Вила на Велешко езеро / Димитриевска, Пазарџиевска

Проектантско биро: Архитектура нова

Контакт: arhitekturanova.com ; @arhitekturanova

Автори: Марија Димитриевска, Елена
Пазарџиевска

Година: 2019- 2021

Локација: Велешко езеро Младост

Површина: 425 m2

Инвеститор: Приватен

Фотографии: Борис Јурмовски

 

Лоцирана непосредно до езерото Младост, сегментирана во приземни волумени, вилата го надополнува постоечкиот пејзаж.

 

Модел

 

Специфичните програмски барања се решени со хоризонтална организација на целата структура, преку која се дефинираат дневните навики на корисникот.

Благата денивелација на програмските целини создава динамика во композицијата, во ентериерот и екстериерот, но истовремено претставува и суптилен начин на формирање на интимни целини.

 

 

Технички цртежи

 

 

 

Исклучително важен елемент при проектирањето претставува светлината и начинот на нејзино пропуштање во ентериерот. Во таа смисла тенки шлицеви оформени како лентовидни прозори се појавуваат на допирот на кровната плоча со ѕидовите. Овие елементи овозможуваат динамична композиција од светлина во одредени часови од денот.

 

 

 

 

 

 

Програмски, кон улицата, на север се развиваат сервисни простори, додека дневниот боравок, трпезаријата и спалните соби се ориентирани на југ, кон езерото. Архитектонскиот одговор на јужната ориентација се јавува во облик на длабока и долга конзола која претставува екстензија на внатрешноста. Така, обликовно, просторот за дневен боравок и трпезаријата ја обединуваат надворешноста во себе.

 

 

 

 

Западниот сегмент од вилата е издвоен со продор низ целината, кој е директенпристап од улицата кон внатрешниот двор со базен. Воедно, овој продор претставува врамување на погледот кон езерото, појдовно  место на процесот на проектирање. Низ ова поврзување лесно се губи границата помеѓу внатрешниот и надворешниот простор. Овој издвоен волумен содржи две засебни програмски целини-апартмани, кои се опремени да функционираат независно од целината.

 

 

 

 

 

 

Чистината на проектантската идеја е отсликана во едноставноста на деталите. Во ентериерот на објектот преовладуваат природни материјали- фурнир и гранит кои претставуваат неутрална, но луксузна позадина на секојдневието на корисникот.

 

 

 

 

Конструктивно, објектот е обмислен во безгредов систем на  армирано-бетонска конструкција. Специфични елементи се подвоените бетонски столбови кои се решени скулптурално, со намера да се одземе дел од нивната маса за да добијат прозрачност и леснотија.