Станбена куќа на улица „Ленинова“ во Скопје
27.01.2025 • ХХ век / I половина

Автор: /
Година на изведба : 1922
Локација: ул. ”Ленинова” бр.77, Општина Центар, Скопје
Фотографии: Борис Јурмовски /2024/
Куќата на ул. “Ленинова” бр.77 во Скопје, била изградена во 1922год. за семејство Петровски со потекло од село Сетоле, Тетовско
Изведбата на куќата била со карактеристики за периодот на преминот од еклектичните стилови кон модернизмот. Објектот беше со високи таваници од 3 метра, масивни носечки ѕидови и внатрешни врати со двојни крила и занаетчиска изработка на столаријата, која е карактеристична за првата половина на XX век.
Секое од ниво претставува засебна станбена единица, со претсобје / салон со излез на балкон, дневна соба, спална соба, кујна+трпезарија и бања, додека во подрумот била сместена остава за складирање и простор обезбеден за систем за согорување јаглен, кој се користел за греење на внатрешниот простор и обезбедување топла вода.
За време на окупацијата во Втората Светска Војна, присилно се вселил воен маршал во просториите на приземјето, притоа принудувајќи ги резидентите да се префрлат на првиот кат, додека пак по крајот на војната, бил сместен руски воен командант припадник на Комунистичката Партија, принудувачќи го семејството Петровски да продолжи со истите услови на функционирање.
Овој објект го преживеал и разорниот земјотрес во 1963год., маркиран со зелена точка која значела потврда за понатамошна употреба без значајни естетски и конструктивни оштетувања, преживувајќи го немилиот историски настан од историјата на Скопје.
По 103 години од изградбата на овој објект, се случи негово рушење бидејќи урбанистите од Општина Центар не препознаа во него културно и значајно архитектонско наследство. На овој простор тековно започнува изградбата на нов објект за колективно домување.
Последната декада сме сведоци на забрзано уништување на и она малкуто што остана од градот помеѓу двете светски војни, со што Скопје набрзо ќе стане град без живи архитектонски примери од претходните епохи.
детали од ентериер
детали од изработка на ограда на балкон
Од рушење на објектот

Автор на статија: Boris Jurmovski
1922 година / Буњаковец / меѓувоена архитектура / Станбена куќа / Старо Скопје