрешен двор, ротираното позиционирање на нашиот објект создава нов, интегриран простор помеѓу трите образовни институции. Овој двор станува јадро на интеракцијата, место каде што различните дисциплини и нивните студенти можат да се поврзат и инспирираат едни со други.