Уништување на сопственото наследство, со цел имитација на туѓото
09.03.2015 • Информации Став
Денес, во утринските часови започна рушењето на “Сапунарата” во општина Кисела Вода. Индустриски објект од првата половина на XX век, специфичен по сопственото обликување. Сапунарата „Цветан Димов” до скоро беше ставена под заштита, како значајно градителско наследство.
Нашата негрижа како општество, и неиновативноста на општините, постојано и без никаква анализа уништува архитектонско наследство. Овој објект имаше голем потенцијал, со негова пренамена да стане културен центар, кино сала, општински совет, аматерски театар, библиотека итн.
Повеќето општини воопшто не го користат потенцијалот на архитектонската заедница, немаат познавање за можностите на постоечките објекти, ниту свесност за тековните искуства од интернационален карактер.
Кисела Вода нема чувство за припадност кон градската средина, ниту има стратегија како да стане дел од неа. Левитира во простор полн со недоурбанизирани целини, со доградби и надградби кои го деградираат станбениот градежен фонд, без идеја и концепт.
На одлично растојание од центарот на градот, можеше да поседува објект од културен карактер кој ќе привлечеше движење на луѓе и од другите општини. Простор кој е инспиративен, и одличен материјал да се распише конкурс за идејни решенија кои ќе бараат солуција што со него. Кога не можеме да го препознаеме сопственото наследство и неговиот потенцијал, како прави „туристи” се обидуваме да го имитираме туѓото.
Доколку сме одлучиле да се простиме од сликата која е наследство, треба да размислиме со што ја менуваме. Тоа не е возможно, без повик за распишување на конкурс. Зошто уште еден станбен објект во општина каде не постојат јавни простори, ниту јавни објекти од културен карактер. Ваквите напуштени индустриски објекти во светот се голема атракција, каде со пренамена на функција и современа интервенција се добиваат вистински квалитетни простори. Тие истовремено го носат споменот на минатото, но се движат со сегашноста кон иднината. Тоа е здраворазумен компромис кога треба да се продолжи животот на еден објект. Штом го рушиме, добиваме ли јавна корист од тоа? Имаме ли објект и проект кој е вистински вреден за да се решиме да изгубиме историја на архитектура?
Македонија, се почесто ги губи примерите од индустриската архитектура, свесно го деградира градот, кој пред 50 години, имавме сон и храброст да го сториме светски пример за смела архитектура. И тогаш направивме грешка, да не оставиме и реставрираме реални сведоци-објекти, жива архива за градот и неговото минато. Денес тоа се враќа како бумеранг, каде под изговор дека го враќаме духот на градот пред земјотресот, ние манипулираме и рушиме или префасадираме се што е реален, останат и жив сведок од тоа време.
Барање за нов објект со квази барокен израз, на местото на веќе еклектичен објект е лутање и аматеризам , безидејност и правење Дизниленд од сопствениот дом. Од старото да се направи постаро, од сопствен континуитет и реален сведок на едно време, да се посегне по толку моќна слика (Flatiron Building 1902) на мегаполис како ЊуЈорк е дното, потикнато од сеуште живиот проект Скопје 2014. Каков раздор на свеста создава овој проект, и по што се ќе посегне е само страшно прашање, за кое немаме одговор.
Oригиналот
Автор на статија: marh
Аеро / Кисела Вода / Рушење на градителско наследство / Сапунара / Цветан Димов