Урбана опрема и нејзино (не)одржување од примерот во Скопје

Скопје но генерално и цела Македонија, има проблеми со одржувањето на урбаната опрема.  Проблемот лежи во тоа што немаме стратегија како со истото треба да се менаџира.

При изведувањето на јавна површина, без разлика дали се работи за плоштад, пјацета или тротоар, ситауцијата е иста. Особено кај посебно дизајнираните простори, т.е простори во кои се применува опрема која се изведува специјално според проектот, или пак се набавува надвор од земјава, никогаш не го замаме в предвид нејзиното одржување.

 

Изваден столб, како би се одбегнало користењето на хидрауличниот столб, поставен за контрола на дотур на роба / ул. „Никола Вапцаров“

 

Тоа значи дека при изведба на проект и  при набавка на урбаната опрема, градот треба да обезбеди најмалку 20% повеќе од истите. Но бркајќи ги тесните буџети едвај се обезбедува точниот број потребен за изведба, додека за поправки и замена воопшто не се размислува.

 

Замена на оригиналните коцки со плочки за внатрешна употреба

 

 

Во строгиот центар на Скопје, пред повеќе години се изврши комплетно преуредување на пешачките улици со посебен колски режим. Се работи за просторот меѓу хотел „Мериот“, улицата „Максим Горки“ и објектот на ПТТ, каде се среќаваат повеќе банки, амбасади, културни центри, хотели и објекти од претземјотресното Скопје.   Овој потег кој беше современо уреден, со повнимателен пристап од редовното редење бекатон или асвалтирање, почна да се  деградира.   Во истото делување се изврши обнова на сите пешачки површини во малиот ринг, вклучувајќи и другите околни улици кон плоштадот Македонија.

 

 

За неговото деградирање, виновниците не може едноставно  да се посочат, бидејќи истиот го користат сите жители на градот но, секако може да се претпостават конкретни промени од директните корисници, а тоа се сопствениците на објектите.

  • Плочките се целосно искршени поради влегување на возилата.  Тука се отвора прашањето за дебелината на плочите, дали се соодветни за издржување на колски сообраќај или тука не бил никогаш предвиден истиот;
  • Преместени, т.е извадени се столбчиња, со цел заобиколување на контролата / Не работи електрониката или едноставно го заобиколуваме протоколот за движење;
  • Поместени се целосно жардињерите и клупите помеѓу / Постојат три опции: Поместени се поради локален корисник, при дотур на роба некому пречеле, па ги изместиле или се случило непланирано изместување – незгода;
  • итн.

 

 

Нашата општествена одговорност е на критично ниво и за истото треба да се понесе и кривична одговорност особено оние кои правеле интервенции на своја рака или пак несоодветно ја користеле.

Сепак, се работи за најстрогиот центар на градот, кој последните 10 години има сериозен прираст на туристи од целиот свет, а  ова е сликата која меѓудругото не претставува. Конкретно клупата од гореприложените фотографии е во оваа положба повеќе од 3 години, но никој од општината не го воочил истото како проблем.

 

Неодржувано зеленило и покрај интегрираното наводнување/ ул. „Никола Вапцаров“

 

На стотина метри подолу, не е поразлична сликата ниту со улицата „Никола Вапцаров“,  на која последно се работеше, па можеби зенитот на дградирањето ќе го видиме за некоја година.

 

Половина кандилабра/ ул.  „Никола Вапцаров“

 

Состојбата е на незавидно ниво и долж кејот 13ти Ноември, плоштадот „Карпошово Востание“ , кејот позади Владата кон градскиот Парк, Влезот во Чаршијата, состојбата на асфалтираните патеки во Градскиот парк итн.

Решението за овие проблеми  можеби е покомплексно, но конечно Скопје треба да се однесува како метропола, наместо недораснато за позицијата која ја има.

  1. Градот и општините треба да дефинираат мапа, на која ќе се одредат јавни површини од особено значење и нивно заедничко одржување. Тоа вклучува мапирање и нумерирање на урбаната опрема ;
  2. Креирање на урбана патрола, чија задача ќе биде секојдневно следење на состојбата на терен, запишување и пријавување на оштета, потреба од промена и интервенции;
  3. Поставување на камери и следење на деградирањето на опремата, соодветно пријавување со фото фокументација и санкции за сторителите;
  4. Градот и општините треба да поседуваат магацин, во кој ќе ги сместуваат предложените 20% дополнителна опрема за одржување на јавните простори;
  5. План за одржување со конкретен распоред колку пати во месецот, тимот на Паркови и Зеленило, или ангажираната компанија ќе го проверува и одржува зеленилото долж јавните површини итн.

 

 

Лесно воочливо е несериозното делување од страна на надлежните низ примерот на последната фотографија, каде замената на столбчињата е сосем со друг дизајн, токму поради недостигот на вишоци или недостапноста на истиот на пазарот.

Во прашање е и квалитетот на урбаната опрема која често е на ниско ниво. Новите столбчиња кој активно ги користи град Скопје ( металик сива боја, во една четвртина обоени во црно ) се исклучително неотпорни на корозија, па често после неполн месец или два, веќе во нивното дно се забележува влијанието на атмосверските влијанија.

Поентата на нашето пишување  како страна е воочување на секојдневните интервенции кон кои се однесуваме со половина внимание, а истото значи и економоски реперкусии.  Слабиот квалитет налага нивно целосно менување на секои 3-4 години, иницира трошење средства за нови проекти бидејќи често е потребна целосна санација на потегот, го деградира идентитето на просторот поради неговата непостојаност, итн.

Ова што се случува околу нас подеднакво не опишува сите нам, како општество.