Телефонска говорница #2
22.10.2020 • Информации
Година: претпоставка е дека потекнува од 80тите или 90тите години на XX век
Автор: непознат
Локација на примерок: Пошта во Радишани, Скопје (демонтиран при реновацијата на објектот)
Распространетост на дизајнот: на територијата на бивша Југославија (?)
Ви претставуваме уште еден примерок на телефонска говорница, артефакт од дамнешните времениња пред мобилните телефони. Дизајнот е многу сличен на тој од говорницата во АФС, но сепак варира во самата форма. Додека првиот е заоблен триаголен волумен, вториот е совршена сфера.
И овој модел се сотои од два дела кои се монтираат заедно и прикачуваат на вертикална површина. Бидејќи формата не создава рамно дно, таква површина е додадена како полица.
Оригинално телефонот бил закачен на жолтата кружна површина, но по замена на стариот апарат следниот е едноставно ставен на полицата.
Оваа телефонска говорница истраа долги години во поштата во Радишани, без разлик на фактот дека повеќе никој не ја користеше, а веројатно пола од времето телефонот не ни работеше.
Се прашуваме каде заврши ова ретро парче по неговото отстранување од поштата. Можеби некаде е складирано и чека да биде воскреснато како експонат во некој иден музеј на Југословенски дизајн.
Знаете и за други модели на ретро говорници низ Македонија? Слободно пишете ни ги вашите пронајдоци.
Фотографии: Марх, 2015
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
дизајн / радишани / ретро / телефонска говорница / урбана опрема