Топилница за цинк и олово „Злетово“ – Титов Велес
09.03.2018 • ХХ век / II половина
Година на изведба: февруари 1971 - февруари 1973
Фирма: „Машинопројект“- Белград
Инвеститор: Стопанската банка на Македонија
Локација: Велес
Насловно фото – извор
Топилницата за цинк и олово „Злетово“ е лоцирана во градот Велес. Појдовната основа во програмирањето (1960 година) била изградба на капацитет што ќе овозможи преработка на оловно – цинковите концентрати од рудниците за олово и цинк „Злетово – Саса“. Изградена била од 1971 – 1973 година, ваквиот рок на изградба за условите што владееле кај нас претставувал своевиден рекорд, особено кога се земаат во предвид бројот, големината и сложеноста на објектите. Топилницата за прв пат ги запали печките за олово и цинк на 10-ти октомври 1973 година и нејзиното работење траеше скоро 30 години. Во 2003 година конечно згасна производствената линија на тогашниот металуршки комплекс.
Тоа на некој начин претставуваше олеснување за граѓаните, но денес оваа локација претставува напуштена пост – индустриска територија. Иако оџаците на фабриката не работат веќе 15 години и сите обиди за нејзино рестартирање пропаднаа, според многубројните долгогодишни истражувања таа сеуште се одразува врз здравјето на луѓето.
Во прилог следува мал извадок (текст и фотографии) од публикација за Топилницата во Велес која што е издадена во 1976 година од страна на НИП „Нова Македонија“ – Агенција за маркетинг, која содржи општи информации, како работел овој југословенски металуршки капацитет и кој бил ставот од другата страна наспроти граѓаните и свесноста за влијанието на таквата индустрија во самиот град Велес.
„Потребата од издавање на ваква публикација се јавува паралелно со раѓањето, во светската обоена металургија, на уште еден значаен металуршки објект – Топилницата за цинк и олово „Злетово“ во Титов Велес.
Изградбата на Топилницата не е само остварување на дамнешните желби на рударите од „Злетово“ и „Саса“ за финализација на нивните производи – концентратите, туку тоа е во прв ред резултат на нараснатите потреби на нашата општествена заедница за преработка на сопствените суровини, што во изобилие ги има во утробата на нашата земја.
Придружна гранка на обоената металургија по правило е и хемиската индустрија. Недоволно и непотполно ќе биде искажувањето за улогата што треба да ја одигра веќе оформениот рударско – металуршко – хемиски комплекс – ако се остане само на досега изграденото и постигнатото.
Во чест на „11 Октомври“ – Денот на востанието на македонскиот народ – на 10 Октомври 1973 година на свечен начин беше пуштена во редовно производство Топилницата за цинк и олово „Злетово“. Со тоа градот на поетот револуционер – Кочо Рацин, градот на Вардар, што гордо го носи името на Тито, се здоби со својот најголем индустриски капацитет.
Класичната технологија за добивање на цинкот и оловото овој проблем го решава преку два одделни објекта, додека туку што родената и применета во индустриски размери и нова технологија на “Imperial Smelting Process“ од Англија нуди решение преку еден агрегат со еден производствен процес да се добијат двата метала.
Проучувајќи го детално новиот процес, кој мошне брзо се пробиваше во светот на обоената металургија, беше донесена одлука Топилницата во Титов Велес да се гради врз основа на системот на “Imperial Smelting Process“. Со оваа англиска фирма во јули 1964 година беше заклучен договор за лиценца и услуги, а во октомври 1965 година Стопанската банка на Македонија од Скопје донесе решение за финансирање на изградбата на Топилницата.
Проектирањето на сите објекти во Топилницата го изврши реномираната проектантска куќа „Машинопројект“ од Белград, а работите од градежен и монтажен смер претежно им беа доверени на претпријатијата од Македонија.
Работата околу изработката и монтажата на опремата и челичната конструкција за рафинеријата за цинк и кадмиум, рафинеријата за олово и системот за истовар и транспорт на суровините, како подлифиранти на „Прогрес Инвест“, ја извршија претпријатијата „Ремонт Монтажа“ – Тузла, „Иво Лола Рибар“ – Белград, „Цер“ – Чачак, „14-Октобар“ – Крушевац и „Минел“ од Белград. Ѕидањето на огнено и кисело-отпорниот материјал на сите објекти во Топилницата го изведе „Ватростална“ од Зеница.
Крајот на март 1973 година го означи завршувањето и потврдувањето на технологијата во синтер постројката и фабриката за производство на сулфурна киселина, а крајот на јуни истата година на високата печка и двете рафинерии за рафинирање на основните производи – цинкот и оловото.
До крајот на 1973 година беа испробани и пуштени во погон рафинеријата за кадмиум и постројката за преработка на меѓупродуктите во рафинеријата за олово. За изградбата на целиот комплекс на Топилницата се инвестирани 720 милиони денари.
Топилницата за цинк и олово „Злетово“ – Титов Велес, ја сочинуваат вкупно 70 објекти, кои ако ги поделиме во три групи ја даваат следнава слика: во групата големи објекти спаѓаат 15, во објекти од средна големина 25 и во групата од помала големина 30 објекти. Според ранг листата за најголеми објекти се сметаат Пржилницата на концентрати, комплексот на Империјал Смелтинг печката, рафинеријата за олово, рафинерија за цинк и кадмиум, фабриката за сулфурна киселина и транспортниот систем.
За одвод на пречистените води во реката Вардар е изграден колектор во должина од 1 километар, а низ кругот на фабриката повеќе километри разводна водоводна и канализациона мрежа. Ископана е земја и до одредено место однесена 340.000 кубни метри.
Произведени се и монтирани 7000 тони челична конструкција. Во вкупните инсталации на постројките е монтирана 7000 тони увозна и 3000 тони домашна опрема. Вградени се околу 5500 тони огнено отпорен и кисело отпорен материјал.
Довозот на овие суровини е главно, железнички, од сите правци на железницата што се укратува на железничката станица во Титов Велес. За дотур на суровината од кругот на Топилницата е изграден индустриски колосек во должина од 5,5км. со сите маневарски можности. За потребите на истоварот, складирањето, утоварот и транспортот на суровините во внесувањето во процесот на преработката е изграден комплетен систем на уреди и складишта.“
Покрај се останува прашањето, што понатаму со оваа напуштена територија? Пред неколку години беше донесена одлука за измена на Генералниот урбанистички план, со која што местото на Топилницата е предвидено за зеленило. Повеќе информации за оваа еколошка жешка точка можете да најдете на интернет страницата на Министерство за животна средина.
Автор на статија: Martina Shteriova
Велес / Злетово / Олово и цинк / Саса / Топилница