Кога јавниот простор добива нов живот: архитектонскиот активизам на Subotica is Not Dead

Понекогаш, за да се преобрази јавниот простор, не се потребни големи инвестиции или сложени стратегии. Доволни се идеја, иницијатива и желба за заедничко добро. Таков пример доаѓа од Суботица каде иницијативата Subotica Is Not Dead токму го прави тоа– го враќа животот таму каде што претходно владееле празнина и негрижа. Преку нивните ангажмани Суботица полека се претвора во зелена оаза со богата и свежа градска слика.

 

Иницијативата на еден поединец

Зад оваа трансформација стои Наталија Бока @natalijaboka , основачот на Subotica is Not Dead е архитектонски ентузијаст од Суботица која со години живее во Њујорк, но често се враќа во својот роден град.Таа објаснува дека естетиката на јавниот простор постојано ја преокупира:

„Често размислувам како Суботица би можела да стане поинтересна и попривлечна – и за своите жители и за посетителите – со релативно мали вложувања или со паметна употреба на буџетот.“

Токму затоа ги избрала овие мали точки на интервенција. Така, просторот околу подземниот јавен тоалет, веднаш до Градската куќа, простор кој претходно луѓето сакаа да го избегнат, денес е место што привлекува внимание со уреденост и свежина.

 

Боење на историските капии

Една од првите акции беше симболична, но воедно и мошне силна: реновирање и фарбање на 20 историски капии во централното градско јадро. Тие капии, значајни носители на архитектонската меморија, со години беа оставени на забот на времето. Со едноставна интервенција – слој свежа боја – тие повторно го добија својот идентитет и достојност. Денес, освежените капии не се само функционални премини, туку и визуелни акценти што потсетуваат на богатата културна историја на Суботица.

Прочитајте повеќе за оваа акција на следниот линк како и во ова видео.

Градските жардињери – нова урбана слика

Следната акција е насочена кон уште еден важен сегмент од јавниот простор: жардињерите. Во заедничка работа на млади волонтери и локални жители, беа обновени и осликани 35 жардињери околу Млечната пијаца и уште 40 во близина на Бувљакот. Овие, на прв поглед обични бетонски садови, денес се претворени во живописни урбани точки исполнети со боја и растенија. Секоја жардињера стана мала уметничка сцена, симбол на тоа како јавниот простор може да биде збогатен со креативност и внимание.

Прочитајте повеќе за оваа акција на следниот линк.

Јавниот тоалет што стана зелена оаза

Најголемиот предизвик – но и највидлив успех – е реновирањето на јавниот подземен тоалет веднаш до Градската куќа. Долги години овој простор беше доживуван како непријатно место, дел од градот што сите го заобиколуваа. Но, благодарение на иницијативата предводена од Наталија Бока, со поддршка од тимот и со средства обезбедени преку ЕУ ресурсниот центар, тој доби нов живот.

Интервенциите опфатија:

-целосна замена и оѓубрување на земјиштето на кровот и пред влезот,
-садење на 200 повеќегодишни растенија, внимателно избрани за да создадат богата и разнолика текстура со текот на времето,
-комплетно освежување на фасадата со боја, заедно со вратите, оградите и архитектонските детали,
-поставување на нова надворешна расвета и информативни табли.

Резултатот е простор кој од некогашно место за избегнување стана зелена и пријатна урбана оаза – пример како дизајнот и уредувањето можат да го променат перцептивниот идентитет на еден јавен простор.

Прочитајте повеќе за овој проект на следниот линк.

Поддршка и поширок контекст

Наталија истакнува дека во проектот имала поддршка од Меѓуопштинскиот завод за заштита на споменици на културата, како и од Јавното претпријатие за урбанистичко планирање.

Нејзиното интересирање за урбаната естетика не е случајно – професионално е свртена кон дизајн и архитектонски концепти, инспирирана од примери како трансформацијата на Сингапур под водство на Ли Куан Ју.

Мал чекор, големо влијание

Примерот на овие мали интервенции е доказ дека архитектурата и дизајнот не мора секогаш да се мерливи преку големи градби и спектакуларни проекти. Напротив – понекогаш токму ваквите интервенции најјасно ја покажуваат моќта на урбанизмот да создаде попријатна и похумана средина.

Оваа иницијатива од Суботица е потсетник дека секој од нас може да биде двигател на промена. Доволно е визија, соработка и желба да се направи нешто подобро – за градот и за луѓето што живеат во него.

 

Извори: вебсајтот на Subotica is Not Dead (suboticaisnotdead.com)