За градското зеленило (2): Потенцијал за промени
25.12.2020 • Истражување Пејсаж Став
Може ли Скопје повторно да стане „зелен град“ е прашање на кое одговорот е условен од тоа дали сме подготвени да промениме многу навики, начинот на којшто ги креираме урбанистички планови и ги употребуваме правилниците. Мораме, како граѓанско крило а потоа и како професионалци, да се избориме против губењето на последните слободни простори во градот.
Во претходната објава говоревме за тековната состојба на градското зеленило, најзначајните постоечки целини, урбанизмот пред и по 90-тите, проблемите и нашиот менталитет којшто нѐ спречува во креирање подобра рамнотежа во нашата локална животна средина.
Во оваа објава ќе говориме за она што ветува подобрување на состојбата, за потенцијалот на градот и за потребата од сериозни промени во начинот на којшто делува градската власт.
ШТО Е ЗАПОЧНАТО?
Град Скопје изминатите години, во соработка со УНДП, започна со реализацијата на активностите за воспоставување Зелен катастар на јавните зелени површини во градот. Основна цел на овој проект е заштита на животната средина, подобрување на управувањето со јавното зеленило, како и зајакнување на урбаната отпорност преку собирање и анализа на просторни податоци за зеленилото.
Според соопштението на Градот од 15 јануари 2019 година, со геодетското снимање е опфатено зеленило на површина од 650 хектари. Во таа фаза, до споменатиот датум, тоа го опфаќа булеварското зеленило и парковското зеленило што е под надлежност на Град Скопје. Исто така, реализирана е т.н. инвенторизација на теренот, која подразбира попис на дрвјата и грмушките, со собирање податоци за видот на дрвото, неговата здравствена состојба, големина, ширина и неговата точна местоположба. Дотогаш биле попишани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки. Во следните фази предвидено било снимање на зелените површини на институциите што се под надлежност на Град Скопје, но до овој момент не поседуваме подетални информации како се одвива процесот тековно.
Од Зелениот катастар на Град Скопје / hortikultura.mk
Во истото соопштение за јавноста, Град Скопје најави и дополнување на катастарот со зеленилото под нивна надлежност (блоковско зеленило, зеленило под надлежност на основните училишта и градинките). Во најнапредната фаза се предвидело и отворање модул во којшто секој граѓанин ќе може да го впише и зеленилото од сопствениот двор.
Оваа интерактивна алатка треба да ја ажурира ЈП „Паркови и зеленило“ со дополнување на новото зеленило и новонасадените дрвја, додека активностите се насочени и кон заштита на постоечкото зеленило. Во соработка со Шумарскиот факултет, се работи и врз мапирање и ослободување заробени дрвја.
Овој катастар, којшто врши попис на зелениот фонд во градот, е од исклучително значење и е чекор што треба да се поздрави. Засега ваквиот тип на катастар го применува уште и Општина Кисела Вода, како и градот Кавадарци.
Во овој изминат период се преземени и следните значајни активности за подобрување на состојбата со зеленилото:
- Подигнат е паркот „Ибни Пајко“ во центарот на Скопје, со површина од 11.000 м2, којшто создаде пријатен и скриен простор среде објекти кои, пак, го дефинираат контрастот на градот од XV век до денес, како и визури кон скопската тврдина;
- Спроведен е јавен конкурс за идејни решенија за парк во Општина Карпош, на површина од околу 60 000 м2. Активностите околу подигнувањето на новиот парк се веќе започнати, но неизвесна е оправданоста на недоделувањето прво место и најавата за хибридно решение од сите наградени трудови;
- Подигнати се и други помали површини, за некои од нив сепак е нејасна иднината поради нивната урбанистичка непотврденост;
- Посадени се значителен број нови дрвореди во градот;
- Изработени се студии за зелени коридори долж реката Лепенец и реката Серава;
- Изработен е ЛЕАП (Локален еколошки акциски план) 2020 – 2026 година.
Со проф. д-р Бојан Симовски, универзитетски наставник за урбана дендрологија на Шумарскиот факултет разговаравме за придобивките од воспоставување зелен катастар и околу прашањето дали во Скопје има слободен простор за подигнување нови зелени површини
ГУП 2012 – 2022
ГУП Скопје 2012 – 2022
Со поделбата на градот на север и југ по природната линија на реката Вардар, се забележува превладувањето на површините со зеленило на северот над оние на југот. Во истиот план ги забележуваме и површините на парковите, кои ги нарековме „фатаморгана“ во претходната објава, при што се истакнува просторот на паркот кај последна 5-ка, одбележан со намена Е2, т.е. простор наменет за депо на јавниот транспорт.
Т’ГА НА ЈУГ
Она што го овозможи овој ГУП е отворањето врата на погрешните детални урбанистички планови што се реализираа, во добар дел, на југот. Единствените зелени пространства се долж кејот на реката Вардар, но веќе по нив, почнувајќи од булеварот „Илинден“ и бул. „АСНОМ“ сѐ до падините на Водно, не среќаваме ниту една доминантна зелена површина.
Тагата на југот е што и постоечките зелени пространства немаат сопствено наменско дефинирање, со што би се замрзнале „инвеститорските визии“ на општинските градоначалници.
Паркот кај последна 5-ка во Ново Лисиче, според ГУП и тековната ситуација
Таква е зелената површина која се протега во правец исток – запад среде населбите Ново Лисиче и Аеродром, која не фигурира како зеленило (инаку попишана во зелениот катастар). Тоа е во должина од 1.5 км и просечна ширина од 100 m со варијации до 150 m, а на деловите помеѓу кулите до 250 m. Во овој дел влегуваат и внатрешните зеленила во блоковите и помалите паркови. Токму ова овозможи отуѓување парцели, како онаа кај „Мајчин дом“, и продажба на уште една парцела среде споменатиот потег.
Овие грешки од ГУП 2012 – 2022 мора да се изменат во ГУП 2022 – 2032, земајќи ги предвид и површините што ќе ги образложиме во продолжение. Значи, површината наменета за зеленило да биде закон против којшто нема да може да се постапи поинаку ниту со денационализација (да се пронајде друг простор за обесштетување на овие случаи).
ПОТЕНЦИЈАЛНИ ПАРКОВСКИ ПОВРШИНИ
И покрај големите нанесени штети врз градот, сѐ уште постојат површини што во иднина може да се предвидат со намена за зеленило и рекреација. Затоа е потребна масовна граѓанска активност која ќе се испречи пред лошите предлог детални урбанистички планови.
Одредени здруженија и неформални групи веќе делуваат на сцената и ја разбираат потребата од присутност во јавниот простор. Впрочем, во ваквиот општествено одговорен активизам, се вклучува и мисијата на МАРХ, македонска архитектура.
Претходно сме говореле на темата, особено посочувајќи ги површините кои се потенцијален спас за иднината на градот на целата територија, но овој пат доминантно ќе се сконцентрираме врз јужниот дел од Скопје, каде што проблемот е значително поголем, а слободните површини пред исчезнување.
РАСАДНИК – КИСЕЛА ВОДА
Пространство кое до пред 15 години функционираше во дејноста која и самото име го посочува, но во процесот на денационализација веќе го губи својот статус.
Она што малкумина го спомнуваат, а и самите го осознавме од неодамна, е дека оваа површина е планирана за градски парк уште во урбанистичката визија за Скопје од 1965 година. Сосем независно од овој податок, врз база на лични размислувања и анализа која со животот во Скопје константно тече во заднината на секој засегнат, се јави ставот дека оваа локација е противтежа која бара развиено и квалитетно градско зеленило.
Основен план за зелени површини и рекреација 1965 год.
Овој простор е премостување на разединетата структура на општината и потенцијал да стане сврталиште на целата средина.
Расадникот 2020 год.
Расадникот како градски парк е нешто кое може да добие посебен шарм, бидејќи тука веќе има развиена форма на флора. Би можеле ли да замислиме парк којшто ќе го интегрира ова зеленило?! Со внимателен пристап, делови би се сплотиле со новопосадени садници креирајќи флорални зони. Парк со ореви, цреши, вишни, шипинки како зачуван код од минатата функција на просторот би бил легитимен урбанистички спомен. Простор каде што ќе наидеме на езерце, фино место за кафе покрај вода, можеби педалинка. Колку ваквата слика би дефинирала идентитет на општината и удобност на жителите од околните населби?!
ПОЛЈАНКА ЗАД СРЕДНОТО УЧИЛИШТЕ „ДИМИТАР ВЛАХОВ“
Меѓу пругата која води од Велес кон Скопје, кај депото на Македонски железници и средното училиште „Димитар Влахов“, се простира голема полјанка која е скриена од погледи. Од тука се простираат отворени погледи кон Водно и опкружувањето. Околу полјанката има помали формации на индивидуално домување, но нивната организација е повеќе рурална отколку градска. Потребно е целосно реобмислување на просторот којшто нема да го изостави и домувањето.
Полјанката зад СУ „Димитар Влахов“
ДРЖАВНА БОЛНИЦА
Веќе подолго време се говори за новиот клинички центар којшто треба да се пресели во Општина Ѓорче Петров. Но што со старата локација на Државната болница откако тоа ќе се случи?!
Овој простор крие потенцијал којшто треба навремено да се истражи, да се донесат заклучоци и тие да се интегрираат во ГУП, а потоа и во ДУП.
Некои од главните капацитети, се разбира, треба да останат и понатаму во дејноста на здравството, некои од објектите треба да добијат евалуација и да се задржат, но голем дел од објектите се дотраени и без посебна вредност, и може да се отстранат.
Концептот размислува за ослободување на просторот од дотраени објекти и со тоа, ослободување место каде што може да се дефинира градски парк. Просторот е во државна сопственост, па така не би постоела лажната фраза дека местото е приватно и ништо не може понатаму да се направи.
Овој парк, меѓу центарот на Скопје и Парк-шумата Водно, треба да врати барем малку површина која веќе ја изгубивме во падините со неконтролираната изградба. Потенцијал за развој на градски парк од приближно 100 000 м2 и простор за којшто отсега треба да почнеме да зборуваме, да го анализираме, да документираме и да креираме стратегија која би се реализирала по преместувањето на Клиничкиот центар. Ова е простор којшто вистински ќе придонесе во квалитетот на живеењето на околината.
СЛОБОДНИ ПОВРШИНИ ВО ЛИСИЧЕ
Во делот од населбата којшто се разви во минатото вон градските урбанистички норми, на потегот од Ново Лисиче кон исток, паралелно по течението на реката Вардар, постојат големи слободни пространства.
Густото ткаење на објектите за индивидуално домување, каде што нема ниту тротоарска површина во профилот на улиците, има потреба од повисок степен на урбанизација за да се создаде јавен простор со повисок квалитет. Овие отворени зелени острови можат да создадат простор за парк-шуми со интегрирани рекреативни содржини и по една општествена дејност, како здравствена установа, трговија, училиште и сл.
АЛУМИНА
Единствениот простор од центарот на Скопје од јужната страна на градот кон запад којшто има поголема површина и услови за развој за организирана форма на зеленило е просторот на АЛУМИНА. Меѓутоа, за овој простор одамна имаше визии кои опфаќаа изградба на облакодери и трговски центар.
Дипломски труд на Ивана Ангелова (2013 год.) којшто го третира просторот на Алумина
ШУМСКИ ОБРАЧИ ОКОЛУ ФАБРИКИТЕ
Просторот околу Цементарницата, Градинар и Охис задолжително треба густо да се пошуми со високостеблести насади или насади коишто имаат карактеристики за апсорбција на контаминираноста на почвата, на пример репка, рози итн.
ЗА СЕВЕРНАТА СТРАНА НА ГРАДОТ
За разлика од притисокот на југот, којшто е скоро целосно изграден, северот на Скопје останува послободен до границите на обиколницата. Иако тековниот ГУП на Скопје не ги третира овие простори, тие можат да станат потенцијалот на градот за балансирано планирање.
Аквадуктот 2019 год.
Од она што е третирано, се забележува нова површина во делот околу Аквадуктот (иако, на таков слободен простор, таа треба да е неколкукратно поголема), потоа обрач од североисточната страна на фабриката Железара, непосредно до гробиштата во Бутел, како и источно од Шуто Оризари. Сѐ останато вешто се манипулира преку археолошките локалитети Скупи и Кале, Градските гробишта и постоечките површини и падините на ридовите. Одбележувањето на археолошките локалитети треба да добијат посебно колористичко претставување и намена.
Ана Петровска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина во интервју за „Дома“ порачува дека подготовката на новиот Генерален урбанистички план за Скопје треба да почне со стратегија за урбано зеленило.
ГРАДОТ И ОПШТИНАТА КАКО МЕНАЏЕРИ
Она што постојано го повторуваат градоначалниците оправдувајќи се за својата немоќ е дека земјиштето е приватно. Тука постои огромен материјал за истражување, а правниот систем треба да ги провери сомнителните отуѓувања државен имот од страна на општините.
Вака презентираната летаргија на однесувањето зборува за исчезнатата визија. Градоначалниците и општините треба да владеат со просторот. Тоа значи дека просторот треба да го гледаат како ресурс. Ако еден инвеститор го набљудува просторот единствено како пари, општината треба да го демне за креирање јавни површини.
За менаџирањето на просторот, по којзнае којпат, ќе повториме дека е потребна ВИЗИЈА! Оттука произлегуваат и идеите како таа да се спроведе и правно да се реализира:
- Издвојување на површините со потенцијал за јавен простор и нивно маркирање;
- Истражување на сопственоста на овие парцели и создавање дијаграми’приватно наспроти државно‘ во зоните на интерес;
- План за компензација на друго државно земјиште со слична пазарна вредност или креирање вредност преку предвидување на површините за градба, за понудата да биде примамлива за сопственикот;
- Општински или градски завод за архитектура и урбанизам којшто ќе го менаџира процесот преку издржани предлози, ќе прави соодветни анализи и ќе презентира;
- Обединување разединети парцели во една, со цел удобно планирање на просторот (распределба на процентуалната сопственост на новата парцела);
- Создавање општинско или градско тело кое ќе го менаџира процесот меѓу сопствениците и идните инвеститори, како гарант за јавното добро и за заштита на приватниот интерес.
Аспектот на менаџирање значи да се најде начин како ќе се спроведе одреден план. Проблемот на Скопје е неговата разединетост во општини, па така делувањето е расцепкано. Уште поголем проблем е тоа што градоначалниците имаат политичка припадност, а тоа е уште една пречка за синхронизација.
Анализа низ пример на парцели и нивна можна реорганизација на база на сопственичка структура
Затоа, Градот мора да го преземе урбанизмот во свои раце, а изработката на деталните планови да биде јавен процес којшто нема да може да мине без јавен конкурс. Разработката на идејните решенија во финални, т.е нивното претворање во урбанистички планови е веќе нешто кое може да оди на тендер за доработка, а проектантите на идејното решение да бидат вклучени во процесот како консултанти.
Оттука, ингеренциите на општините во разработката на плановите треба целосно да се одземат, бидејќи се покажаа како неодговорни кон јавниот простор, како некои кои не размислуваат за контекстот на градот, ниту пак покажуваат напредна визија на просторот. Единствено што треба е да станат сервиси за одржување и менаџирање на одлуките, кои ќе доаѓаат од Градот.
За да може да менаџира со целиот простор, Градот мора да размислува „капиталистички“, бидејќи живееме во таков систем. Како што еден приватен инвеститор размислува единствено за своето лично богатење, без притоа општеството да му создаде морални и етички рамки, така Градот треба да размислува единствено за јавното добро.
Како што Градот откупува имот за реализација на сообраќајната мрежа, истото треба да го прави за реализација на зелени пространства, скверови и плоштади. Се создава перцепција дека улиците се неизбежност и за нив може да плаќаме десетици милиони евра, додека парковите – проект од 500.000 евра – веќе влегуваат во зоната на невозможна мисија. Ваквиот систем на вредности мора да се промени.
Приказ на чинење на изведба на парковски површини
ГРАДСКО ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА СТОПАНИСУВАЊЕ СО СТАНБЕН И ДЕЛОВЕН ПРОСТОР
Но како да работиме домаќински и да овозможиме полесна реализација на проектите со помалку средства?
Приватните инвеститори, кога преговараат со сопствениците на куќите, договараат компензација на простор во m2. Тоа значи дека сопствениците добиваат одредена станбена површина во склоп на новиот објект. Оттука произлегува економската логика на инвестициска вредност со пазарната вредност.
Значи, со инвестициска вредност од 300 до 500 евра обесштетувате 1000 – 1250 евра пазарна вредност. Каде е Градот во сето ова?
Предлогот размислува како Градот, при реализацијата на проектите, да стане вистински играч во процесот. Создавањето Градско јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор е возможно решение, кое ќе се занимава со изградба на простор со којшто ќе врши компензација, т.е исплата за парцелите и имотот што е во зоните од интерес.
Приказ на обештетување при експропријација преку инвестициска и пазарна вредност
На овој начин Градот ќе заштеди средства, ќе воспостави нов стандард во планирањето на станбената архитектура и ќе наметне нови стандарди.
Процесот би опфатил неколку точки:
- Дефинирање државни земјишта во рамките на градот погодни за изградба;
- Јавни повици за изработка на архитектонско-урбанистички идеен проект;
- Изработка на урбанистички план;
- Изработка на основен проект:
- Изведба
Овој простор не би можел да биде предмет на продажба, за Градот да не игра улога во наметнувањето на цената; единствено би можел да врши компензација на сопственост. Од тој момент, единствено физичкото лице ќе може да одлучи дали ќе го задржи тој имот и ќе стопанисува или ќе го продаде на трето лице.
Референдум за паркови
Зеленилото и јавните површини треба да добијат посебен акт за заштита. Оттука треба сѐ да почне, наместо обратното планирање – остатоците од парцелите што се некорисни и неатрактивни да ги манипулираме со неколку квадратни метри тревник и неколку грмушки.
Во целата стратегија, особено во правилниците, треба да исчезнат покривите, да се вратат рамните проодни тераси како јавна површина, зелените покриви и фасади. Комуналиите на последниот кат да се еднакви на 20 %, како што претходно се пресметуваа поткровјата. Да се врати белегот на скопската станбена архитектура (проодните тераси).
11 Октомври – згради во 60-тите години на XX век / Од изданието „Пелагонија“, фотографи: Благоја Дрнков, Киро Георгиевски, Ристо Стојковски
Со опсежна стратегија за озеленување на Скопје, треба да се донесе детално планирање на зелената идеја за градот. Оттука, зошто со помош на државата и кредит од претпоставени 50 – 100 милиони евра (прашање кое можеме да го поставиме и на референдум), Скопје да не го реши трајно проблемот со недостигот од паркови? Со тие средства може да се реализираат сите точки и предлози погоре наведени во текстот, а резултатот ќе е траен по квалитет на живеењето, воздух и животна средина.
Паркот кај скопската тврдина
За сѐ постои решение, прашањето е – колку сме подготвени да го постигнеме?
Оваа содржина е изработена за онлајн платформата „Дома“ на Институтот за комуникациси студии во соработка со веб-страницата „Македонска АРХитектура“ (МАРХ) во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада.
Автор: Филип Конески
Фотографии: Филип Конески, Борис Јурмовски
Графички прилози: Мартина Штериова, Љубен Трајаноски, Мартин Ефремовски, Филип Конески
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска
Автор на статија: Filip Koneski
Ана Петровска / Град Скопје / Државна болница / Зелен катастар / Зелени површини / ИКС / Институт за комуникациски студии / Нови иницијативи / Нови паркови / Парк шуми / Потенцијал / проф. д-р Бојан Симовски / Расадник