Наскоро во Трпејца се случува „INCM JATO 2019“ – да дознаеме повеќе >>>

EASA (European Architecture Students Assembly), односно Здружение на европски студенти по архитектура, претставува платформа за културна и образовна размена, поврзувајќи студенти по архитектура и професионалци од сите европски земји, а во последниве години и од ширум светот. Од 1981 г. наваму, Здружението се собира секое лето, спојувајќи 400-500 млади архитекти и вклучувајќи ги во работилници, изложби, предавања и социјални настани врзани за специфична тема.

INCM (Intermediate National Contacts Meeting), односно Интермедијален собир на националните контакти, е вториот годишен настан, кој служи како инструмент за донесување одлуки, и како таков има голема важност. Се одржува секоја есен и тогаш се собираат сите национални контакти, вообичаено по двајца од секоја земја, да го разгледуваат минатото и да одлучуваат за иднината на “EASA”. По сопствена иницијатива, тимовите од различни земји даваат предлози да бидат домаќини на следните EASA и INCM настани и се прави избор преку постигнување на консензус. Освен изборот на идните организатори, главен фокус на овој настан се дискусиите, каде младите архитекти отвораат теми поврзани со современите текови на архитектурата во светот, архитектонското образование и професија. Се обидуваат да дадат одговори на актуелни прашања и проблеми. Сето ова е проследено и со други активности, обично поврзани со темата на настанот.

Иако македонски студенти и млади архитекти веќе долго време земаат учество на ЕАСА, во 38-годишното постоење на мрежата, Р.С. Македонија никогаш не била домаќин на некој од главните годишни настани кои се одржуваат. Во 2018 година, за време на INCM Vitosha, тимот на ЕАСА Македонија за прв пат беше избран како организатор на еден таков настан, поточно INCM 2019.

ЕАСА не постои како формално – правно регистрирано меѓународно тело и нема главен координатор, туку претставува мрежа изградена од еднакви претставници од целиот континент. Се организира од студенти за студенти. Секоја година тимот на организатори од избраната земја домаќин се регистрира како невладина и непрофитна организација во својата земја (или делува преку веќе постоечка таква организација) со цел успешно организирање и реализирање на настанот.

Еден од главните предизвици за секоја иницијатива поврзана со ЕАСА е прибирање финансиски средства и менаџмент. Сите учесници на настанот плаќаат надомест за учество чија висина варира за секоја земја врз основа на можностите за плаќање. Овие средства покриваат дел од трошоците на настанот, но не се доволни за да го финансираат целиот настан. Организирањето на ваков настан во голема мера зависи од спонзорства и грантови и организаторите се тие кои треба да ги обезбедат сите останати потребни средства преку партнери и поддржувачи.

  • ОПИС НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА 

Концепт:

Темата „Јато“ ја користиме како метафора за ЕАСА заедницата, која ја поистоветуваме со јато од студенти по архитектура кое постојано мигрира на различни места, привремено населувајќи ги и влијаејќи врз нив. Градејќи го концептот за настанот, го избравме село Трпејца како идеална локација каде истиот може да се одржи. Доследни на темата „Јато“, одучивме бројката од 230 учесници да бидат сместени во што е можно повеќе куќи низ целото село, трансформирајќи ја Трпејца во привремено „ЕАСА село“. Овој настан е со времетрање од 10 дена (05.10.2019 до 14.10.2019 година) и вклучува целосна програма од презентации, предавања, дискусии, теоретски работилници, изложби и тематски вечери.

Цели:

Општи цели:

– воспоставување и развивање на интернационални врски помеѓу студентите по архитектура во Македонија и студентите по архитектура во цела Европа;

– етаблирање на македонската архитектура и култура на европската архитектонска сцена;

– креативен развој на македонската архитектура преку алтернативна настава /работилници, изложби и презентации/;

– поттикнување самоиницијативност и активно дејствување кај младите.

Посебна цел на проектот:

– претставување на нашата земја со сите нејзини културни, историски, архитектонски и традиционални обележја, интегрирајќи ја ЕАСА заедницата во македонски контекст;

– презентирање на инвентивниот и креативен потенцијал на македонските студенти по архитектура, чиј стручен ракурс е рамо до рамо со студентите од сите страни на светот;

– стимулирање и засилување на изградбата на меѓународни професионални релации, преку размена на креативниот и апликативниот дух на идните архитекти;

– поттикнување интеракција и позитивно меѓусебно влијание на ЕАСА заедницата и локалното население во Трпејца.

Очекувани резултати:

Квантитативни:

230 меѓународни учесници, од кои повеќето за прв пат ќе ја посетат Република Македонија;

Околу 100 надворешни посетители за време на Отворениот ден на настанот, меѓу кои студенти по архитектура кои немале директно учество на настаните на ЕАСА заедницата, кои ќе се информираат и инспирираат за идно учество и придонес; професори, архитекти и други заинтересирани лица од областа на културата и уметноста.

Квалитативни:

– Докажан потенцијал и способност на македонските студенти и на Р. Северна Македонија како земја да имаат активно учество и придонес кон меѓународни мрежи како ЕАСА;

– Зголемена видливост на нашата земја во европски рамки и промовирани квалитетите кои ги поседува;

– Зголемена информираност на македонските студенти по архитектура и професионалци од областа на архитектурата и поттикнат стремеж за соработка со ЕАСА заедницата;

– Позитивно и едукативно влијание на локалното население од Трпејца врз ЕАСА заедницата и обратно;

– Зголемена посетеност и заживување на село Трпејца вон летната сезона.

  • ВЛИЈАНИЕ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА 

Главни учесници, односно главна целна група на проектот претставуваат европските студенти по архитектура од сите земји кои се дел од ЕАСА, вклучително и македонските студенти и млади архитекти. Бројката на учесници е 230, од кои 200 се странски учесници, а останатите се македонски студенти. Оваа бројка ја сочинуваат националните контакти-претставници на секоја земја, помошници, поголеми тимови од неколку земји кои ќе се претставуваат, гости, како и тимот на организатори.

Како втора целна група се појавува локалното население на селото. За времетраењето на настанот, ЕАСА заедницата ќе биде интегрирана во локалната заедница, и очекуваме дека двете заедници ќе имаат позитивно меѓусебно влијание.

Ваквиот настан дополнително позитивно ќе се одрази врз село Трпејца со тоа што ќе се одвива во месец октомври и ќе го заживее селото вон летната сезона, кога вообичаено има ниска посетеност.

Честа практика на учесниците на било кој ЕАСА настан е останување подолго по завршувањето на настанот во земјата каде се одржал и понатамошно истражување и посета на други места и локации низ истата. Па така, по завршувањето на INCM JATO 2019, повеќето од нив ќе имаат можност уште подобро да се запознаат со Република Северна Македонија.

ЕАСА – ЈАТО Скопје до сега финансиска поддршка за организирање на „INCM JATO 2019“ има добиено од следните извори: Комора на овластени архитекти и овластени инженери на Република Северна Македонија, Министерство за култура на Република Северна Македонија, ЕАСА Бугарија, Холандска амбасада во Република Северна Македонија и Полска амбасада во Република Северна Македонија. Во тек е потенцијално добивање на финансиска поддршка од Општина Охрид и Агенција за млади и спорт.

извор видео >>>

 

Автор на статија:

/ /