СТАНИЦА ПРОПАГАНДА / ЈОНАС СТАЛ

СТАНИЦА ПРОПАГАНДА е нова комплексна инсталација и програма во живо на холандскиот уметник Јонас Стал, која ја истражува врската на уметноста и културата со доминантните форми на современата пропаганда, како и алатките и можностите на формите на (контра)пропаганда кои произлегуваат од еманципаторските грасрут и ослободителни движења.

Ова е негово прво самостојно претставување во Северна Македонија, а го организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ во соработка со Музејот на современа уметност – Скопје во рамките на меѓународниот проект „Острови на сродство: Колективен прирачник за одржливи и инклузивни уметнички институции“.

Станица пропаганда има за цел да ги направи видливи различните современи пропаганди кои активно го обликуваат нашиот свет денес. Централната инсталација е дизајнирана како обратен паноптикон: наместо да го надгледува посетителот, му обезбедува на гледачот позиција на контранадзор над работата на пропагандистите кои влијаат на нашиот секојдневен живот.

Терминот „станица“ во Станица пропаганда може да се сфати на повеќе начини. Изложбата функционира како место каде што се „стационираат“ различни модели на пропаганда како што се ултранационалистичка пропаганда, пропаганда на алт-десницата, либерална пропаганда, финансиска пропаганда, пропаганда на империјата, климатска пропаганда и геолошка пропаганда. Се заснова на повеќе од една деценија уметничко истражување спроведено од Стал за пропагандата и контрапропагандата.

*

Во центарот на инсталацијата е ШКОЛАТА ЗА ПРОПАГАНДА каде различни уметници, академици, новинари, теоретичари, поборници и активисти одржуваат предавања, работилници и обуки од областа на анализа на пропагандата и (контра)пропагандното делување.

Школата за пропаганда во Скопје насловена АНТИКВИЗАЦИСКА ПРОПАГАНДА. Од Скопје 2014 до Скопје – Европска престолнина на културата 2028 има намера да создаде привремена дискурзивна платформа која ќе ја деконструира комплексноста на антиквизациската пропаганда отсликана во проектот Скопје 2014. Преку излагања на повеќе теоретичари, активисти, уметници и новинари од Северна Македонија, оваа програма ќе понуди интервенционистички придонес

во правните, медиумските, семиотичките, општествените и уметничките аспекти на проектот подигнат во „заробената држава“ и ќе се обиде да го промисли неговото идно „постоење“, соочувајќи се со подготовките и продукцијата на капиталниот проект Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година.

Клучните прашања кои ќе бидат предмет на дискусија се:

  • Како изградената и поставената инфраструктура на антиквизациската пропаганда „Скопје 2014“ да се претвори во агент на (контра)пропаганда?
  • Како да се подготвиме Скопје 2028 да не стане повторување или натамошно спроведување на антиквизациската пропаганда? Како програмата на престолнина на културата повторно да пропагира еманципаторски визии за иднината на Скопје?

Школата за пропаганда се состои од сесија на кратки предавања по што ќе следи широка дискусија со публика.

Школата за пропаганда е на македонски јазик но ќе има обезбедено превод на англиски јазик.

Школа за пропаганда:

АНТИКВИЗАЦИСКА ПРОПАГАНДА. Од Скопје 2014 до Скопје – Eвропска престолнина на културата 2028

02.03.2024 (сабота) / 12 часот

Музеј на современата уметност – Скопје

Во рамките на изложбата „Станица Пропаганда“ на Јонас Стал

Концепт: Филип Јовановски, Јонас Стал, Ивана Васева

 

ПРОГРАМА

12:00 – Ивана Васева, кураторка на проектот: Станица Пропаганда во Скопје

12:15 – Тихомир Топузовски, в.д. директор на МСУ – Скопје: МСУ, плановите и соработките

12:30 – 13:00 – Јонас Стал: Уметноста и пропагандата во 21 век, вовед на уметникот

13:15 – 15:00 Сесија I: Антиквизациска пропаганда, обид за дефиниција

Неколку кратки резимеа

Катерина Колозова, професорка по филозофија и културна теорија при Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје: Самовиктимизација како основа за национална гордост;

Бојан Иванов, историчар на уметност: Земјотрес 1963-2014

Ана Петрушева, директорка на БИРН Македонија: База на податоци Скопје 2014 под лупа;

д-р Горан Јанев, редовен професор на Институт за Социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје: „Скопје 2014“ засекогаш, град завиен во етнократска пропаганда.

15-15:30 Пауза

15:30-17:00 СЕСИЈА 2: Пропагирање на Скопје 2028: Што сакаме градот да биде?

Отворена дискусија со публика

Модератори – Ирена Цветковиќ и Јордан Шишовски

Поканети учесници:

Никола Наумоски, активист, Контрадвижења против Скопје 2014 

Никола Гелевски, главен уредник на книгоиздавателството „Темплум“ и на веб страницата окно.мк, писател; Архитортура и глобализација;

Биљана Тануровска–Ќулавковски, културна работничка, кураторка и истражувачка, програмска директорка на здружението ЛОКОМОТИВА – Центар за нови иницијативи за уметност и култура: Замислувајќи го Скопје – со уметност и култура до град на иднината;

Марјан Забрчанец, консултант за односи со јавност и поранешен национален координатор за комуникации на Владата: Јавноста – храна за или тројански коњ против ретроградната пропаганда?

*

Проектен тим: Јонас Стал (уметник); Ивана Васева (кураторка); Филип Јовановски (соработник на Школа за пропаганда, Факултет за работи што не се учат – ФРУ); Надин Гаудер (координатор Студио Јонас Стал); Ивана Самандова, Димитар Милев, Тамара Џерков (продукција Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје); Илиана Петрушевска (графички дизајн – постер, Музеј на современата уметност – Скопје); Пол Киперс (архитект); Ремко ван Бладел (графички дизајн); Рубен Хамелинк (камера и видео монтажа); Ивана Самандова (титл); Невенка Николиќ (превод и лектура).

Во партнерство со: Здружение Јиндрих Чалупецки, Прага, Чешка (Карина Котова) и МСУ Музеј на современа уметност, Загреб, Хрватска (Зденка Бадовинац).

Поддржано од: Фонд Мондријан, Амстердам, Холандија; кофинансирано од Европската Унија во рамките на меѓународниот проект „Острови на сродство: Колективен прирачник за одржливи и инклузивни уметнички институции“.