Васко Ташковски
21.10.2021 • Уметност
Васко Ташковски (Нижеполе, Битолско, 31 август 1937) e македонски сликар, водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот.
Во својот творечки опус, Васко Ташковски има повеќе циклуси составени од најразлични теми насловени како: „Екологија“, „Урбани мравјалници“, „Крајбрежни случувања“, „Пристаништа“, „Коњи“, „Корења и организми“ и други слободни мотиви. Во рамки на своето богато уметничко творештво реализирал над 750 слики во маслена техника, 2500 акварели, 1000 цртежи, над 10.000 скици и голем број графики. Неговите дела се наоѓаат во голем број приватни колекции, галерии, музеи и установи во земјата и светот, од Македонија и Европа, до САД, Австралија и Националниот музеј на Кина во Пекинг (2005). Има остварено 50 самостојни изложби во земјата и во светот светот.
„Ликовните критичари, историчарите на уметноста, поетите, писателите и други, за овој истакнат сликар од третата генерација македонски сликари имаат пишувано стотици страници, како за еден од најатрактивните претставници на неговата, а и на другите генерации сликари.
Стоејќи пред платната на акад. Васко Ташковски се соочуваме со прашањата дали човековото сознание е еден своевиден универзум во сеопштата делумно одгатната и затоа уште повеќе загатлива вселена или каква е врската помеѓу двигателот на мислата и бескрајноста? Во неговото сликарство погледот на вселената е поглед на занес и страв од мракот, како и страст да се навлезе во таинствените простори. Акад. Ташковски во своето сликарство се надоврзува на денешните живи класици на фантастикот Лем, Бердбери, Лукас.
На неговите платна среќаваме знаци во кои делумно ги препознаваме Бош, Ернест, Кле, Дали. Акад. Ташковски е приврзаник на магијата на севозможните линии и бои. Сегодувањето на оваа алхемија во сликарството на акад. Васко Ташковски не извлекува од оковите со кои не притиснал современиот живот и не внесува во неговиот автохтон ликовен свет.“
Денес во Даут пашиниот амам ( Национална галерија) се отвора ретроспективната изложба на академик Васко Ташковски, во 21 часот.
Извори: Википедија, МАНУ, Национална Галерија
Автор на статија: Filip Koneski
Васко Ташковски / македонска уметност / Македонски сликар / Национална галерија на Македонија