Третонаграден конкурсен труд за Детска градинка „Пчелка 1“
11.01.2023 • XXI век
Автори: Елена Пазарџиевска и Мери Петрушевска ( БИРО60Б), Душица Димовска Сиркарова , Михаил Сервини, Симона Сервини
Инвеститор: Општина Аеродром
Локација: Општина Аеродром, Скопје, Северна Македонија
Површина: 2300 m2
АРХИТЕКТОНСКО-УРБАНИСТИЧКИ КОНЦЕПТ
Објектот на новата детска градинка претставува динамична структура, која со својата концепција целосно се вклопува во постоечкото опкружување. Навидум волуменозна, но во суштина целосно порозна, таа го имитира и воедно надополнува веќе постоечкото изградено ткиво. Лоцирана во центарот на мирна станбена населба на периферијата на Скопје, градинката заедно со објектот на амбулантата и трговски центар станува ново средиште на јавниот живот во населбата.
Наместо класичниот концепт на редење на единици кон еден коридор, при обликувањето е направено системско поместување на единиците во правец север-југ со цел да се добие типолошки препознатлива структура на „тепих“ во кој главниот акцент е ставен на внесување на зелен простор во внатрешноста на објектот. На овој начин се добива физичко и програмско преплетување на единиците и зеленилото, со кое секоја фунцкионална единица добива јужна ориентација и директен пристап до засебен двор, природно осветлен и засенчен. Оваа типологија овозможува јасност на движењето, флексибилност во користењето на просторот и исклучително големо присуство на природна светлина. Концептот на наизменично поставување на отворени и затворени простори создава внатрешно прелевање на просторот, кој претекува од еден кон друг секогаш негирајќи ги границите меѓу полното и празното.
Заради обединување на целиот простор околу објектот, додадена е нова струкура – пергола, која ненаметливо ги наткрива зелените простори. Новиот слој на перголата создава вибрирачка игра на светло и сенка која го дополнува визуелниот впечаток на целиот објект.
ПРОСТОРНА ОРГАНИЗАЦИЈА
Архитектонската основа на градинката манифестира рационално решение преку функционално дефинирање на две зони – зона на наставно – образовни единици (занимални), лоцирани во јужниот дел на парцелата и сервисна зона, поставена северно кон главниот пристап во објектот. Спојот меѓу двете зони претставува внатрешна улица, кон која се ориентирани „сервисните“ делови на градинката (кујната за припрема на храна, домарот и просторот за поправки, пералната со делот за пеглање). Функцијата на внатрешната улицата не е да оддели туку напротив да ги обедини двете зони и воедно да претставува дел од наставниот процес и запознавањето на децата со секојдевните обврски на вработените. Со визуелното присуство на активностите кои обично се скриени, децата се запознаваат со реалниот свет, слично како кога би се движеле на улица.
ФУНКЦИОНАЛНА РАСПРЕДЕЛБА
Објектот има два главни влезови, за градинка и за јасли, двата ориентирани кон североисточна страна, од каде е поставен и пристапот за автомобили и доставата. Влезовите се во вид на џебови, поставени од двете страни на заедничкиот простор. Пристапот за вработените е од северо-западната односно северо-источната страна.
Северната зона на објектот е поделена во три дела од кои средниот (визуелн нагласениот) е заедничкиот простор, а останатите два се делот за администрација и сервисниот дел на објектот.
Ситуација со отворена основа на приземје
Пресеци
Изгледи
Главното ткиво на објектот се всушност низи од простори за боравок на децата (занимални) и дворови, меѓусебно испреплетени, поврзани на три главни коридори. Ваквата просторна организација овозможува запазување на условот за фазно градење на објектот и времена употреба на постоечкиот објект на градинката.
Занималните се внимателно дизајнирани, двострано осветлени и со директен пристап до дворни површини. Со овој концепт на децата им е задоволена потребата од свеж воздух и сонце како и директен допир со природата за здраво растење и учење преку игра.
КОНСТРУКЦИЈА И МАТЕРИЈАЛИЗАЦИЈА
Конструктивниот систем е армирано бетонски, соодветен на типот на објектот и неговата катност . Фасадата се предвидува да биде контактна со заштитни термо изолациони карактеристики. Столаријата е дрвена, a внатрешните обработки се базираат на едноставност и природни материјали. Дрвените површини даваат богатство на текстури, а лиените подови се топла и еластична подлога лесна за чистење. Рамните кровови отвораат можност за поставување на фото-волтаични панели како и собирање на дождовната вода.
Природна вентилација е обезбедена во сите простори. Ориентацијата на просторите овозможува максмално искористување на дневната светлина, а благодарение на перфорираната метална решетка по целата должина на дворот обезбедена е соодветната сончева заштита преку дворот.
Автор на статија: Filip Koneski
Аеродром / БИРО60Б / детска градинка / Душица Димовска Сиркарова / Елена Пазарџиевска / Лисиче / Мери Петрушевска / Михаил Сервини / Пчелка 1 / Симона Сервини