Св. Никола, село Манастир – Мариово

Датација: XIII век; изградба – 1266, фрескоживопис – 1271

Ктитор: Kир Јоаникиј (игумен Акакиј)

Автор на текст: М-р Владимир Таневски

Библиографија: Е. Димитрова, С. Коруновски, С. Грандаковска, „Средновековна Македонија“, Македонија. Милениумски културно-историски факти, Медиа Принт, Скопје, 2013; С. Коруновски, Е. Димитрова, Византиска Македонија: Историја на уметноста на Македонија од IX до XV век, Просветно дело, Скопје, 2006; П. Костовска, Св. Никола Манастир, Каламус, 2020; E. Dimitrova, “The Church St. Nikolas in the Village of Manastir”, Seven Churches in the Regions of Pelagonia, Mariovo and Prespa, Skopje, 2019; E. Dimitrova, “Seven Streams: The Stylistic Tendencies of Macedonian Fresco Painting in the 13th Century”, Nis & Byzantium, VI, 2008.

 

 

Историските (не)прилики во XIII век за Византија, се мошне бурни, при налетот на крстоносците за време на Четвртиот крстоносен поход, царството целосно се распаднало. Во 1204 година, војските на Бонифациј Монфератски и Енрико Дандоло го заземале градот Константинопол и целосно го опљачкале, неговите богатства биле испратени во големите европски градови. Византиските феудални магнати, формирале неколку држави (Епирско Деспотство, Трапезунстко Царство и Никејско Царство) кои често меѓусебно војувале. Градот Константинопол станал седиште на новоформираното Латинско царство. Конечно во 1261 година, војските на Михаил VIII Палеолог (1259 – 1282) победоносно влегле во Константинопол и го згаснале Латинското царство, и било обновено Византиското царство. Во периодот од 1204 до 1261 година, на територијата на Македонија, нема голема уметничка продукција. Првата точно датирана градба од овој век е црквата Св. Никола во селото Манастир  во Мариово, изградена во 1266 година.

 

Цртеж: С. Коруновски

 

Градбата поточно претставува возобнова на постар храм изграден во 1095 година, како заветнина на протостраторот Алексеј, роднина на царот Алексеј I Комнен (1081 – 1118), храмот бил во многу лоша состојба, па така во 1266 година игуменот Акакиј ја изградил денешната црква. Овие податоци ги дознаваме од долгиот натпис испишан на јужниот и северниот ѕид на централниот брод. Црквата е изградена е како трикорабна базилика без нартекс, архитектонска форма која веќе била застарена. Внатрешната поделба на бродови е остварена со помош на масивни столпци и пиластри. Значајно е да се напомене дека црквата во селото Манастир е последната трокорабна базилика во средновековнието во Македонија. Во науката се споредува со големите трокорабни базилики како Св. Ахил на островот Аил во Преспа и Св. Софија во Охрид изградени во претходните векови. Оваа градба покрај тоа што била католикон на манастир, имала и фунерарна функција, односно во неа бил сместен гробот на ктиторот, игуменот Акакиј.

 

Извор: E. Dimitrova, “The Church of St Nikolas in the Village of Manastir”, 2019

 

Фрескоживописот е датиран во 1271 година, а за фрескоживописувањето на ова големо архитектонско здание, била ангажирана голема група на зографи предводени или пак ангажирани од референдарот на Охридската архиепископија, ѓаконот Јован. Поради архитектонската концепција на храмот, одделни сликарски тематски целини на програмската целина се лоцирани во секој од трите бродови на градбата. Олтарната програма ја сочинуваат стандардните сцени со евхаристично – литургиски тематски сижеа.

 

Во централниот брод се илустрирани сцените од Празничниот циклус, под нив има низа на допојасни претстави на маченици, а пак во првата зона се насликани стоечки светители. Во северниот брод е претставена сцената Страшниот суд со елаборирана иконографија, исто така во овој брод се наоѓа и ктиторската композиција една од најстарите во средновековниот фрескоживопис во Македонија. Композицијата на Страшниот суд која се поврзува со фунерарните обреди и обичаи е карактеристична за декорацијата на припратите, па така, нејзиното поставување во северниот брод е изненадувачка, но најверојатно северниот брод служел како припрата/нартекс. Ова дополнително се потврдува со претставата на ктиторската композција. Во јужниот брод е претставен циклусот на патронот на храмот – св. Никола и мошне интересните и ретки претстави на Лозата на старозаветниот Јесеј и Скалилата на спасението, позната и како Скалилата на св. Јован Лествичник.

 

Скалилата на Св. Јован Лествичник-детал Извор: E. Dimitrova, “The Church of St Nikolas in the Village of Manastir”, 2019

 

Тука треба да се напомене дека претставата на Лозата на старозаветниот Јесеј и Скалилата на св. Јован Лествичник се најстарите фрески со оваа тема во Македонија. На лаковите кои ги поврзуваат столпците помеѓу бродовите се илустрирани портрети на библиските пророци. Според просторниот распоред и композициските решенија на сцените од Празничниот циклус, научниците наведуваат дека мариовските зографите биле инспирирани од ликовните решенија на храмот во с. Курбиново – Св. Ѓорѓи (1191). Ваквата тематска програма, иконографски решенија и претставени сцени, создаваат споменик кој е клучен за прочувањето на историјата, но и уметноста на бурниот XIII век, сепак ликовните карактеристики се поинтересни.

 

Лозата Есеева Извор: E. Dimitrova, “The Church of St Nikolas in the Village of Manastir”, 2019

 

Фрескоживописот во Македонија од XIII век е мошне разновиден, со разни влијанија, па така веќе во науката е потврдено дека постоеле неколку сликарски текови/тендеции. Во црквата Св. Никола, можеме да следиме четири сликарски текови т.е. четири зографи, секој се карактеризира со свој посебен начин на сликање.

 

 

Првиот зограф слика со влијанија од фрескоживописот во црквата во с. Курбиново и се поврзува со првиот тек (познат по влијанијата од курбиновскиот храм).

Вториот зограф кој ги насликал пророците на лаковите помеѓу бродовите се поврзува со четвртиот сликарски тек (познат и како ретроактивен монументален стил), евидентно е дека овој зограф се навраќа на монументалниот стилски израз, негуван на преминот од X и XI век.

Третиот зограф кој ги насликал светите војници во првата зона во централниот кораб се поврзува со вториот сликарски тек, потврдено е дека претставите на светитите војници ги насликал референдарот ѓаконот Јован, па така вториот сликарски тек се поврзува со неговото име.  Ѓаконот Јован е карактеристичен по својата прецизнот при сликањето на костимите и напуштањето на графицистичкиот сликарски манир, но и попластичниот приод кон сликањето на ликовите.

Четвриот зограф кој ги насликал претставите на Деисисот, св. Никола и архангел Михаил, е претставник на најпрогресивните ликовни трендови од втората половина на XIII век и се поврзува со петтиот сликарски тек (познат и како пластичен стил). Четвриот зограф поради својот стил на сликање, манирот на конципирањето на облиците, силната експресија и мекиот цртеж е најавангарден т.е. најмодерен. Покрај разликите во сликарскиот ракопис, ангажираните зографи создале уникатно дело познато по својата оригиналност, без кое не може да се проучува развојот на византиското фрескосликарство во Македонија.