Aрхитектонско-урбанистичко уредување на градското јадро на Струга / Муличковски

Извор: Зборник на Архитектонски Факултет при УКИМ, број 9-10, Скопје, 1986-87г. (достапен во библиотеката на факултетот)

 

Во периодот на 80-те архитектот Петар Муличковски изработува низа урбанистички решенија за неколку градски јадра во Македонија. Во зборникот бр. 9-10 на АФС, тој ги опишува своите идеи за развој на три града: Струга, Велес и Прилеп.

Авторот го опишува својот пристап како оптимално логичен и рационален, бидејќи се базира на реални согледувања при оценувањето и вреднувањето на постојната состојба. Тој цели кон континуирана коегзистенција помеѓу новите и содржините од минатото, како и максимално вреднување на културното и природното наследство.

Во оваа објава ќе го разгледуваме неговиот концепт за архитектонско-урбанистичко уредување на централното градско подрачје на Струга, кој е направен врз база на „Програмата за развој на УЕ-4“.

Муличковски цели кон нов јасен идентитет на Струга како „град на вода“. Тој дава конкретни предлози како: културниот центар „Мостовите“, градскиот плоштад „Три плоштади“, новите и старите сокаци и рехабилитацијата на струшкиот кеј.

 

 

Сообраќаен план

 

 

1. Со цел полесна реализација, решението предвидува зачувување на сите постојни објекти кои имаат споменичка, а посебно материјална вредност. На дел од нив се предвидува доградба или рехабилитација.

 

2. Новите градби, станбени згради или други јавни објекти се правени да бидат вклопени со постојните габарити по пат на дополнување, доградување и надoрвзување со цел да се задржи „духот на местото“ со карактеристичните „струшки сокаци“.

 

3. Се предвидува санација и рехабилитација на постоечките сокаци, како и додавање на нови, како во стариот ден на градот – Чаршијата, така и во новиот. Авторот посебно ги нагласува улиците: Гоце Делчев, 27 март, Браќа Миладиновци, Нико Нестор како и главната улица „Маршал Тито“. Многу од овие сокаци од Чаршијата се проектирани така што излегуваат на кејот и завршуваат со „мол“ на реката Црн Дрим, додека тие од новиот дел на градот водат кон главните градски плоштади. Тој ја продолжува старата традиција на „сите сокаци водат кон Дрим и Чаршијата“ и ја поврзува реката со тековите на пешачко движење.

 

4. Во новиот дел на градот се планираат „широките сокаци“ кои се формирани од нови објекти од висина П, П+1, П+2 и П+3/4, кои се развиваат терасовидно со дворови, еркери и конзолни испусти. Нивните приземја се планираат за комерцијални, занаетчиски и сервисни програми.

 

 

Детаљ – нова станбена морфологија во духот на традицијата

 

 

 

5. Во центарот се планираат три нови плоштади кои симболизираат братство и единство на народите од овој крај. Тие се поврзани со доминантниот споменик на НОВ кој зазема централно место и е обиколен со езерска вода во која се соединуваат „тековите на револуцијата“ а потоа заедно преку каскади и водопади се преливаат во реката Црн Дрим.

 

6. Проектот дава посебно внимание на настанот „Струшките вечери на поезијата“ и планира низа содржини за развој на оваа културна манифестација:

– Проширување на постојниот културен дом во цел културен центар „Мостови“
– Постоечкиот објект би добил две нови крила од П+1 кат и еднокатна надградба над хотелот
– Нов Дом на поезијата со отворени амфитеатри и нови потоци, реки и мостови
– Главна сцена за одржување на Струшките вечери на поезијата
– Спомен паркот на поезијата – се задржува постоечкото зеленило и се додава нов сегмент со пејзажен карактер на јапонски градини, нови бисти на лауреатите, бројни водени површини и мостови

 

 

 

 

 

7. Левиот брег на реката Црн Дрим би бил рехабилитиран на сличен начин, со изобилие на потоци и мостови, зајакнувајќи го карактерот на Струга како „Место со мостови, место на вода“.

 

8. Улицата Маршал Тито го претставува најширокиот сокак:

– Ревалоризација на нејзините историски градби – издржаните станбени згради со староградска архитектура да се санираат и рехабилитираат, а тие кои немаат посебни вредности да се срушат и на нивно место да се изградат нови објекти во староградскиот стил.
– Сите згради со приземје да се доградат со уште еден кат плус, со цел да се добие изедначен план на масите – згради од П + 1 до П + 4 ката.
– Трем пред објектите на северната стана на зградите од ул. Маршал Тито. Не толку за заштита од сонце туку повеќе како просторна рамка кое е традиционална за нашиот урбанистички амбиент.
– Градска порта – семантичко обележје за влез во Чаршијата
– Саат кула – значаен ориентир на Чаршијата, карактеристичен за нашите градови
– Рибарници на мостот на реката Црн Дрим
– Струшка меана
– Нов трговски центар од П+1 – базар специјализиран во сувенири, занаетчиски производи и бутици
– Чаршискиот хотел Енхалон – атрактивно обликувана зграда со староградска архитектура , мали кафани во приземјето со тремови, на катот национален ресторан со веранди и чардаци кои гледаат према реката Црн Дрим.

 

 

 

Детаљ – нова станбена и улична морфологија – нови сокаци на постоечките правци на движење