Свечено доделена наградата „Андреја Дамјанов“ на архитект Стеван Смилевски
04.07.2025 • Информации

Вчера во галеријата на МАНУ на пригодна свеченост претседателот на ААМ Валентино Константиновски му ја врачи наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ за 2024 година на архитектот Стеван Смилевски. Оваа награда ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), како признание за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството.
Стеван Смилевски е роден 1948 година во Скопје, каде завршил основно и средно образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Дилпомирал на Архитектонско – градежниот факултет во Скопје, а по дипломирањето се вработува во „Пелагонијапроект“, каде наредните 15 години сам, со соработници и тимови работи на проекти од кои добар дел се и реализирани.
Потоа продолжува да работи како проектант – партнер во „Атеље Ајвар“. Во 1996 година се вработува во фирмата „УПА Ентерпрајз“ каде работи наредните три години на повеќе проекти меѓу кои: реставрација на Палата Армаганјан, за што добил Диплома на 9. БИМАС 1997, станбено – деловен објект Пирин, студио за продукција на ТВ програма на фирмата Кан од Скопје. По завршување со работата во оваа фирма Смилевски отворил сопствено биро и сам, со тимови и надворешни соработници реализирал повеќе проекти за ентериери и индивидуални куќи. Во соработка со продукциската куќа К-15 ја реализирал нивната административна зграда и студио за продукција и постпродукција на играна програма.
Од 1998 година се до пензионирањето работи во „Медиа Маркет“, каде реализирал неколку проекти за фирмата: ентериер за настап на Македонија на ЕКСПО 98 во Лисабон со В. Коробар и С. Живковски, Собраниска сала на Општина Чаир, индивидуални станбени објекти.
Фото: КИРО ПОПОВ
Објавата е превземена од ПОРТА3

Автор на статија: Filip Koneski
2024 / Андреја Дамјанов / награда за животно дело / Стеван Смилевски