Став на АРХРИД за конкурсот за реинтерпретација на Античкиот театар во Охрид

TerraViva го реализираше вториот по ред интернационален архитектонски конкурс со локација во Охрид, овој пат на тема: реинтерпретација на Античкиот Театар. Благодарност до организаторите за препознавањето на значењето на овој локалитет за градот и придонесот за промоција на заштитеното културно наследство во меѓународни рамки.

TerraViva е меѓународна платформа која спроведува архитектонски конкурси отворени за учество на млади архитекти, дизајнери и креативци од целиот свет и истите најчесто се експериментални, односно не се наменети за реализација. Ваквиот тип на конкурс служи пред се да се истражат потенцијалите на локацијата преку тестирање на најразлични концепти кои може да предлагаат од најконзервативни до најиновативни или утописки решенија.

 

TerraViva ги објави резултатите од конкурсот за Античкиот театар во Охрид

Конкретно, на конкурсот за Античкиот Театар беа пријавени 70-тина проекти од 22 држави ширум светот. (Хонг Конг, Германија, Бугарија, Русија, Казахстан, САД, Италија, Велика Британија, Аргентина, Кина, Р. Кореа, Колумбија, Турција, Франција, Египет, Иран, Јужна Кореа, Македонија, Јапонија, Мароко, Индија, Австрија) Околу 140 архитекти имаа можност да се запознаат со карактеристиките на локацијата, да истражат за историјата на Охрид и да предложат идејно решение за просторно реобмислување на сцената, гледалиштето на театарот и неговото најблиско опкружување. Пристигнатите решенија ги оценуваше осумчлено стручно жири составено од архитекти од Македонија, Велика Британија, Турција, Колумбија, Германија, САД и Италија.

На прв поглед, ретко кој од учесниците во целост ја разбрал комплексноста на локацијата, па така и кај мал број од пристигнатите решенија може да се согледа целовито решение за унапредување на функционирањето на театарот со воедно зачувување на неговата автентичност. Тука особено доаѓа до израз слабиот одзив на локалните архитекти од кои се очекуваше да понудат пореалистични сценарија за реинтерпретација на Античкиот Театар, пред се поради поголемото познавање на спецификите и проблемите на локацијата. Загрижувачки е фактот дека третирањето на сопственото заштитено културно наследство не побуди позначаен интерес за проактивно учество на младите архитекти од државава. Меѓутоа, имајќи предвид дека конкурсот е експериментален, може да се каже дека резултатите се успешни бидејќи имаме солидна бројка на креативни и иновативни идеи од професионалци со различни социо-културни позадини за програмско и просторно реобмислување на локалитетот Антички театар – Охрид кои може да се искористат како подлога за отворање на една поширока дискусија.

 

OVERTURE / Првонаграден конкурсен труд за античкиот театар во Охрид

Токму поради тоа, со задоволство го најавуваме нашиот следен проект во рамки на кој ќе биде организирана и изложба на селектирани трудови од интернационалниот конкурс. Воедно, ги покануваме сите заинтересирани лица, да не контактираат доколку сметаат дека можат да дадат свој придонес во реализација на настанот со цел популаризација и промоција на Античкиот театар во Охрид како заштитено културно наследство преку презентација на можности за негова интеграција во современиот начин на живот.