Археолошки локалитет „Тумба Маџари“
26.08.2023 • До V век
Фотографии: amm.org.mk; memorialhouseofmotherteresa.com; macedonia-timeless.com
Извори: amm.org.mk; mk.wikipedia.org; memorialhouseofmotherteresa.com;
Предисториската населба Тумба, Маџари во Скопје е археолошки локалитет кој со своите уметнички и естетски вредности на материјалната и духовната култура е веќе потврден во научните кругови.
Археолошките истражувања во изминативе триесетина години покажаа дека се работи за населба од неолитот, која својата економска благосостојба и културен просперитет ги доживува во средниот неолит, 5.800-5.300 год. п.н.е.
Во археолошките ископувања од 1981 год. до денес дефинирани се неколку станбени објекти со разновиден и богат движен и недвижен инвентар. Имено, најголемиот дел од изложениот и депонираниот неолитски материјал во НУ Археолошки музеј на Македонија потекнува од Тумба, Маџари.
Од 2008 год. на овој локалитет се создаваат услови за поголемо анимирање на јавноста преку научни, едукативни и туристички активности. Археолошкиот проект „Неолитско село“ е замислен со неколку едукативни содржини кои се реализирани на западниот дел на локалитетот, каде е потврдено отсуство на културни слоеви.
Од 2008 год. до денес се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура. Во нив преку копии е прикажан разен движен и недвижен инвентар со цел да се направи обид за реконструкција на дел од животот на неолитскиот човек кој живеел на територијата на Македонија и пошироко.
Идејата за реконструкција на неолитско село на локалитетот Тумба, Маџари има двојна цел – ревитализација на локалитетот и развивање на чувството за валоризирање и грижа за најстарите културни достигнувања на нашите предци во пошироката јавност.
Местоположба
Се наоѓа на североисточниот крај на Скопје, во просторот меѓу населбите Маџари и Ченто, непосредно до фудбалското игралиште, на околу 700 м од левата страна на автопатот Скопје-Куманово-Велес. Претставува мала височинка — тумба со пречник во основата од 220м и висина од 3м. Во годините до земјотресот (до 1963), иако користена за земјоделски потреби, таа била лесно впечатлива, дури и доминантна во овој дел од рамното поле. Подоцна, со изградбата на споменатите населби, а особено со неконтролираното подигање на дивоградби врз и околу неа, создаден е нов амбиент во кој тумбата дури и не се забележува. Освен тоа, со градежните работи културниот слој бил доста оштетен, а со лоцирањето на куќите речиси повеќе од три четвртини од просторот е загубен за секакви научноистражувачки работи.
Откритија
Најзастапени се керамичките садови кои покажуваат широка типологија како на облици така и на декоративни мотиви изведувани во техниките на барботин, импресо и бихромно сликање (кафеава врз црвена основа). Во орнаментиката кај поголем дел од садовите, покрај технолошките и ликовно естетските вредности, присутна е одредена симболика (дожд, клас од жито, вода) поврзана со секојдневните преокупации на неолитскиот човек. Покрај керамиката, значајна е и откриената култна пластика, посебно антропоморфната, која ликовно е ослободена од старите традиционални шаблони. Големата Мајка Божица – заштитницата на плодноста, е претставена на начин што засега е непознат меѓу неолитските култури од другите балкански простори. Таа е божица со наративна иконографија која е збогатена со палеоетнографски содржини.
Големата мајка
Оригиналната скулптура од теракота е пронајдена во една куќа во неолитската населба ”Тумба” Маџари, во близина на Скопје во 1981 год. со висина од 39 см.
Големата мајка е претставена како божица на плодноста и има улога на семејно светилиште кое го чува мирот во домот. Таа е заштитничка на домот и семејството и симболизира мајка хранителка. Во Р.Македонија ”Големата мајка” (Magna Mater) е најпочитуван култ во периодот на неолитот. Првите претстави се од 6500- 3500 п.н.е.
Големата мајка е претставена преку еден цилиндер со лик што излегува од правоаглоен постамент – куќа. Истовремено со широко отворени раце го држи покривот и како да излегува од него. Ликот е шематизиран, очите се нагласени, фризурата модерна за тоа време, мали гради и раце украсени со пластични белезици.
Мал дел од археолошките пронајдоци бил презентиран во поставка во Музеј на Македонија, а биле одржани тематски изложби во земјава и во странство. Во 2007 година започнале подготовките, а од 2008 година и реализација на проектот Реконструкција на неолитското село Тумба-Маџари, што претставува музеј на отворено со научен и туристички потенцијал. До 2018 година, во „Неолитското село“ биле изградени неколку куќи во неолитски стил, во кои се поставени кукли кои вршат некоја активност, но и предмети, вистински или копии на пронајдените, со што на посетителот му се доловува животот во неолитско време.
Автор на статија: Martina Shteriova